Министерството за надворешни работи на Бугарија во соопштение за предлогот на француското претседателство со ЕУ, бара парламентарната Комисија за надворешна политика веднаш да свика состанок со учество на ова министерство, на кој ќе се разговара за сите достапни документи за Македонија за да се формулира заедничка бугарска позиција, со цел да се утврдат следните дејствија на бугарската дипломатија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, во документот се прецизира дека доколку тоа не се случи што е можно поскоро, бугарското Министерство за надворешни работи ќе има мандат само да се придржува до Рамковниот став, Декларацијата на Парламентот од 2019 година и до заклучоците на Советодавниот совет за национална безбедност од 2022 година. Во документот се забележува дека нивната содржина не соодветствува целосно со „францускиот предлог“.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија појаснуваат дека врз основа на документите предложени од француското претседателство и извештајот на Министерството за напредокот на преговорите и фазата постигната во нив, нацрт-билатералниот протокол е испратен до Комисијата за надворешна политика, заедно со писмо во кое се објаснува неговата содржина, но оти по 19 часот во петокот немаше кој да ги однесе овие документи во канцеларијата на Народното собрание на Бугарија. Од Министерството појаснуваат дека бараниот нацрт-протокол може да го достават и денеска, недела.
Во соопштението за медиумите се вели и дека во оваа фаза повеќе не постои објективна можност да се исполнат краткорочните критериуми утврдени во Рамковната позиција до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ, кое истекува на 30 јуни.