Реакции по доделувањето орден за француската амбасадорка во Софија од страна на претседателот на Бугарија, Румен Радев
Потврда за добрата француско-бугарска врска е неодамнешното одликување на француската амбасадорка во Софија, Флоренс Робин, од страна на бугарскиот претседател Румен Радев, со орденот Мадарски коњаник од прв ред, како награда за нејзините големи заслуги за зајакнување и развој на бугарско-француските односи. Бугарскиот претседател се заблагодари за исклучително активната и плодна активност на Флоренс Робин за време на француското претседателство со Советот на Европската Унија во првата половина од годинава, кога се придонесе за разјаснување на бугарската позиција во односите со Македонија
Ниту неколку месеци по прифаќањето на таканаречениот француски предлог, во земјава не стивнуваат реакциите и противречностити искажувани во јавноста и на медиумските форуми, судирот во и надвор од институциите, како и чувството за последиците што тој ги предизвикува, почнувајќи од дополнителните внатрешни поделби во македонското општество, преку провокациите со отворањето на бугарските клубови со имиња на контроверзни личности, до целосната контрола што ја доби официјална Софија врз македонските евроинтеграции.
Француско-бугарскиот предлог е далеку од епитетот европски
Сето ова говори дека овој француски предлог е далеку од европски како што европските претставници се обидуваат да го претстават. Да е тој педантно скроен, да е симетричен по принципите на меѓународното право, со уважување на обете засегнати страни во меѓународноправните рамки, врз основа на демократски вредности, признавање и прифаќање на една историска реалност, тогаш тој „добрососедски“ договор би можел да го носи овој епитет. Вака, сѐ повеќе е очигледно дека во клубот на посилните, помоќните, повеќебројните и побогатите е сочинет договор што е повеќе од извесно дека е плод на интензивна дипломатска работа на релацијата Софија – Париз, која, всушност, резултира со бугарски предлог завиткан во француска обланда.
И додека македонската дипломатија стоеше по страна и очекуваше некој однадвор да го реши проблемот со бугарското вето, потпирајќи се само врз клаузулите и регулативата на меѓународното право, се покажа дека старата бугарско-француска врска на некој друг, паралелен колосек, сè уште добро функционира и дека Македонија повторно е само обичен набљудувач на настаните во кои се решава нејзината судбина.
А токму една јавна потврда за добрата француско-бугарска врска е неодамнешното одликување на церемонија во Софија, на француската амбасадорка во Софија, Флоренс Робин, од страна на бугарскиот претседател Румен Радев со орденот Мадарски коњаник од прв ред, како награда за нејзините големи заслуги за зајакнување и развој на бугарско-француските односи.
Дипломатите добро си ја завршиле работата со таканаречениот француски предлог
Бугарскиот претседател се заблагодари за исклучително активната и плодна активност на Флоренс Робин за време на француското претседателство со Советот на Европската Унија во првата половина од годинава, кога се придонесе за разјаснување на бугарската позиција во односите со Македонија.
– Интензивното француско-бугарско партнерство, засновано на длабоки историски корени и доверба, е резултат на доследните напори на генерации дипломати, политичари, претприемачи, архитекти, научници, наставници, уметници, граѓани на двете земји – рече Радев при врачувањето на орденот за Робин.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека одликувањето што Радев ѝ го доделил на француската амбасадорка во Бугарија е доказ дека дипломатите добро си ја завршиле работата со таканаречениот француски предлог.
– Јасно е дека амбасадорката си го одработила своето, исто како што си го одработил и амбасадорот во Скопје, меѓутоа нашите не се доволно храбри да признаат, од очигледни причини, дека тие биле вклучени во процесот цело време и знаеле за содржината на тој предлог – вели Боцевски.
Тој останува на ставот дека предлогот е работен билатерално, а француската врска е за да се даде легитимитет на предлогот.
– Предлогот бил преговаран билатерално во траење од најмалку шест месеци, ако не и повеќе и на крајот е спакуван во француска обланда за да му се даде поголем легитимитет и затоа што е потешко да се напаѓа Франција отколку да се напаѓаат двајца премиери – категоричен е Боцевски.
Јавна благодарност на Софија кон Париз
За првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, симптоматично е тоа што Бугарија успеа да издејствува вклучување на сите нејзини барања во францускиот предлог.
– Ваквата јавна „благодарност“ кон амбасадорката неодоливо потсетува на оние дејанија кога поранешните функционери на ФИФА (Фудбалската асоцијација на глобално ниво), пред десетина години одлучуваа Светските првенства во 2018 и 2022 година да се одржат во Русија и во Катар. Веднаш по објавувањето на ваквиот исход се појавија шпекулации за корупција во процесот, а во меѓувреме повеќето од тие лица се отстранети од фудбалот, а голем дел се под истраги или веќе осудени за коруптивни дејства во однос на тој избор. Но тоа што Бугарија успеа да издејствува сите нивни барања да се најдат во т.н. француски предлог, и покрај тоа што дел се против правилата на ЕУ, а повеќето ги прекршуваат основните вредности на ЕУ, отвора сомнеж за мотивите на таквото дејствување – вели Кржаловски.
Тој потсети и на случајот со блокадата од страна на Словенија на Хрватска во врска со Пиранскиот Залив, која беше отстранета по договорот за арбитража, при што повторно се потврди дипломатската вмешаност во нечија полза.
– Да не заборавиме, во случајот на словенечката блокада за Хрватска (за Пиранскиот Залив), откако се договори да има меѓународна арбитража за случајот (а за да се откочат преговорите за членство), подоцна се заклучи дека словенечки дипломати директно влијаеле на членови на Арбитражната комисија, да донесе решение во нивна полза – потсети Кржаловски, јасно ставајќи до знаење дека признанијата на дипломатите, во разни форми, следуваат откако добро ќе ја завршат својата работа.