Многубројните историски сведоштва потврдуваат дека во Македонија се одвивал процес на бугаризација, процес што требало да ги оправда бугарските територијални претензии над Македонија. Во овој контекст се и пишувањата на В.Х. Крафурд Прајс. Споменатиот автор во 1915 година го објави памфлетот „Интервенцијата на Бугарија и централното македонско прашање“ со намера да ја запознае пошироката европска јавност за бугарските територијални апетити над Македонија. Од денешна перспектива, памфлетот на Прајс е интересен од неколку агли, особено за намерите за бугаризација на Македонија
Од историските архиви: За третманот на бугарската држава над Македонците и Македонија
Во светските архиви постојат голем број книги, памфлети и статии што определуваат дека во последните децении на 19 век, Македонија била подложна на еден бугарски агресивен шовинистичко-хегемонистички инженеринг. Многубројните историски сведоштва потврдуваат дека во Македонија се одвивал процес на бугаризација, процес што требало да ги оправда бугарските територијални претензии над Македонија. Светската архивската граѓа вели дека бугарските национални чувства кај еден дел од Македонците, во почетокот на 20 век, биле резултат на политичко-религиозната пропаганда, пропаганда што била поддржувана, финансирана и насочувана од Софија.
Во овој контекст се и пишувањата на В.Х. Крафурд Прајс. Споменатиот автор во 1915 година го објави памфлетот „Интервенцијата на Бугарија и централното македонско прашање“ со намера да ја запознае пошироката европска јавност за бугарските територијални апетити над Македонија. Од денешна перспектива, памфлетот на Прајс е интересен од неколку агли, особено за бугаризацијата на Македонија.
Санстефанска Бугарија
В.Х. Крафурд Прајс, како познавач на политичките состојби на Балканот, вели дека кога придушените ѕвона на историјата започнале да го одѕвонуваат крајот на турското владеење во Европа, Русија им ја подарила независноста на Бугарите, им наложила да ги свртат погледите кон запад и да ги одвратат „македонските Словени од грчкото влијание“.
Според авторот, Царска Русија ги избрала Бугарите и ја окупирала нивната територија, бидејќи географски биле поблиску до неа и поблиску до нејзината сфера на политичко влијание. Русија им подарила нејасна независност на Бугарите, им дала руска воена и цивилна администрација и направила сѐ што е во нејзината моќ да го прошири бугарското кнежевство кон запад, односно кон Македонија.
Со договорот од Сан Стефано, во 1878 година, Царска Русија ѝ доделила на Бугарија огромна територија, вклучувајќи ја и Централна Македонија. Велика Британија го поништила договорот и бугарското кнежевство се состоело од границите што ги уживало до 1908 година. Прајс вели: „Но во умот на Бугарите, Сан Стефано ги истакна нивните вистински граници, па дури и во 1913 година тие беа поставени како сегашна цел на бугарската амбиција“.
Прајс исто така вели дека соседите на Бугарија биле оставени сами на себе, да се мачат да ја консолидираат самоосвоената слобода, а Бугарите помагани од рускиот цар, започнале со „бугаризација на Македонија“.
Бугарската пропаганда во Македонија
Во раните шеесетти година на 19 век, руската царска влада презела активност што резултирала со основање расколничка православна црква, која е позната како Бугарска егзархија. Според Прајс, барањето за нова православна црква било одобрено од турската власт затоа што кон Србите и Грците гледале со недоверба, како кон народи што биле опасни револуционери. Турците во егзархијата препознале средство за намалување на грчкото и српското влијание, како и средство за предизвикување раздор помеѓу балканските народи.
Според Прајс, Србите не ја препознале заканата од егзархијата, бидејќи „Бугарите во тоа време беа само племе за кое се чинеше дека веројатно на крајот ќе стане дел од српското кралство“. Српскиот владетел Михајло, дипломатски го поддржал предлогот и го испратил својот најенергичен пропагандист, Хрватот по име Верковиќ, кој во Македонија дејствувал во полза на бугарската кауза.
Крафурд Прајс истакнува дека кога била создадена егзархијата „брзо се разви во инструмент на бугарската пропаганда.“ Според авторот, вистинското лице на егзархијата било национализмот, таа не била верска институција и затоа таа станала авангарда на бугаризмот во Македонија.
Прајс заклучува дека Бугарија максимално ја искористила поволната ситуација што ѝ била создадена. Во Македонија, на словенските селани им бил даден избор на образование во грчките патријаршиски или бугарски егзархиски училишта, со што „Централна Македонија беше бугаризирана“.
За националноста на Македонците
Според авторот, Турците еден дел од османлиските поданици ги попишувале како Бугари, а ова решение не само што им било наметнато од дипломатските претставништва на големите сили туку и, бидејќи турската националност е заснована на религијата, македонскиот селанец бил именуван како Грк или Бугарин врз основа на училиштата во кои се школувал. Прајс посочува дека многупати се случувало меѓу членови на една семејство да се најдат и Грци и Бугари.
Од сопствено искуство, Прајс вели дека македонскиот Словен има афинитети и кон Србинот и кон Бугаринот. Тој е категорично човек без длабоко чувство за националност, кој може да биде „асимилиран од Бугарите“ и „асимилиран од Србите“. Затоа заклучува дека македонските Словени претставуваат трнлив, комплициран проблем.
Тој вели дека не треба да им се верува на извештаите на странците што ја посетувале Македонија, затоа што тие секогаш ја обиколувале во придружба на Србин, Бугарин или Грк и честопати нивните видувања за националноста на Македонците се одразувале во пишувањата на странците, спротивно од вистинските национални чувства на народот.
Бугарските тврдења немаат историска основа
Крафурд Прајс вели: „Централна Македонија одамна била мека на бугарската амбиција.“ Таа е земја населена со раса Словени, кои им биле потчинети на Грците, Бугарите, Србите и Османлиите. Според авторот, бугарските историските тврдења како оправдување за претензиите над Македонија немаат основа. Македонија во почетокот на седмиот век била населена од словенските племиња. Во различни епохи на историјата, Македонија била под туѓа власт, но Бугарите никогаш не успеале да создадат некаков степен на трајност на нивната окупација.
Бидејќи Бугарија не можела да ги докаже своите тврдења дека македонските Словени се од бугарска раса, ја променила својата реторика пред европската дипломатија. Според Прајс, сега сѐ почесто се искажувала „желба за задоволување на бугарските национални аспирации над Централна Македонија“.
Прајс вели дека веројатно Бугарите разбрале дека е полесно да се именува Македонецот како Бугарин, отколку тоа да се докаже, затоа националноста на Македонецот во голема мера се игнорира и од нас се бара да му го предадеме Македонецот на царот Фердинанд поради неговото бугарско национално чувство на Македонецот, кое е создадено со бугарската пропаганда.
Според авторот, бугарската промена на аргументот е здраворазумна, дури и од чисто бугарска гледна точка, меѓутоа потенцира: „Но прашање е дали таа дава поцврсти причини за нарушувањето на постојното статус кво на Балканот од нејзините пошовинистички претходници“. Тој исто така вели дека неодамнешната промена во тонот на „бугарофилските написи сугерира дека аргументите што може да се изведат за да се докаже дека македонскиот Словен е Бугарин се, во најмала рака, спорни“.