Индикативно е што измените на Законот за државјанство во Бугарија се случуваат кога Македонија е под бугарски и европски притисок да спроведе измени во својот устав за да ги внесе Бугарите како дел од народ (всушност малцинство) во преамбулата. Во тој контекст, лесно може да се претпостави дека измените на бугарскиот закон за државјанство имаат цел да влијаат и во македонскиот политички амбиент, особено врз политичарите што треба да донесат одлука за уставните измени во Македонија, за кои од бугарска страна се алудира дека (можеби) имаат и бугарско државјанство
Бугарија со нов „креативен“ модел на притисок и уцена кон некои носители на јавни функции во Македонија
Бугарските политичари се потрудија да ги „разгласат“ како закана од пошироки размери измените на нивниот закон за државјанство, кои го поминаа првиот филтер во Собранието на Бугарија. Законските измени, кои според иницијаторите во бугарското собрание треба да предизвикаат „вознемиреност и страв“ во македонскиот политички амбиент, се однесуваат на иницијативата во Бугарија јавно да се објавуваат имињата на сите што добиле бугарско државјанство.
Измените, кои се предлог на лидерот на Преродба, Костадин Костадинов, предвидуваат регистарот на сите што имаат бугарско државјанство да биде јавен, а јавна да биде и церемонијата за доделување бугарски документи. Предлог-измените со 174 гласа за и шест воздржани поминаа на првото читање во бугарското собрание, а би стапиле во сила по второто читање и гласањето за нив.
– Се предлага сите укази со кои се добива, востановува, ослободува или лишува од бугарско државјанство да бидат објавени во „Службен весник“. На тој начин ќе му се даде можност на општеството да биде информирано. Се предвидува и лицата што добиле бугарско државјанство да ги добијат уверенијата на посебна официјална процедура – ја претстави процедуралната суштина на предлогот Марин Маринов, пратеник од ГЕРБ-СДС.
Смислена тенденција да се избламираат македонски носители на јавна власт
Предупредувачкиот тон на информацијата за измените на законот што се подготвуваат во Бугарија се чини дека е тенденциозно насочен спрема Македонија, особено спрема политичарите за кои бугарската страна честопати сугерира дека имаат бугарски пасоши. Еден од најгласните е бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој вели дека во Македонија има 120 илјади граѓани што добиле бугарски пасош, а меѓу нив има многу бивши и актуелни политичари, пратеници, министри, јавни личности… Според него, со измените на Законот за државјанство и преку јавната објава на имињата, тие наводно ќе биле заштитени од говор на омраза и дискриминација во Македонија.
Индикативно е што измените на Законот за државјанство во Бугарија се случуваат кога Македонија е под бугарски и европски притисок да спроведе измени во својот устав за да ги внесе Бугарите како дел од народ (всушност малцинство) во преамбулата. Во непринципиелната кампања што Бугарија континуирано ја спроведува во последниве три години, блокирајќи го почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, редовно оперира со обвинувања за говор на омраза и дискриминација на оние што се изјаснуваат како Бугари во Македонија.
Особено контроверзно во ваквата политика на притисок што Бугарија ја спроведува спрема Македонија е што во нивната перцепција за „бугарско малцинство“ во Македонија не се само оние 3.504 македонски граѓани што се изјасниле како Бугари на последниот попис од 202 година1, туку бројката од повеќе десетици илјади од Македонија, на кои во текот на изминатите 15-20 години им доделиле бугарски пасоши. Навистина, бројката на Македонци со бугарски пасоши не е прецизно утврдена, па бугарските политичари манипулираат со бројки од 80.000 до 120.000 државјанства.
Секако, на сите во Македонија, Бугарија и на оние што се заинтересирани за овој билатерален проблем во ЕУ им е јасно дека најголемиот број од тие бугарски пасоши, иако е многу далеку помалку од споменатата бројка, од страна на македонските граѓани се земени од економски причини, за полесен пристап на пазарот на трудот во ЕУ. Но, Бугарија бескрупулозно ја злоупотребува својата позиција на земја-членка на ЕУ за непринципиелни уцени со национални асимилаторски намери спрема Македонија, а самата ЕУ го толерира тоа, правејќи се дека не ја гледа суштината.
Затворањето на очите на ЕУ
Најконтроверзниот момент, кој ЕУ се прави дека не го гледа, е фактот дека Бугарија не го признава постоењето на македонскиот народ и неговите посебни национални атрибути, а бара во Уставот на Македонија да бидат внесени Бугарите како малцинство, според бројката на издадени бугарски пасоши.
Во тој контекст, лесно може да се претпостави дека измените на бугарскиот закон за државјанство имаат цел да влијаат и во македонскиот политички амбиент, особено врз политичарите што треба да донесат одлука за уставните измени во Македонија, за кои од бугарска страна се алудира дека (можеби) имаат и бугарско државјанство.
– Не верувам дека менувањето на Законот за државјанство во Бугарија ќе има некакво значење и влијание од однесувањето и одлучувањето во македонскиот политички простор. Секако, тоа не ја исклучува големата веројатност дека и менувањето на тој закон во Бугарија, во насока на јавно објавување на државјанствата што ги доделуваат, да е дел од добро смислена стратегија за „предупредување“ на македонските политичари што можеби имаат и бугарско државјанство. Предупредување во смисла да не зборуваат против Бугарија како држава. Проблемот на бугарската политика е во тоа што не сакаат да разберат дека во Македонија не постои некаков исконски анимозитет и говор на омраза спрема Бугарија и Бугарите. Отпорот за уставните измени е поради небулозно претенциозниот однос на бугарската политика спрема Македонија и автентичното постоење на македонскиот народ – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Пекевски: Не сметам дека треба да се стигматизираат македонските граѓани што имаат бугарски државјанства, од какви било причини, па дури и да се политичари
Во однос на дебатата во македонскиот јавен простор за некакво лицемерство на политичарите што евентуално имаат и бугарски пасош, а се изјаснуваат против уставните измени, Пекевски смета дека самата таа логика е лицемерство на оние што ја пласираат.
– Не сметам дека треба да се стигматизираат македонските граѓани што имаат бугарски државјанства, од какви било причини, па дури и да се политичари. Националнополитичките прашања и интереси бараат одговорност над личните интереси, а уставните измени што се бараат од Македонија се на линијата на загрозеност на државната и националната сувереност. Впрочем, во Македонија нема само граѓани со двојно државјанство, кое е исклучиво бугарско. Познато е дека македонски граѓани имаат и косовско, албанско, грчко државјанство, т.е. од држави со кои Македонија има(ла) сложени билатерални прашања. Дебатата за лицемерството на политичарите што можеби имаат бугарски државјанства е во суштина лицемерна од оние што ја отвораат – смета Синиша Пекевски.