Бугарски интелектуалци ја разобличуваат бугарската експанзионистичка политика кон Македонија

Повеќе историски извори потврдуваат дека кон крајот на 19 век, надворешната политика на бугарската држава се карактеризира со експанзионизам, што е особено карактеристично кон Македонија. Но во тоа време се јавиле редица бугарски интелектуалци, меѓу кои Јанко Саказов, Никола Габровски, Георги Бакалов, Никола Харлаков, Павел Делирадев и други, што јавно ја критикувале бугарската надворешна политика, со акцент на политиката кон т.н. македонско прашање. Ставовите и мислењата на споменатите бугарски дејци се значајни затоа што се во расчекор со официјалната бугарска политика и пропаганда и реално ги осветлуваат историските настани од македонското минато

ОД ИСТОРИСКИТЕ АРХИВИ

Повеќе историски извори и сведоштва потврдуваат дека кон крајот на 19 век, надворешната политика на бугарската држава се карактеризира со експанзионизам, а тоа е особено карактеристично за бугарските активностите кон Македонија. Историографијата бележи дека на преминот кон 20 век, бугарската државана политика е инспирирана од т.н. санстефански идеал, односно од санстефанска Бугарија или велика Бугарија, замислена држава од Црно Море до Охридско Езеро. Оваа националистичка политика била поттикнувана од кнежевскиот двор и бугарските влади, а агресивната политика наишла на добар прием кај тогашното бугарско општество.
Но историски извори исто така посочуваат дека во рамките на политичко-општествениот живот на тогашна Бугарија постоеле одредени несогласувања, ставови и мислења за оваа бугарска освојувачка политика.
Опозициското настроение особено се забележувало кај претставниците на многубројната македонска емиграција во Бугарија, но и кај некои од бугарските интелектуалци и политички активисти. Меѓу нив биле и Бугарите Јанко Саказов, Никола Габровски, Георги Бакалов, Никола Харлаков, Павел Делирадев и други. Неколку историски документи покажуваат дека тие јавно и потајно ја критикувале бугарската надворешна политика, со акцент на политиката кон т.н. македонско прашање. Ставовите и мислењата на споменатите бугарски дејци се значајни затоа што се во расчекор со официјалната бугарска историографија и реално ги осветлуваат историските настани од македонското минато. Карактеристичен пример за споменатото опозиционерство се активностите на Георги Бакалов, кој уште во 1900 година ја разобличуваше бугарската надворешна експанзионистичка политика.

Кој е Георги Бакалов?

Бакалов е истакнат бугарски литературен критичар, публицист и историчар. Со средно образование се стекнал во Пловдивската гимназија, а потоа заминал на студии во Женева, Швајцарија. По враќањето во Бугарија учествувал во бугарското работничко движење, а во одреден период бил и член на Централниот комитет на бугарската социјалистичка партија. Во 1905 година ја предводел т.н. анархолиберална групација, поради што бил исклучен од партијата. Поради политичките убедувања бил прогонуван од владата на Александар Цанков, поради што бил принуден да емигрира во Советскиот Сојуз. Во 1932 година бил избран за дописен член на Академијата на науките на СССР за научни и книжевно-критични трудови. По враќањето во Бугарија бил уредник на неколку списанија. Негови значајни дела се „Иван Вазов и социјализмот“ (1909), „Бугарска литература и социјализам“ (1911), „Разговори за уметноста“ (1924), „Христо Смирненски“ (1925), „Од Пушкин до Смирненски“ (1937 г.) и сл.
Георги Бакалов одржувал контакти и соработувал со дејците на македонското револуционерно движење. Тоа е особено очигледно во писмото на Васил Главинов од 1895 година. Главинов во споменатото писмо до Бакалов истакнал: „Нашите другари се на мислење да се издава еден весник… кој треба да проповеда и докаже дека Македонија е за Македонците, да докаже дека Македонците не сакаат присоединување кон никого, да остане за себеси, Македонија за Македонците…“

Како Бакалов ја разобличуваше бугарската освојувачка политика

Ставот на Георги Бакалов кон тогашната бугарска надворешна политика и македонското прашање е очигледен во неговата брошура „Претендентите за Македонија“. Спомената брошура за првпат била објавена во руско списание, каде што била сместена како кореспонденција од Софија, а подоцна и како одделно издание во Варна. Поради одредени причини, Бакалов не се потпишал со вистинското име и презиме, туку со псевдонимот Дионисии Григориев.
„Кај нас има различни погледи за политиката што Бугарија треба да ја води по прашањето за Македонија. Најсилното течение е она што се изразува во борбата со Србите и кое ние ќе го наречеме националистичко. Теориските претпоставки на тоа течение се: Македонските Словени се Бугари. Тие самите го изјавуваат тоа. Тоа се поддржува и од патописци, кои ги изучуваат јазикот и обичаите на Македонците“, пишува Бакалов.
Според авторот, бугарските националисти изјавувале дека ако Македонија е признаена од Европа за бугарска земја, тогаш останува уште да се најдат средствата и патиштата по кои ќе се стекне нејзиното присоединување кон Македонија. Пред сѐ, кај Македонците треба да се развиваат симпатии кон Бугарите. Тоа се случило со културна работа, со отворање цркви и училишта, под водство на бугарскиот егзарх во Цариград, посочува Бакалов.
Бакалов акцентира дека сосема спротивно на тоа националистичко течение е течението на сепаратистите. „Тоа течение е уште ново и младо, но по сѐ изгледа дека тоа треба да има иднина. Несомнен факт е дека тоа течение постои во самата Македонија. Владиниот орган (сега опозициски) неодамна пишуваше за причините да се затвори битолската гимназија и обвинуваше еден дел од месната македонска интелигенција за сепаратизам, кој се пројавувал во стремежот од сите места во егзархијата и учебното дело да се отстранат сите оние Бугари што се родени во кнежевството и да се заменат со Македонци“, пишува Бакалов.

Ставот за Македонците

Во споменатата брошура, Бакалов вели дека ако најголемиот дел од словенското население во Македонија ги симпатизира Бугарите, причината не лежи во јазикот, таква блискот има и меѓу српскиот и бугарскиот јазик, туку во постоењето на некои историски факти.
Бакалов посочува: „Како прво, извесна солидарност меѓу тие два народа се разви уште под турското ропство, кога Македонците и Бугарите од сегашното кнежевство водеа општа борба против грчкиот патријарх. А уште повеќе симпатии Бугарија спечали по војната, кога поради недостиг од чиновници почна во служба да прима Македонци: една третина од сите бугарски чиновници се Македонци. Во бугарската војска има повеќе од 300 офицери Македонци. Ако Србија беше гостопримлива кон Македонците, таа ќе ги спечалеше нивните симпатии… Освен тоа, секоја година од Македонија излегуваат 80.000 работници, кои се прснуваат низ целиот полуостров и бараат работа. Најголемиот дел од нив оди во Бугарија. Се разбира дека причините за симпатиите на Македонците кон Бугарите треба да се бараат во тие реални односи, а не во етнографската општост“.

За македонското прашање

Критикувајќи ја бугарската надворешна политика, Бакалов вели дека тоа лошо ќе се одрази врз политичкиот и економскиот развој на Бугарија. „Ние немаме никаков интерес да создадеме непријатели од Србите, Грците и Романците. Напротив, за нас е неопходно да имаме заемно разбирање со тие народи и да создадеме сојуз за општа одбрана против секакво надворешно мешање“, пишува Бакалов. „Најразумно решение за македонското прашање е согласност меѓу заинтересираните балкански држави за неутралитет Македонија за Македонците – ете каква треба да биде девизата на таа политика“, нагласува авторот.
Според Бакалов, бугарските националисти не сакаат автономија за Македонија, но, сепак, тие во таа автономија гледаат како на преодна фаза. „Бугарската влада и општество треба да се откажат од сите завојувачки намери и да им предложат на заинтересираните страни да постигнат еден договор, со кој сите заинтересирани балкански држави ќе се откажат од понатамошни претензии“, пишува Георги Бакалов. Според него, таквата согласност би отворила нова ера во Бугарија и би го олеснила решавањето на источното прашање преку една балканска федерација, во која Македонија би влегла како автономна единица. Д. Ст.