Веќе цела година гледачите во Македонија преку операторот А1 и „Макс ТВ“ на „Македонски телеком“, во кој и државата има свој удел, можат да ја следат програмата на сателитскиот канал на бугарската национална телевизија БНТ 4 без превод на македонски јазик, но со многу антимакедонска содржина. На оваа телевизија редовно македонските револуционери Дамјан Груев, Гоце Делчев, Питу Гули се Бугари, освен тоа, има обиди за преиначување на македонската историја, како и препевање на македонските песни, прекрстување на македонските градови и нивно претставување како бугарски
Веќе цела година, гледачите во Македонија, преку операторот А1 и „Макс ТВ“ на „Македонски телеком“, во кој и државата има свој удел, можат да ја следат програмата на сателитскиот канал на бугарската национална телевизија БНТ 4, без титла на македонски јазик, но со многу антимакедонска содржина.
На оваа телевизија редовно македонските револуционери Дамјан Груев, Гоце Делчев, Питу Гули се Бугари, освен тоа има обиди за преиначување на македонската историја, како и препевање на македонските песни, прекрстување на македонските градови и нивно претставување како бугарски.
А сѐ започна во името на некаква добрососедска соработка. Станува збор за договор меѓу двете соседни држави, според кој, првично и програмата на Македонската телевизија требало да се емитува во Бугарија, но до тоа не дојде.
Се обративме до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за одговор на прашањето зошто не функционира договорот за реципрочно емитување и на македонската телевизија во Бугарија, договорен на највисоко ниво во март, и дали и за телевизиите од регионот што ги следиме (РТС, ХРТ и други) важат истите законски обврски?
– Македонската регулатива не утврдува обврска за операторите на јавни електронски комуникациски мрежи задолжително да обезбедат превод на македонски јазик на странските програмски сервиси што ги реемитуваат, односно тие можат да се реемитуваат само на јазикот на којшто се оригинално произведени. Доколку овие програмски сервиси се титлуваат, во согласност со членот 64 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, тогаш титлувањето задолжително треба да биде на „…македонски јазик или на јазикот на заедницата која не е во мнозинство, а го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија“. Ова важи еднакво и за БНТ4 и за РТС и за ХРТ, како и за сите странски програмски сервиси што се реемитуваат кај нас (на пример Си-ен-ен, Би-би-си, Дојче веле) – велат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Што се однесува до реципроцитетот, АВМУ нема надлежност да следи во кои држави се реемитуваат македонските телевизии, а во случајот за реципрочно емитување на македонскиот јавен сервис во Бугарија надлежна е Македонската радио-телевизија.
Иако сѐ уште не сме добиле официјален одговор од надлежните во МРТ по ова прашање и покрај ветувањето дека тоа ќе биде сторено во најкраток можен рок, неофицијално дознавме дека во МРТ им било кажано да го кренат сигналот над Европа, односно секоја држава што сака да може бесплатно да го емитува македонскиот канал. Но, наводно, немаат можност да проверат кој од бугарските оператори го пренесува македонскиот канал.
Во македонската владата се свесни дека МТВ САТ не се емитува на ниту еден оператор во Бугарија, но и покрај тоа ќе се заложеле, во духот на „унапредената соработка“ со Бугарија да поттикнат радиодифузерите и продукциите да нудат содржини и на тамошниот пазар, но потенцираат дека тие мора да бидат ослободени од говор на омраза и да промовираат соработка и добрососедство.
Дисбалансот и различните критериуми очигледно се применуваат во сите области во кои станува збор за некаква (не)соработка меѓу македонската и бугарската страна. М.Т.