Народното собрание на Бугарија денеска како прва точка од дневниот ред ќе расправа за усвојувањето одлука со која се одобрува предлогот на француското претседателство со ЕУ за преговарачка рамка за Македонија и Албанија, јави дописникот на МИА од Софија.
Повеќе од три и пол часа членовите на парламентарната Комисија за надворешни работи синоќа дебатираа за трите предложени решенија. Не успеаја да ги спојат предлозите во еден, но го поддржаа предлогот на Демократска Бугарија и Христо Иванов.
Главниот аргумент на владејачката Продолжуваме со промената да не ги поддржи другите две предлог-одлуки е да нема шпекулации дека гласале заедно со ГЕРБ и Движењето за права и слободи.
Има таков народ, БСП и Преродба рекоа дека нема да ја поддржат одлуката бидејќи се разликува од она што досега го усвои бугарскиот парламент.