Марко Лерински

Внатрешната организација ги освоила срцата не само на народните маси во Македонија туку и на многумина Бугари од Бугарија. Меѓу Бугарите што ѝ се приклучиле на македонската револуционерна борба е и Георги Ѓуров, познат и како Марко Лерински, кој останува запаметен како човекот што го даде својот живот за политичката слобода на македонскиот народ и Македонија

Повод: 163 години од раѓањето на војводата Марко Лерински

Идеолошката поставеност на македонското револуционерно движење беше магнет за поединците што се одликуваа со слободарски дух, па оттука на македонското ослободително движење му се приклучија многу личности што не потекнуваа од Македонија, но веруваа во правичноста на борбата за македонска слобода. Затоа Туше Влахов во својата книга „Кукуш и неговото минато“ нагласува дека со своите тенденции Внатрешната организација ги освоила срцата не само на народните маси во Македонија туку и на многумина Бугари од Бугарија. Меѓу Бугарите што ѝ се приклучиле на македонската револуционерна борба е и Георги Ѓуров, познат и како Марко Лерински, кој останува запаметен како човекот што го даде својот живот за политичката слобода на македонскиот народ и Македонија.

Македонското движење е магнет за луѓето со слободарски дух

Македонското револуционерно движење се оформува во периодот помеѓу 1893 и 1898 година. Во тој временски интервал движењето веќе било обликувано како автохтона идеологија врз основа на веќе изразените македонски стремежи за Македонија како нешто посебно и различно од соседните држави и народи. Не случајно Симеон Ефтимов во својата книга „Македонците и политичките борби во Бугарија“, објавена во 1926 година, вели дека Внатрешната организација самостојно изникнала среде македонското население, како и дека се крепела врз македонското население, залагајќи се за „политичка и културна автономија за Македонија“. Истиот автор исто така нагласува дека Внатрешната организација била „обвинувана за недостаток на бугарски патриотизам и недостаток на преданост кон бугарските национални идеи“. Во контекст на идеолошката поставеност, Ефтимов исто така вели дека на „Внатрешната организација не треба да се гледа како на класна туку како на национална организација, која ги обединувала сите жители на Македонија“.
Покрај идеолошкиот стремеж за политичка и културна слобода на Македонија и македонскиот народ, македонското ослободително движење предводено од Македонската револуционерна организација, позната и како Внатрешната организација или ВМРО, се одликувало со слободарски принципи, како што е лозунгот дека слободата не е само практична алатка туку морална завршница или дека луѓето најмногу напредуваат кога се слободни сами да избираат и да ги следат своите цели сѐ додека не им наштетуваат на другите.
Туше Влахов во својата книга „Кукуш и неговото минато“ вели дека Гоце Делчев имал голема заслуга затоа што ѝ дал на Внатрешната организација чисто народнодемократска форма и ја зачувал од „опасноста да биде завлечена во водите на буржоаскиот национализам и великобугарскиот шовинизам. Организацијата била изградена врз крајно демократска основа. Туѓа за шовинизмот, таа беше организација на експлоатираната селска маса, на пропаднатите градски еснафи, на народната интелигенција, со еден збор, на угнетените и социјално слабите слоеви, кои се бореа за слобода, за земја, за подобар човечки живот“.
Таквата идеолошка поставеност беше магнет за поединците што се одликуваа со слободарски дух, па оттука на македонското ослободително движење му се приклучија многу поединци што не потекнуваа од Македонија, но веруваа во правичноста на борбата за македонска слобода. Затоа Туше Влахов нагласува дека со своите тенденции Внатрешната организација ги освоила срцата не само на народните маси во Македонија туку и на многумина Бугари од Бугарија.
– Михаил Попето, Христо Чернопеев, Марко Лерински, Пејо Јаворов, Никола Пушкаров, Димитар Стефанов, Тодор Паница, Чудомир Кантарџиев, Парашкев Цветков и други ги дадоа своите најубави години, а повеќето од нив и животот за каузата на македонското дело. Други, како Иван Кепов, Антон Страшимиров и Павел Делирадев, ги поставија своите пера во служба на македоно-одринското револуционерно движење. Крсто Асенов од Сливен, внук на Хаџи Димитар и социјалист по убедување, му бил верен до смрт на македонското револуционерно движење, го напуштил своето семејство, станал учител и револуционерен деец во Горноџумајско, каде што се пројавил како храбар и непомирлив борец против врховизмот – пишува Туше Влахов во својата книга „Кукуш и неговото минато“.

Кој е Марко Лерински?

Меѓу споменатите дејци е и Георги Ѓуров, познат и како Марко Лерински. Но кој е всушност тој и какво е неговото значење за македонското револуционерно движење? Податоците велат дека е роден на 20 јуни 1862 година во Котел, Бугарија. Во 1883 година пристапува на воена служба во Кнежевството Бугарија. Учествува во Српско-бугарската војна и за пројавената храброст е удостоен со медал и повисок чин. Неговите другари поради тоа го нарекувале Херојски. Во 1895 година ја напушта бугарската армија и влегува во редовите на македонското движење, при што учествува во т.н. Мелничкото востание од 1895 година и опожарувањето на Доспат. По неуспехот на акцијата, се вратил во бугарската армија како подофицер.
Во 1900 година тој се поврзал со Гоце Делчев и Ѓорче Петров, кои го привлекле во Македонската револуционерна организација (МРО) и го испратиле како војвода во Леринско, каде што го зел псевдонимот Марко. Во исто време, во Македонија влегле Христо Чернопеев, Атанас Бабата, Михаил Апостолов-Попето. Благодарение на воената обука на војводата Марко и неговите организациски вештини, неговиот одред станал училиште за обука на четници и војводи за целата револуционерна организација. Марко го претвора Леринско во „реон што е пример во секој поглед. Ентузијастични работници, цврсти организации, дисциплиниран одред и во полна смисла на зборот агитациско-организациски. Сето тоа било дело на Марко од Котел“. Марко Лерински како војвода дејствува во Костурско, Воденско, Леринско и во Битолско, со Гоце Делчев, Пандо Кљашев, Васил Чекаларов и Лазар Поп Трајков до почетокот на 1902 година.
По предавството на месни гркомани, војводата Марко загинал во борба со османлиски војски во леринското село Пателе (денеска Агиос Пантелејмонас, Грција) на 13 јуни 1902 година. На местото на Марко биле поставени војводите потпоручник Георги Папанчев и Дине Кљусов.

Што кажаа за него!

Христо Силјанов во својата книга „Ослободителните борби на Македонија“ пишува дека „тој ја организира првата чета во Битолскиот округ, во чија агитациско-организаторска работа се поведе правилно и паралелно со бојната обука. Арамии како Коте не можеа да ја поднесуваат војничката дисциплина во неговата чета. Но незлонамерните прости луѓе и интелигентните, физички неподготвени и незапознаени со военото искуство, имаше на што да се научат кај Марко. Строг кон себеси, ограничувајќи ги потребите до самоизмачување, со железна тврдина при поднесување на незгодите, Марко дејствуваше над другите главно преку сопствениот пример. Тој ги научи своите прости другари да се занимаваат до прекумерен умор со обука и им ја насочи амбицијата да ги обучуваат од нивна страна селаните, особено младите, пополнувајќи го со содржина нивното празно време по селата и во планината. Дури неговото источно наречје, во кое тој не внесуваше ниту еден локален збор, направи влијание над необразованите четници и побистрите селани. Кај таков издигнат и искусен началник не беше тешко за учителите да ја поднесуваат положбата на прости четници и да ги добијат за кратко време најнеопходните познавања и пракса, за да можат и самите да командуваат чети. Многумина костурски четници ги добија од Марко првите вежби со пушка. Под Марковото влијание се прероди и Митре Влаот, кого веќе го познаваат нашите читатели. Дине Кљусов, подоцнежен војвода, Печо Настев, гимназијалец, војвода за време на востанието, Кице и Дине Абдураманов се најблиските воспитаници на Марко од Леринско. Кај Марко се учеа и учителите Методи Патчев од Охрид, Славко Арсов од Штип, како и писателот Христо Силјанов“.
Весникот „Револуционерен лист“ на 17 септември 1904 година, во спомен на Марко Лерински напиша: „Неговото име се ширеше како легенда од уста на уста, тој самиот беше еден вид дух-месија, кого поробениот народ, кој го гледаше низ своите очи, го идолизираше и во чии проповеди веруваше како што веруваше во Христос. По две години континуирани натчовечки напори, тој веќе гледаше зад себе зграда направена од ништо што не е уништлива. Марко немаше ентузијастичен лирицизам на терорист кој го поддржуваше Крсто Асенов, но ја имаше нечовечката физичка сила на Крсто и не беше помалку суров кога беше потребно“.
Кирил Прличев во сеќавањето за Марко Лерински вели дека „стана познат по неколку месеци инструктор на четници и војводи во Западна Македонија, стана познат со својата херојска смрт, по неуморната и примерна револуционерна активност во секој поглед“,
Анастас Лозанчев во своите спомени запишал дека „со поставувањето на Георги Иванов од Котел, наредник-мајор од бугарската војска, наречен Марко Лерински, а подоцна и Леринскиот цар, како војвода – водач, во Леринско започна нова ера во животот на Организацијата. Чесен, со љубезен карактер, пламен патриот, посветен до степен на самозаборавање на каузата на која си поставил срце да ѝ служи, способен да се наметне со сила каде што е потребно и да се справи со другите со кадифени ракавици, аскет во манирите, трезен, извршувајќи дадени наредби, неуморен работник, скромен, решителен, тој набрзо откако успеа да формира мал одред, стана душа на овој одред, а подоцна овој одред стана цела школа, од која излегоа маса млади луѓе, едноставни и образовани како војводи или помошници на војводи од старата школа“.


Песна за Марко Лерински

Марко Лерински и покрај тоа што не бил родум од Македонија, оставил силна трага меѓу македонскиот народ поради неговата искрена намера за политичката слобода на Македонија.
„Денеска петок, сабота, утре е Света Недела. Марко војвода пристигна во това село Пателе. Проклети биле чпиони, Марко војвода предадоа. Надојдоа турски табори, Марко војвода сардисаа. Зафати битка голема, Марко војвода загина. Проклети биле чпиони, Марко шчо го предадоа“.