Шеесет години македонското малцинство во Бугарија е предмет на систематска дискриминација, асимилација и маргинализација. Истата антимакедонска политика сега ги блокира македонските евроинтеграции со апсурдни и понижувачки барања не само за Македонија туку и за Бугарија. Оваа политика сее омраза и ги труе животите на луѓето. Мора да престане, се вели во Декларацијата на Македонците од Бугарија

МАКЕДОНЦИТЕ ОД БУГАРИЈА ПРЕКУ ДЕКЛАРАЦИЈА ГИ ИЗНЕСОА СВОИТЕ БАРАЊА

Повеќе стотици Македонци од Бугарија, но и од други земји викендов присуствуваа на големиот семакедонски собир во градот Мелник, Бугарија, кој се организира во пресрет на 107-годишнината од убиството на Јане Сандански, еден од водачите на македонското револуционерно движење.
На овој семакедонски собир беше прочитана и посебна декларација, во која се бара да се признае македонското малцинство во Бугарија.
Во неа се наведува следното:

Шеесет години македонското малцинство во Бугарија е предмет на систематска дискриминација, асимилација и маргинализација. Тоа им нанесе безброј страдања на Македонците и ги направи граѓани од втор ред во земјата во која живеат и во земјата во која се родени. Оваа политика не само што е срамна туку е и неприфатлива за една цивилизирана и правна држава, гротескна за Европската Унија. Истата антимакедонска политика сега ги блокира македонските евроинтеграции со апсурдни и понижувачки барања не само за Македонија туку и за Бугарија. Оваа политика сее омраза и ги труе животите на луѓето. Мора да престане.
Ги повикуваме бугарските власти:

1. Да се промени одлуката на Уставниот суд од 29 февруари 2000 г. и декларацијата на бугарскиот Парламент од 6 март 1990 г., со кои официјално се декларира дека во Бугарија нема оформен македонски етникум, исто како и позицијата на Владата и декларацијата на Парламентот од 9 ноември 2019 г. Владата официјално да објави дека македонското малцинство повеќе нема да биде негирано, ниту дискриминирано и дека неговите права ќе бидат заштитени.

2. Државата официјално да го признае постоењето на национални/етнички малцинства во Бугарија, поимот „национално малцинство“ да биде внесен во Уставот и правата на таквите малцинства да бидат заштитени. Да бидат направени неопходните измени и појаснувања во Уставот и Законот за регистрација на невладините организации, со кои се прави невозможно самоопределувањето на малцинствата, и заштитата на нивните права да се толкува како антиуставна, антидржавна, заканувачка за територијалниот интегритет и основа за одбивање на регистрацијата.

3. Ако Република Бугарија настојува Бугарите во Македонија да влезат во македонскиот Устав, Македонците исто така треба да влезат во бугарскиот.

4. Бугарија да ја крене вештачката блокада за регистрација на македонските организации и да ги имплементира пресудите на Европскиот суд за човекови права, со тоа што ќе ги регистрира.
5. Во идните пописи да се внесе посебна графа „Македонец“ и при неговото спроведување да се објави јавно и официјално дека секој што се чувствува како Македонец може слободно да се декларира како таков.

6. Изучувањето на македонскиот литературен јазик, култура и историја да влезе во образовните програми за децата од македонското малцинство, како и во државните универзитети. Истовремено, потребни се измени во основните образовни програми на начин што нема да ги исклучува македонската нација, малцинство и неговата историја, култура и јазик (нешто што не е ново и во минатото било спроведувано, а потоа напуштено).

7. Државата да започне активен дијалог со претставници на македонското малцинство за решавање на постојните проблеми и македонски претставник да влезе во Комисијата за малцинствата. Дијалогот треба да започне веднаш, без да се чека признавање на малцинството, бидејќи „признавањето на малцинството од страна на државата не е задолжителен услов за да бидеш квалификуван за заштита од Рамковната конвенција“, и да се фокусира на приспособување на Рамковната конвенција кон Македонците според конкретни членови на конвенцијата.

8. Да се преземат решителни мерки кон ставање крај на говорот на омраза против македонското малцинство и против македонската нација воопшто, со тоа што во исто време ќе се промовира толеранција по однос на македонското малцинство.

9. Да се суспендира или приспособи работата на Комисијата за историски прашања со Македонија, за да се спречат обидите на бугарската страна таа да биде злоупотребена за наметнување на бугарската национална митологија во македонските училишта, и како извинување за блокирањето на македонската евроинтеграција.

10. Бугарија да ја крене блокадата пред македонската евроинтеграција и да се воздржи од поставување какви било услови што не се во согласност со европската регулатива и практика.

11. Бугарија да ги прифати научните факти, да престане со апсурдното негирање на македонскиот јазик и да го признае како и целиот преостанат свет.

12. Бугарија да преземе мерки за обесштетување на жртвите на политиките на прогон, дискриминација и асимилација на македонското малцинство и да се извини за својата антимакедонска политика што довела до толку многу страдање. Да ги објави досиејата на прогонителите и документите за тие процеси, да ги распушти одделенијата што во моментов се занимаваат со истата криминална активност и да ги казни учесниците во истата таа.