Фото: МНР на Бугарија

Крајниот рок до кога Бугарија треба да одговори на предлогот на француското претседателство за деблокирање на европскиот пат на Македонија не е 23 јуни и тоа може да се случи во друг формат до истекот на претседавањето на Франција со ЕУ, односно до крајот на месецот, се наведува во извештајот на бугарското Министерството за надворешни работи од 20 јуни, доставен до Комисијата за надворешна политика на Народното собрание на Бугарија.

Како што јави БНР, Министерството ги информира пратениците дека т.н. „француски предлог“ создава „поволни услови за одбрана на бугарскиот национален интерес“. До Парламентот се испратени нацрт-протокол од претстојниот втор состанок на заедничката Меѓувладина комисија на Бугарија и Македонија, извештај за текот на билатералните односи и предлогот на преговарачката рамка за земјава со ЕУ.

Според бугарското МНР, со Скопје не е постигнат договор за текст со кој се предвидува првата меѓувладина конференција да се одржи веднаш откако Македонија во својот Устав ќе ги вклучи „оние нејзини граѓани кои живеат во земјата и се дел од бугарскиот народ“. Наместо бугарскиот предлог, се посочува во извештајот, Скопје инсистира „вклучувањето на Бугарите како државотворен народ“ да се постави како услов за отворање на првиот кластер „Основни принципи“ во преговарачкиот процес.

Во Извештајот до Парламентот, Министерството наведува и дека е клучно протоколот да биде потпишан и одобрен од владите во Софија и Скопје, пред Бугарија да ја одобри преговарачката рамка на ЕУ со земјава.

– Не е реално да се очекува сите земји членки на ЕУ да го поддржат ставот на нашата земја за македонскиот јазик, наведува бугарското МНР, посочувајќи дека ваквиот став произлегува од сите разговори што се водени на европско ниво во последните три години.


Вархеи ја поздрави одлуката на ГЕРБ да го поддржи францускиот предлог

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи денеска на Твитер ја поздрави одуката на поранешниот бугарски премиер и претседател на опозициската партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов дека ќе го поддржи францускиот предлог за деблокада на евроинтегративниот процес на Македонија.

– Му благодариме на лидерот на опозициската ГЕРБ Бојко Борисов за донесување на историската одлука за Европа и за Северна Македонија да прифати преговори базирани на францускиот предлог, што ќе овозможи да се пристапи кон отворање на пристапните преговори со Северна Македонија. Очекуваме (бугарската) Влада да го достави неопходниот предлог до парламентот денеска, со што Европа ќе може да оди напред – пишува Вархеи на неговиот профил на твитер.

Поранешниот бугарски премиер и лидер на партијата ГЕРБ, Борисов денеска го повика претседателот на Владата на Бугарија, Кирил Петков до Народното собрание на земјата официјално да го достави предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокада на евроинтегративниот процес на Северна Македонија. На вонреден брифинг во седиштето на ГЕРБ, Борисов изјави дека Пратеничката група на неговата партија, која брои 59 пратеници, ќе го поддржи францускиот предлог на пленарна собраниска седница.

– Предлогот на француското претседателство со ЕУ за Северна Македонија е најдобар – рече Борисов, согласувајќи се со претходно дадената изјава на претседателот на Бугарија, Румен Радев околу предлогот на Франција.