Шеснаесетгодишното одолжување, всушност, избегнување од страна на Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, на некој начин може да се толкува и како толеранција од страна на Советот на Европа на непочитувањето од една земја-членка на Европската конвенција за човекови права, основниот и носечки документ на оваа европска институција. Несомнено, и покрај (не)издржаните изговори за неспроведувањето на пресудите и „укорите“ од страна на Комитетот на министри и други тела на Советот на Европа за Бугарија, долготрајноста на ова дејство наведува на непочитување и поткопување на неговиот авторитет, кредибилитет и принцип на постоење
Европа толерира уривање на својот углед и авторитет со непочитувањето на меѓународното право
Стратегијата на Бугарија за избегнување да ги спроведе пресудите од Европскиот суд за човекови права за регистрација на здруженијата на нејзините граѓани што се чувствуваат Македонци, иако одамна е прочитана од Советот на Европа, сега се чини дека веќе предизвикува загриженост во самата оваа европска институција за лошото влијание врз нејзиниот сопствен авторитет и кредибилитет. На неодамнешниот состанок на Комитетот на министри при Советот на Европа (тело што го надгледува спроведувањето на пресудите и одлуките на ЕСЧП) донесе заклучок дека неспроведувањето на пресудите од страна на Бугарија за регистрација на македонските здруженија е неоправдано. Односно, се наведува дека групата – случаи на ОМО „Илинден“ се однесува на неоправдано одбивање на (бугарските) судови, во периодот меѓу 1999 и 2015 година. Всушност, во заклучоците на комитетот се укажува дека образложенијата на Бугарија за да не ги регистрираат македонските здруженија, „за да се постигне признавање на ‘македонското малцинство во Бугарија‘, врз основа на размислувањата за националната безбедност, заштитата на јавниот ред и правата на другите (чија цел е ‘признавање на македонското малцинство‘ и наводни сепаратистички идеи) и врз основа на уставната забрана за здруженија што остваруваат политички цели, како и поради неисполнување на формалноправните барања (повреда на членот 11)“ – се во голема мера неосновани. Но сепак, комитетот побара од Бугарија информации за повеќе прашања наведени во заклучоците до 30 септември 2022 година, со кои би се покажал конкретен напредок во однос на поединечните мерки и одлучи да продолжи со испитувањето на оваа група случаи на нивниот состанок во декември 2022 година. Може да се добие впечаток дека Бугарија уште еднаш доби шанса за одложување на спроведувањето на пресудите на ЕСЧП, но овој пат комитетот јасно ја изрази својата загриженост што неспроведувањето на пресудите се одолжува веќе 16 години.
– Веќе не се работи само за загриженост за однесувањето на Бугарија туку се урива целиот систем на Советот на Европа со непочитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија. Овие 16 години, не се само дел од извештаите на Комитетот на министри туку се и дел од извештаите на Комитетот за човекови права… Бугарија наоѓа различни изговори за да не ги исполни пресудите на ЕСЧП, применувајќи ја доктрината – замена на тези и добивање време. Но за нивна жал, нема да им успее. По укинувањето на културната автономија на Македонците во Бугарија, тие и понатаму постојат таму. И тоа не е мала, туку е голема бројка… Овие пресуди ќе бидат точка на дневниот ред на состаноците на Комитетот на министри, сѐ до нивно целосно спроведување. Имаше и некои изговори од бугарска страна дека извршната власт не може да влијае на судската власт. Но таа дилема, многу добро им ја реши комесарот за човекови права, Томас Камамберг, како и Дуња Мијатовиќ, но и некои други извештаи, како тој на ЕКРИ… со препораката – решете ја дилемата, сменете си го Уставот и дозволете им на Македонците на се организираат и да ги имаат правата што им припаѓаат: да се здружуваат и да говорат на македонски јазик – вели адвокатот Тони Менкиноски, застапник на здруженијата на Македонците од Бугарија пред ЕСЧП.
Шеснаесетгодишното одолжување, всушност, избегнување од страна на Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, на некој начин може да се толкува и како толеранција од страна на Советот на Европа на непочитувањето од една земја-членка на Европската конвенција за човекови права, основниот и носечки документ на оваа европска институција. Несомнено, и покрај (не)издржаните изговори за неспроведувањето на пресудите и „укорите“ од страна на Комитетот на министри и други тела на Советот на Европа за Бугарија, долготрајноста на ова дејство наведува на непочитување и поткопување на неговиот авторитет, кредибилитет и принцип на постоење.
– Што се однесува до самиот Совет на Европа, тој секако го ризикува своето реноме, бидејќи на овој начин се покажува неефикасен и неспособен да ја реализира својата основна функција – заштита на човековите права. Сепак, главната вина што пресудите за Бугарија на Европскиот суд за човекови права не се спроведуваат, е наша. Како заинтересирана страна, Македонија треба да го држи тоа прашање на дневен ред и да ја „малтретира“ Софија додека не ги спроведе пресудите. Но додека Македонија молчи и не дејствува во рамките на Советот на Европа за да ги мобилизира другите членки да бидат посветени и да генерираат спроведување на пресудите, не може да се очекува некаков решителен исчекор од телата на СЕ, во насока на поголем притисок врз Бугарија – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Од повеќе познавачи на функционирањето на Советот на Европа е забележана една чудна симптоматична незаинтересираност на македонската дипломатија за расправите на Комитетот на министри кога на дневен ред е разгледувањето на неспроведувањето на пресудите во корист на македонските здруженија од Бугарија. Во извесна смисла дури звучи куриозитетно што македонската држава досега се нема придружено на случаите, односно на тужбите на македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, додека бугарската држава тоа го имаше сторено во случајот „Радко“, во кој македонски граѓани со бугарска самосвест се жалеа за нарушени граѓански права од страна на државата Македонија.
– Бугарија е губитник во овој предмет. Но она што е неприфатливо е неангажираноста на нашата дипломатија. Таа треба да ги искористи можностите и дипломатските алатки за добро да го постави ова прашање пред меѓународните институции. Ние во Македонија во голема мера сме засегнати од ова прашање. За првпат во европските институции, покрај пиринските Македонци, се зборува за Македонци, македонски права, македонско прашање… Ако некој смета дека македонското прашање е затворено, многу се лаже. Бугарската држава ќе попушти, зашто постои опасност да биде исклучена од Советот на Европа. Може да се случи и примерно, некоја нордиска земја да ја тужи Бугарија за неисполнување на Европската конвенција за човекови права и да бара исфрлање на Бугарија од Советот на Европа. Не е непозната таква практика во Советот на Европа. Дури ако продолжи Бугарија со вакво однесување, Комитетот на министри може да донесе едногласна одлука за исклучување на Бугарија од Советот на Европа. Советот на Европа е влијателна и моќна институција, пандан на Европската Унија (која од неа ги има копирано своите обележја и симболи), која е соочена со предизвик да го одржи својот авторитет и смисла на постоење, особено сега кога Русија излезе од него – вели адвокатот Тони Менкиноски во едно ТВ-гостување.