Фото: ЕПА

Бугарија има право на грантови од ЕУ од 5,69 милијарди евра според планот за закрепнување и одржливост. Земјата доби само 1,37 милијарда евра, што е прва исплата. Доколку планот беше спроведен навреме, Бугарија досега ќе добиеше вкупно 4,3 милијарди евра. Замрзнувањето на исплатата ќе предизвика нова дупка во буџетот на Бугарија за годинава, додека земјата се бори да го ограничи буџетскиот дефицит на три отсто за да ѝ се приклучи на еврозоната во 2025 година

Брисел ја запре исплатата за Софија од планот за закрепнување на ЕУ

Бугарија нема да ја добие втората исплата од 653 милиони евра според планот за закрепнување и одржливост на Европската Унија поради незавршените реформи во земјата, директен резултат на тамошната тековна политичка криза што трае со години, пренесува „Еурактив“. Во соопштението на Европската комисија се вели дека исплатата е суспендирана на шест месеци бидејќи Бугарија не ги исполнила своите обврски за реформите во енергетиката, антикорупцијата и јавните набавки.
Бугарија има рок од еден месец да одговори на прелиминарната процена на Комисијата за блокирање на парите. Замрзнувањето на исплатата ќе предизвика нова дупка во буџетот на Бугарија за годинава, додека земјата се бори да го ограничи буџетскиот дефицит на три отсто за да ѝ се приклучи на еврозоната во 2025 година. Доколку институциите во Софија не ги спроведат потребните реформи во рок од шест месеци, комисијата би можела да одлучи да ги намали парите за земјата.
Бугарија има право на грантови од ЕУ од 5,69 милијарди евра според планот за закрепнување и одржливост. Земјата доби само 1,37 милијарда евра, што е прва исплата. Доколку планот беше спроведен навреме, Бугарија досега ќе добиеше вкупно 4,3 милијарди евра.
Бугарскиот парламент ја блокираше либерализацијата на енергетскиот пазар што му беше ветена на Брисел, но стравувањата на локалните политичари од наглото зголемување на цените на електричната енергија за домаќинствата значеше дека се одржува целосната државна регулација на секторот. Бугарија се обврза на целосна либерализација на пазарот, вклучувајќи и за домашните потрошувачи, до крајот на 2023 година. Друго неисполнето ветување е промовирање производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија (ОИЕ). Третото неисполнето ветување на Бугарија е немањето патоказ за климатска неутралност поврзана со затворањето на електроцентралите на јаглен до 2038 година. Пратениците од проруската радикална партија Преродба и популистичката Има таков народ ја блокираа резолуцијата за таа цел на последната седница на претходниот парламент, дури имаше и кинење на каблите од микрофоните за време на расправата. Бугарија, исто така, не ги усвои неопходните антикорупциски реформи, при што не беше избран нов претседател или членови на новата антикорупциска комисија.
Преодната вицепремиерка и министерка за финансии Људмила Петкова предупреди дека тоа може да ја чини Бугарија милијарди изгубени средства од ЕУ и сериозна штета на националниот буџет, вклучувајќи и можно излегување од еврозоната. Бугарија, исто така, е единствената во ЕУ што сè уште не го доставила својот план до комисијата според поглавјето „РипауерЕУ“, кое финансира мерки за постигнување енергетска независност од Русија. Р.С.