Новите судски сведочења во судскиот процес „Таргет тврдина“ за паралелно прислушување од странски служби, со кои треба да се утврди одговорноста за „процесот на прислушување во кој се обвинети домашни поранешни државни функционери“, секако дека носат висок турбулентен потенцијал, но утврдувањето на вистината и на фактичката состојба е есенцијално!

На повидок уште една афера за прислушување

Повторениот процес на судење на предметот наследен од СЈО, „Таргет тврдина“, се чини дека добива на капацитет со своевидното проширување на хоризонтот на објективната вистина, во смисла на откривање на повеќе факти за сложениот мозаик на инволвираните страни, вклучувајќи и безбедносно- разузнавачки служби што можеби биле вклучени во незаконското прислушување. Потенцијалот за „откривање нови хоризонти во мозаикот на факти“, одредени правни експерти го препознаваат од текот на судењето за случајот „Таргет тврдина“. Тој потенцијал на „ново големо уво“ произлегува од изјавите дадени под заклетва во судот, на двајца сведоци, во критичното време за предметот, вработени во телеоператорот ВИП-ОНЕ, всушност високопозиционирани лица во компанијата.

Сведоците се изјаснија за тоа дека операторот, без да ги информира надлежното ЈО, МВР или судот и без согласност од нив, подготвил специјална „програма“!?

На рочиштето за предметот што се одржа минатата недела, сведоци под заклетва пред судот сведочеа дека „компанијата, без да ги информира надлежното Јавно обвинителство, МВР или судот и без да побара согласност од нив, подготвила програма што ја инсталирала во централата и преку таа програма на дневно ниво ги ваделе сите наредби за посебни истражни мерки што се издавале преку судот и обвинителството до УБК“. Ова се случувало „без разлика дали станувало збор за следење телефонски комуникации на лица осомничени за тероризам, за трговија со наркотици или за економски криминал“. Со тоа, компанијата и нејзините сопственици, преку вработените што помагале во процесот, точно знаеле од кого е загрозена државата, против кого има мерки и истрага и кога евентуално тие мерки се прекинувале.
Освен тоа, сведоците, стручни лица инженери во компанијата, навеле опција дека системот би можел да креира и други влезови и излези, преку кои би се маркирале броеви за следење и преку нив би се испраќале снимените разговори до некој краен корисник. Во таков случај, би изостанал алармот до УБК и службата не би имала никакво сознание за тоа што се случува преку централата на операторот. (?!)
(Единствена трага од функционирањето на ваков паралелен систем би можела да биде само програмата што би вадела пресек од броевите што се следат во моментот. Сепак, доколку некој би знаел како функционира, и оваа програма во операторот би можел лесно да ја заобиколи. Едноставно, броевите што му се означени ќе ги вклучува пет минути по пет часот и ќе ги исклучува пет минути пред пет часот, а самата програма, според кажувањето на сведоците, пресекот го правела токму во пет часот наутро. Така би ризикувал само да испушти некој разговор што би се водел токму во тоа време, но фреквенцијата на разговори во пет наутро е исклучително мала.)

Основи за сомневање дека прислушувани материјали можеле да бидат користени и од странски разузнавачки служби?!

Засега се знае дека за програмата знаеле менаџментот на грчката компанија и неколкумина вработени. Апелацискиот суд го врати предметот „Таргет тврдина“ на повторно судење, токму поради неправилно утврдената фактичка состојба и побара од обвинителството и првостепениот суд точно да разграничат кој телефонски број од каде бил прислушуван. Но изјавите на сведоците за можноста за нелегално прислушување од страна на менаџментот на странска компанија создава основи за сомневање дека тие информации можеле да им бидат предадени и на странски разузнавачки служби. Сето тоа, според правните и безбедносни експерти со кои се консултиравме, дава и „основи на сомневање за докажување на претпоставката и дека државата Македонија и нејзините највисоки институции, во периодот пред да се решава прашањето за името, повеќе години биле предмет на следење и документирање од страна на грчките сопственици на вториот мобилен оператор во земјата“?!
Прислушувањето и како легална форма (со судски налози и ПИ-мерки), а уште повеќе како недозволена активност, во повеќе наврати изврши силно, тешко и речиси пресудно и пресвртно влијание во политичките процеси во Македонија. Сведоштвата за паралелно прислушување од странски служби, во судски процес со кој треба да се утврди одговорноста за процес на прислушување во кој се обвинети домашни поранешни државни функционери, секако дека носат висок потенцијал за нови пресврти, најмногу на политички план. Всушност, вниманието на јавноста е насочено пред сѐ на потенцијалите за безбедносен, правен, а и политички импакт, иако од овие три засега, според повеќето наши разговори со соговорници, најсериозна опасност е сознанието дека биле (се) загрозени безбедноста и суверенитет на државата, чии реперкусии се препознаваат до денеска.

Аспектот на граѓанското право

Од аспект на граѓанското право, колективното прислушување е загрозување на приватноста, безбедноста и човековите права на граѓаните на Македонија, со веројатноста дека незаконски биле прислушувани, и тоа од странски оператор, со дополнителна претпоставка дека податоците биле пренесувани од странски разузнавачки служби. Според правните експерти, ваквите нови сознанија, произлезени од изјавите на сведоците во судскиот предмет „Таргет тврдина“, треба да го иницираат Јавното обвинителство да ја прошири истрагата или да отвори нова истрага за овие наводни. Но исто така, овие сознанија за нови прислушувања треба да ги алармираат и домашните и меѓународните институции што имаат надлежност за заштита на граѓанските и колективните права, како народниот правобранител, ОБСЕ, Хелсиншкиот комитет.
– Уште е рано, со изјавите на сведоците во еден судски предмет за прислушување, да го согледаме потенцијалот за нова афера за прислушување. Не знам дали ова сведоштво за можност за постоење и други канали за прислушување ќе придонесе за пресврт во самиот судски процес „Таргет тврдина“, зашто смислата на тој предмет, всушност, не е тоа. Дали има основа за нова истрага, нов случај на Јавното обвинителство – веројатно има, но за тоа треба да се процени во рамките на обвинителството и да се преземат активности. Засега, во јавноста можат само да се изведуваат заклучоци врз основа на хипотези и претходни искуства. Во рамките на тие хипотези е и тоа дека (утврдувањето на) одговорноста на еден субјект дека вршел прислушување не ја исклучува можноста дека тоа го правеле паралелно и други служби. Можеби дури и три служби прислушувале. Со сите судски случаи што произлегоа од прислушуваните материјали и сите афери поврзани со тоа, ние како јавност всушност досега не дознавме кој, кого и за кого прислушувал. Но факт е дека прислушувањето беше искористено во функција на некакви политички промени во земјава, а веројатно и за некакви геополитички цели и интереси – вели Гордан Калајџиев, универзитетски професор по кривично право. Ј.П.