Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва пред Владата одржува протест под мотото „Премногу е“, на кој се очекува да го испорача барањето за одржување на предвремени парламентарни избори.
Протестот започна со отворено студио пред Владата на кое се обратија партиски претставници кои изнесоа ставови за актуелните политички случувања, економијата, здравството, образованието… На протестот ќе се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Голем број граѓани од државата со автобуси пристигнаа на денешниот протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката Ели Панова во отвореното студио пред Владата рече дека одзивот е видлив, а пристигнуваат автобуси од цела Македонија со луѓе кои се незадоволни.
Одлуката за протестот ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 17-ти минатиот месец, упатувајќи критики до власта за неспособност за соочување со економската и финанансиската криза придружена со постојан пораст на цените и висок процент на инфлација, зголемување на јавниот долг, неефикасна и неодговорна дипломатија за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ
Опозициската партија подолг период инсистира на одржување избори, а во Собранието спроведува и активна блокада на активностите.