Брадина – заборавениот македонски етнолог

Томо Смилјаниќ-Брадина е научник со највисоко образование, познавач на шест јазици, кој ѝ се посветил на етнолошката проблематика во Македонија, конкретно на малореканскиот, мијачки крај, на Деборијата, Долна и Горна Река, Мавровско и на Кичевијата. Неговиот творечки опус е сѐ уште малку или сосема непознат во македонската јавност

Од историските архиви

Денеска, 10 мај, се одбележуваат 54 години од смртта на Томо Смилјаниќ-Брадина, значаен македонски етнограф, филолог, поет, прозаист, драмски автор и публицист. Тој е меѓу првите македонски етнолози што го истражувале мијачкиот крај, како дејноста на поистакнатите Мијаци – Партенија Зографски, Ѓорѓија Пулевски и други, а ги проследува и делата на П. Драганов, Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски. Брадина е научник со највисоко образование, познавач на шест јазици, кој ѝ се посветил на етнолошката проблематика во Македонија, конкретно на малореканскиот, мијачки крај, на Деборијата, Долна и Горна Река, Мавровско и на Кичевијата.
Оставил значајни истражувања, околу 150 труда, кои се наоѓаат во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), како и во Српската академија на науките и уметностите (САНУ). Со изданија на своите текстови во Скопје ја започнува серијата „Библиотека Македонија“ (1924 – 1928), а ја продолжува под името „Старовремска библиотека“ (1929).
Роден е во Тресонче на 13 јуни 1888 година, во големото семејство Брадиновци. Прекарот го добил по својот прадедо Сарџо Караџа Брадинa. Презимето Смилјаниќ го добил во Белград, каде што како бистро момче бил прифатен од пропагандното српско друштво „Св. Сава“. Основното бугарско и српско училиште го завршува во родното село и во Битола, а Српската гимназија во Солун во 1906 година. Учителствувал во селата Тресонче, Долно Мелничани и Галичник (1906 – 1911). Се запишал на Филозофскиот факултет во Белград, но веднаш ги прекинал студиите и, во подготовките за војната со Турција, се вратил во Македонија
Во Франција ги завршува студиите по географија и историја во Клермон Феран (1917 – 1919). По враќањето предава во гимназиите во Тетово (1920/1921) и Скопје (1921 – 1927), а потоа во Трговската академија во Скопје (1927 – 1931). Во Франција ја одбранува докторската дисертација „Нашите стари племиња Мијаците и Брсјаците во Јужна Србија“ (1930). Потоа е народен пратеник за Галичко-дебарската околија (1931 – 1934), па инспектор (1935 – 1939) и началник на Просветното одделение на Вардарска бановина. Патува по Европа (1940 – 1941), а потоа пак се вклучува во војната против Германците кај Призрен, но се повлекува во Србија и работи во Учителската школа во Алексинац, а по 1946 г. како пензионер живее во Белград.
Истражувачката и литературната дејност ја започнува уште како српски учител. Соработува во разни весници и списанија, но и во угледни научни зборници на скопскиот Филозофски факултет и на САН во Белград. Со изданија на своите текстови во Скопје ја започнал серијата „Библиотека Македонија“ (1924 – 1928), а ја продолжил под името „Старовремска библиотека“ (1929), во која ја објавил стихозбирката „Песмарица“, која содржи и седум песни на македонски јазик, насловени „Старовремски мотиви“. Во ракопис се останати: романот „Горјани“, расказите за деца „Смиље и босиље“, мемоарите „Моје успомене до 1912“ и др.
Историчарот и публицист Бранислав Светозаревиќ-Покорни истакнува дека писменото творештво на македонски народен говор во Тетово и Тетовско, кое имало свој континуитет од времето на Кирил Пејчиновиќ, продолжило со прозни обиди во дваесеттите и триесеттите години на 20 век. Во 1925 година од печат излегла книгата на Јован Кириќ-Тетовац, „Да не ce заборави“, како една од едицијата „Библиотека Македонија“, на Томо Смилјаниќ-Брадина. Во книгата ce сместени неколку раскази, напишани на тетовско и кратовско наречје. Темите ce од секојдневниот живот на луѓето од овие градови. Расказите откриваат интересни детали од секојдневието на обичниот човек и неговата вештина за опстој.
Во своите истражувања за Горна Река, објавени во 1925 година, Брадина истакнал: „Постар човек од селото Богдево, сега православен Арнаутин, го памети македонското потекло и вели јазикот го изгубивме, но верата не“. Друг селанец од селото Беличица, стогодишник, раскажува дека до пред 80 години во ова село никој не го знаеше арнаутскиот јазик“. Д. Ст.


Кичевски октоих

Кичевски октоих е пергаментен македонски ракопис од средината на 13 век. Бил пронајден во 1926 година од Томо Смилјаниќ-Брадина во црквата „Св. Атанасиј“ во с. Премка (Кичевско) и заедно со други словенски ракописи ги предал во Музејот во Скопје, а кога директорот Р. Груиќ во 1937 година бил избран за професор на Богословскиот факултет во Белград, при заминувањето ги однел со себе и овие ракописи. Ракописот има вкупно 89 листа: 66 се чуваат во Музејот на Српската православна црква во Белград во збирката на Р. Груиќ и 23 во Белградската народна библиотека. Во овој македонски октоих се зачувани преписи од две химнографски творби на Св. Климент Охридски: Канон за апостолите Петар и Павле на шести глас и Канон за Св. Троица на осми глас. Едно Климентово химнографско дело (Покаен канон за шести глас) е зачувано и во Премчанскиот требник.


„Кичевија“ – капитално дело на Брадина

„Кичевија“ како капитално дело било составено во периодот 1922 – 1926 година на територијата на кичевскиот крај. Брадина имал можност да зборува со жители од месното население што во тој момент имале и по 100 години и се сеќавале на настани, тогаш речиси стари еден век, од средината на 19 век, кои раскажувале и за историски ситуации што ним им ги раскажувале нивните мајки и баби, а се протегаат до уништувањето на Кнежинскиот манастир во 1739 година. Во делот на селата се забележани поединечни преданија, кои денес се вистински бисер зачуван од заборавање. Зачувани се и имињата на топонимите, сеќавања за личности, објекти, цркви, тврдини, градишта, гробишта што некогаш постоеле на тој простор.