– СИЛАТА! Силата – Неправдата, брат Ж. Борел, која ја практикувате сите вие од ЕУ, ОН, НАТО… што е најстрашно – во името на меѓународното право што е мртво; ОН, кои газејќи ја сопствената повелба и сопствените принципи, станаа пропадната творба исто како на времето Друштвото на народите; НАТО, дежурниот миротворец, кој за да ја прими Македонија под неговиот безбедносен чадор, затоа што сме му потребни како територија, нѐ натера да се обезличиме со насилна промена на името!!! – Аферим, пријатели!
Таа ваша сила не е куршумот! Таа е збир од софистицирани и подмолни криминални чинидби, кои се казниви во секој кривичен закон на вистинска демократска држава, бидејќи се базираат на брутално непочитување на основните и вечни човекови права дарувани од Бога, како фундамент, како порив, кој ја прикажува и одржува смислата на човековото постоење, а тоа се – слободата и правото на самоопределување. Тоа духовно богатството, кое со раѓањето го поседува секој човек, никој нема право да му го одземе.
Без правичност во вашето службено однесување, со намера нѐ лишивте од нив, применувајќи врз нас комбинирана психичка тортура од присилба, измама, уценување, заплашување, подметнување и премолчување на однесувања на кои сте повикани да реагирате… Или сѐ заедно: наликувате на модерна организирана групација од најниски побуди – богатење и власт, со што, во свои раце го држите камшикот на современото модерно ропство, кое без синџири на рацете и нозете, во потчинетост држи цели генерации на сегашни и идни Македонци, на кои им се одземаат сегашноста и иднината, исто како што им е со засек во опстанокот одземено минатото.
Брат Борел, ни напишавте и испративте цел ферман од поетски пораки, за да нѐ окуражите, во кој нѐ нарекувате „наши пријатели од Западен Балкан“ со кои, наводно, „заедно стоиме на вистинската страна на историјата…“ и дека поради тоа, „големото мнозинство сакаат да се приклучат на ЕУ, најуспешниот мировен проект во историјата на човештвото“, па, „среќни сме (заш’ да не сте?) што гледаме и високо цениме тоа што партнерите од Западниот Балкан, исто така го прават (одработуваат, м.з.) својот дел…“. Сиротите ние!
Велите дека ве плаши безбедноста на Европа и на целиот меѓународен мировен поредок заснован врз основа на системот на ОН и меѓународното право поради враќањето на „законот на џунглата“, каде што силата ја одменува правдата со прекршување на меѓународното право и на основните принципи на човековиот соживот… Ја осудувате и агресијата што ја уништува желбата на луѓето да живеат во мир… Сето тоа е многу убаво за слушање, но дозволете да ве прашам:
– Од кога тоа, така… како да не било до сега, како прв пат да слушате… зборувате за сила што ја одменала правдата…?! Значи ли тоа дека се уплашивте самите од себе и сопствените досегашни некоректни однесувања?
Не можев да се изначудам кога на крајот од вашиот пев од модерна поезија, другарски нѐ повикавте со комунистичка паролата: „Здружени да ја градиме нашата иднина, на основа на доверба, правда и слобода, бидејќи во 21 век нема место за силата и принудата!“, демек, – „Да си силен не значи дека си во право! Никогаш не значело, нема ни да значи!“ -?! О, ооо! Престанете! Сум пораснала, сум се оформила како личност во комунизмот… Сум ги слушала, пеела и носела тие пароли високо кренати на транспаренти, со гордост и верба, ама, во едно друго време!
Ќе ве допрашам: – На која доверба и правда мислите и на кој вид слобода повикувате? На таа што вие ја практикувате? – Да имате право со сила да ја одземате, како нас што ни ја одзедовте? Зошто толку нѐ потценувате кога вака отворено, в лице нѐ лажете со отрцани надежи, па уште се осмелувате да се пожалите дека Путин „лаже во лице“? Вие дан’ сте поарни, брат Борел? Не! Засрамете се! – Вие сте поперфидни и побезобѕирни лажговци, токму и поради тоа што без „намуз“ се обидувате да се ослободите од сопственото непринципиелно однесување, налепувајќи му го на друг, за да ја избегнете вистината дека вие сте виновниците за сето ова што токму сега се случува во Европа.
Вака ви се обраќам, без извинување или некакво заобиколување, со бликнат јад, бидејќи манипулациите за кои вие зборувате дека некој друг ги практикува, сум ги почувствувала на свој грб, како единка и човек, како Македонка, која од раѓањето до денес, страда поради дволичноста, алчноста, насилството, принудата, индиферентноста… на сите вас погоренаведени, кои без престан и денеска непречено и по ваш терк ги практикувате лично врз мене и мојот народ, исто како што пред век ги практикувавте врз моите предци, кога безмилосно нѐ поделивте и нѐ распарчивте како народ и земја. Зошто тогаш не сакавте да го слушнете повикот на родољубивите Македонци, кои поради вашата нечесност, страдајќи по затворите, во песните ве нарекуваа: „курвата Европа…“?
Нема да ви простам бидејќи не е за простување и тоа што нас – бегалците од Егејска Македонија, не нѐ заштитивте (со збор) од напалм-бомбите на Англичаните, кои осојузени со Грците и Американците нѐ истераа од нашата сопствена и вековна македонска земја… Зошто, како Европа, останавте глуви и на плачот на мајките и илјадниците голи и боси истерани деца, кои сами, како бездомни кучиња, беа праќани по туѓи земји? Зошто го премолчевте тој геноцид извршен по Втората светска војна, врз мојот недолжен народ?
Зошто денес истото тоа го практикувате врз македонската земја и Македонците, како поддршка на новиот вид модерен геноцид, кој продолжувате да го одобрувате со подметнување кукавичини јајца, со ваши платеници како водачи на народот и државата, која поради таквата заедничка криминална игра е доведена до самиот раб на сопствениот амбис – државата и мојот народ да бидеме збришани од светската карта, без истрелан куршум?
Вие, вие, со принуда ни го одзедовте правото слободно да ги избираме и со гордост да ги носиме нашите идентитетски симболи – името на државата и знамето. Сега јазикот и историјата се на ред…? – Малку ли беше што преку намесниците е потпишан капитулантскиот договор со Грција, со етноцидни политики на уцена и фашизоидни ултиматуми? Сега треба и со Бугарија…? Молчевте и молчите, а знаете да кажете дека со закон, некаде, е забранет неофашизмот, кој процвета како нов цвет од старо стебло, токму во вашиот Европски парламент, со фашизоидни закани врз нас Македонците, кои вие со молк ги одобривте, исто како и фашистичкиот поздрав, кој вам ви беше упатен.
Критикувате и пишувате за некои други, а лично не чувствувате одговорност и намера да се коригирате и да престанете да се девалвирате самите себе, така што – правото, секогаш, без исклучок, ќе го применувате според заеднички утврдени принципи, а не врз индивидуално наметнување и моделирање на тоа што некои мислат и сакаат да е право, по нивно, а тоа се поголемите и помоќни држави.
Мој брат Борел и наши високи раководители на ЕУ: – Пишете ни и друг пат, и, како и досега, доаѓајте ни на религиозни визити за да нѐ испочатите… Но израдувајте нѐ дека сте ја отвориле стапицата од каде што сте се ослободиле самите себе, откажувајќи се од силувањата што ги вршите врз нас, сметајќи нѐ за недоветни… и недораснати… На жалост, такви испаднавме. Се разбира – поради сопствена вина… – Сѐ што нѐ пеевте, го прифаќавме како упатство по кое се однесувавме на вашите тренинзи, за „скокање со мотка“, која вие самите не сте кадри да ја поставите на сопственото рамниште, а не камоли да ја прескокнете, не дај боже, ако ве збрка некој… што може и вам, на еден подруг начин од нас, да ви се случи.
Несреќата ваша и наша е заедничка; затоа причувајте се самите себе вие, кога нам не ни успева тоа. И вашата и нашата несреќа е во тоа што недораснати личности, (со мали исклучоци) на кои пред да ги избереме не сме им го провериле видот во очите, дозволивме и дозволуваме да нѐ водат…! Каде? И самите не знаат… и затоа светов е на ова дереџе, какво што е!
Освен слепци што нѐ водат, си земаат за право да нѐ превоспитуваат како недораснати деца… и да нѐ плашат со „бубата ќе ве папа ако не слушате“…! О, ооо! Па ние од што бевме послушни, ни дојде бубата и сега нѐ јаде. Мореее, ќе нѐ изеде, бидејќи ништо друго не знаеме да сториме, сем да се чешаме како шугави, таму кај што нѐ боли, па и да ве трпиме и вас и нашите подлизурковци, и сега, кога со отворени очи нѐ водите кон губилиштето.
Вие, брат Борел и другите, какви-такви, ама од Европа, ве молам, престанете да ни пеете приспивни песни. Нека се и покровителски… Сите ваши певови ги ислушавме и сега сме во фаза кога се морниме од нив. Не спиеме веќе. Се разбудивме, ама и од тоа како да немаме фајде. Сепак, време е да престанеме да ви коленичиме. Сфативме дека нема фајде и од тоа. А, кога имало?
Наместо како досега со лажење да нѐ омаловажувате, навредувате и да го прифаќате сечието изживување врз нас Македонците, отворено кажете ни – што барате од нас? Ние знаеме, но чесно е да ги отвориме картите… за да расчистиме: – Вие, во вашиот моментално осарник, сте наумиле да нѐ примите како недефинирана маса? Трупец, над кој секој може да седне за да нѐ испогани? Од мене – Благодарам! Ќе чекам да ве заболи и да ви се искриви устата, од вековното џвакање на жилата што сте ја лапнале наместо касај леб, која не можете да ја изџвакате, за да ја голтнете, ама, ни да ја исплукате… Не е лошо да ви се помогне…
Како нагледно четиво ми послужи интервјуто на господин Ж. Борел, висок функционер во ЕУ, од 1 март 2022, објавено во весникот „Нова Македонија“.
М-р Јагнула Паскал Куновска