Фото: Игор Бансколиев

Од бизнис-заедницата велат дека државата треба да ги следи примерите од регионот и да се откаже од дел од приходите во буџетот, зашто дури околу 40 отсто од крајната цена на горивата се давачки на име акцизи, даноци и такси

Историско зголемување на цената на горивата

Со часови македонските граѓани завчера ги окупираа бензинските пумпи по најавата за енормно зголемување на цената на горивата. Колони се протегаа и по булеварите, возачите брзаа да ги наполнат резервоарите на возилата, со цел да заштедат барем некој денар, бидејќи за резервоар од 50 литри, заштедата беше околу 450 денари. Нагорната линија на зголемување на цената на нафтените деривати ја одврзува спиралата на поскапувања и има големо влијание врз состојбите во економијата, но и врз населението.

Во очекување на ефикасни мерки

Со оглед дека завчера на полноќ истече времетраењето на намалената акциза и данокот на додадена вредност за соодветните нафтени деривати, малопродажните цени на нафтените деривати се зголемија во просек за 7,96 отсто во однос на одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, со која изврши усогласување со законските прописи од 30 мај. Од вчера ДДВ-то за бензините е вратено на 18 отсто.
Во новата пресметка е извршена промена само на акцизите и данокот на додадена вредност, дефинирани со прописите за акцизи и данокот на додадена вредност. Малопродажната цена на бензинот еуросупер 95 се зголеми за девет денари за литар, додека на еуросупер 98 се зголеми за 9,50 денари за литар, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката, сега цената еуросупер 95 изнесува 104 денари, додека еуросупер 98 изнесува 106,50 денари. Што се однесува, пак, до цена на дизелот, тој се зголемува за девет денари и сега изнесува 95 денари.
Од одлуката на РКЕ може да се забележи дека набавната цена на нафтените деривати е значително пониска. Бензинот еуросупер 95 е 59,420 денари за литар, еуросупер 98 изнесува 61,263 денар и набавната цена на дизелот е 58 денари. Кон овие цени се додаваат трошоците за задолжителни резерви, акцизата и други давачки, поради што крајните цени на горивата се значително повисоки. Во највисоките малопродажни цени е содржан надоместок за трошоци за работење преку склад и трговска маржа, кој за еуросупер 95 е во износ од 4,796 денари за литар, за еуросупер 98 е во износ од 5,071 денари, а за дизелот е во износ од 5,159 денари.
Кон набавните цени се додава и надоместокот за транспортни трошоци од склад до бензински станици во износ од 0,95 денари за литар за сите нафтени деривати.
Наедно, содржан е надоместокот за финансирање на активностите во областа на животната средина за еуросупер 95 и за еуросупер 98 тој изнесува 0,080 денари, а за дизелот 0,030 денари за литар.
Исто така, содржан е надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, кој за еуросупер 95 и за еуросупер 98 изнесува 0,890 денари, а за дизел – 0,300 денари.
Додека, пак, акцизите што ги плаќаат обврзниците изнесуваат за еуросупер 95 и за еуросупер 98 – 22 денари, и за дизел – 15,50 денари.

Има примери на позитивни практики и во регионот

Од бизнис-заедницата велат дека државата треба да ги следи примерите од регионот и да се откаже од дел од приходите во буџетот, зашто дури околу 40 отсто од крајната цена на горивата се давачки на име акцизи, даноци и такси.
Билјана Муратовска, генерална секретарка на асоцијацијата на транспортери „Макам – транс“ вели дека на збирот на сите овие давачки се пресметува дополнително ДДВ од 10 отсто, кое е намалено, но нема никакво влијание конкретно на превозниците затоа што го враќаат ДДВ-то во целост.
– Високата набавна цена на нафтата е поради општата ситуација во светот, ембаргата што се спроведуваат генерално ја зголемуваат берзанската цена, но во вакви ситуации секоја држава треба да преземе мерки и да ги намали другите давачки што се додаваат на набавната цена на нафтата, а тоа е пред сѐ акцизата. ДДВ-то е износ што не влијае на превозните трговски друштва затоа што платениот износ на име на ДДВ се враќа во целост, па сеедно е дали е 10 или 18 отсто, влијанието е минимално од аспект на тековна ликвидност и обезбедени средства за плаќање на горивото – појаснува Муратовска.
Но таа нагласува дека ДДВ-то има колосално влијание за граѓаните и користењето на нивните возила.
– Генерално гледано, фактот дека превозната дејност не може да запре туку мора да се движат возилата за да не се банкротира и да се претворат возилата во железо за отпад е основата што ја користат сите држави во тешки услови на стопанисување да прибираат фискални средства во буџетите преку цените на горивото и патарините. Доколку не се воспостават инструменти за намалување на влијанието на економска криза, неминовно е цените на нафтата и другите енергенти да растат, а со тоа да се зголемуваат цените на сите производи, односно да се подгрева инфлацијата, која галопира – истакнува Муратовска.
Според неа, конкретно за превозните трговски друштва, особено е битно да се воведе одредба во Законот за акцизи да се враќа делумно акцизата за сите комерцијални превози, со што директно ќе се намалат трошоците и влијанието што превозните трошоци ги имаат врз цените на сите производи што се превезуваат, особено кога се знае дека 96 отсто од стоката во увоз и извоз се превезува по сувоземен пат.
– Нашето стопанство е увозно ориентирано, што значи дека цената на горивото има големо влијание на превозните трошоци по единица производ. Во сите држави на ЕУ и во Србија и во Црна Гора има враќање на дел на акцизата, со што се овозможува намалување на инфлацијата, односно на трошоците на превозот, кои директно влијаат на цените на сите производи и претставуваат и елемент со кој се зголемува набавната цена на увезените производи, што значи и зголемен износ за плаќање на ДДВ за крајниот корисник – укажува Муратовска.

Граѓаните мора да почувствуваат дека избраните се грижат за оние што ги избрале да раководат

Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, додава дека она што сега може да го направи Владата е да се откаже од дел од акцизата.
– Таа зазема голем дел од структурата на цената на горивата и потоа на целиот тој износ се пресметува данокот на додадена вредност. И привременото откажување од дел од акцизата е еден вид субвенционирање – истакна Димитров.
Инфлацијата и поскапото гориво веќе направија нарушувања и во домашниот буџет, па кај обичниот граѓанин се чувствуваат неизвесност и грижа. Новонастанатата ситуација особено ги засега граѓаните што работат во некој друг град во Македонија, кои коментираат дека секојдневните поскапувања на горивата веќе сериозно ги загрижуваат.
– Како долгогодишен работник што патува пет дена во неделата од Тетово до Скопје и обратно, стана прескапо да возам поради енормното зголемување на цените на горивата и веќе почна да се губи смислата за понатамошното работење во друг град. Можеби и можам да најдам разбирање за покачувањето на цените, бидејќи е светска криза, но очекувам исто така и надлежните да имаат разбирање за нас граѓаните, кои во крајна линија сме ги избрале за да ја водат државата во интерес на сите. Токму затоа, очекувам дека ќе преземат некои мерки со кои ќе се заштитат најзагрозените, за товарот да не го носиме исклучиво ние граѓаните – објаснува тетовецот, кој секојдневно патува на работа до Скопје.


Дополнително нови и повисоки цени на горивата од денеска

Додека ги изготвувавме анализите на цената на горивата во согласност со завчерашната одлука за промена на акцизите и ДДВ, вчера, во 16 часот, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлука со која се врши дополнително зголемување на цените на нафтените деривати во просек за 2,11 отсто во однос на одлуката од завчера.
Во согласност со оваа одлука од синоќа на полноќ максималните цени на нафтените деривати изнесуваат:
Бензин еуросупер БС-95 107 (денари/литар)
Бензин еуросупер БС-98 109 (денари/литар)
Дизел еуродизел БС (Д-Е V) 97,50 (денари/литар)
Екстра лесно 1 масло (ЕЛ-1) 95,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 54,640 (денари/килограм)