Премиерот Димитар Ковачевски денеска на маргините на Минхенската безбедносна конференција се сретна со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
– Срдечна средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен за време на обраќањето на потпретседателката на САД Камала Харис. Го делиме мислењето дека заедно сме посилни како сојузници во НАТО – напиша Ковачевски на својот фејсбук-профил.
Државниот секретар Блинкен, додава премиерот, ја изразил својата целосна поддршка за дијалогот и пријателството меѓу Македонија и Бугарија и ја споделил својата искрена желба да нѐ види заедно во ЕУ.
– САД остануваат наш посветен партнер во надминувањето на предизвиците – напиша премиерот на Фејсбук.
Пријателството меѓу Обединетото Кралство и Македонија, како и сојузништвото во НАТО, се силни влогови за безбедноста и стабилноста, напиша премиерот Димитар Ковачевски по средбата со британскиот премиер Борис Џонсон на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Обединетото Кралство, како што посочува премиерот Ковачевски, е наш стратешки партнер, и во континуитет ни дава силна меѓународна поддршка.
– Премиерот Џонсон ни честиташе за сите наши заложби за спроведување конструктивен дијалог кој ќе ни овозможи исполнување на нашите стратешки цели за евроатланска интеграција – напиша премиерот на Фејсбук.
Ковачевски на маргините на настанот оствари средба и со претставникот на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
На средбата на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, премиерот Ковачевски го запозна Лајчак со заедничките активности со премиерот на Република Бугарија Кирил Петков за интензивирање на билатералната соработка и за работата на петте работни групи за економија, инфраструктура, култура, ЕУ интеграција и историја коишто имаат задача да изготват патоказ за спроведување на Договорот за пријателство.
Претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак упати силна поддршка за интеграцијата на Македонија во ЕУ и ја оцени нашата земја како доверлив партнер на Унијата. Лајчак изрази и задоволство од досегашните заложби и ги оцени како значаен придонес кон конечната одлука за усвојувањето на Преговарачката рамка и за закажувањето на првата Меѓувладина конференција во мандатот на Република Франција како претседавач со Европскиот совет.
На средбата стана збор и за унапредувањето на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан, меѓу што и за охрабрувачкиот процес „Отворен Балкан“.
Во регионален контекст, премиерот Ковачевски истакна дека Македонија ги поддржува сите форми на дијалог меѓу Белград и Приштина, а изрази и поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на стабилна и безбедна Босна и Херцеговина во согласност со Дејтонскиот мировен договор.