Во фељтонот се обработува еден сегмент од пропагандната војна во османлиска Македонија од крајот на 19 и почетокот на 20 век, кој досега не бил обработуван. Во споменатиот период, Македонија е арена на пропагандни активности и конфронтации меѓу грчката, српската, бугарската и романската пропаганда. Во натпреварот за македонското православно население, пропагандите не избирале средства и методи. Притоа највулгарно биле злоупотребувани елементарните верски, просветни и хумани потреби на македонскиот народ за наметнување национална свест за политичките претензии на спонзорите. Во пропагандниот натпревар за „душите на живите“ не биле поштедени ниту мртвите. Притоа започнала една бизарна битка за гробишта и мртовци, која е непоимлива за христијанскиот морал и етика, како и воопшто за човечкиот разум

Фељтон

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, Македонија претставувала вистинска арена на пропагандни активности и конфронтации. Тогаш на територијата на Македонија дејствувале грчка, бугарска, српска и романска пропаганда. Грција, Бугарија, Србија и Романија преку пропагандните активности настојувале во Македонија да создадат свои „национални приврзаници, кои требало да послужат како аргумент во прилог на нивните политички аспирации“.
Како соседни земји на османлиска Македонија, Грција, Бугарија и Србија манифестирале директни територијални претензии кон неа. Целна група на која претендирале трите држави било македонско православно христијанско население, кое во основа не било ниту грчко, ниту бугарско, ниту пак српско, иако соодветните земји настојувале да го докажат токму тоа. Романската пропаганда, пак, претендирала врз влашкото (ароманско) население. Меѓутоа, Романија поради својата местоположба немала можности за територијално ширење на македонскиот простор. Оттука, романската пропагандна во Македонија треба да ce сфати како тактички метод за притисок врз Бугарија за територијални отстапки во Добруџа.
Споменативе пропаганди дејствувале преку црквите, училиштата и други хуманитарни институции. Тие финансиски помагале при градба и обнова на цркви и училишта, обезбедување црковна и училишна литература, школување свештеници и учители, финансиска издршка на училишта и учители, финансирање интернати за учениците, доделување стипендии, отворање болници и издршка на лекари и сл. Така, елементарните верски, просветни и хумани потреби на македонското православно население биле користени за наметнување национална свест за политичките потреби на спонзорите. Во оваа пропагандна трка по „македонските души бил ангажиран огромен финансиски и интелектуален потенцијал од соодветните земји“.

Истовремено со разни субвенции бил мобилизиран и стимулиран значен дел од локалните првенци.
Пропагандните во Македонија биле мотивирани од специфичниот османлиски милет-систем. Според него, населението во Османлиската Империја ce идентификувало според верската припадност на христијани и муслимани. Таквата идентификација во некои зафрлени делови од Македонија што не биле зафатени од пропагандите опстојал дури во почетокот на 20 век. Според милет-системот, православното население што било под јурисдикција на Цариградската патријаршија било заведувано како „Рум милет“. Под овој термин ce подразбирале сите православни христијани без разлика на нивната етничка и јазична припадност. Бидејќи Патријаршијата била под грчко духовно и културно влијание, по појавата на национализмот на Балканот, терминот „Рум милет“ станал синоним за Грк. По формирањето на грчката држава, Патријаршијата станала спроводник на грчкиот национализам.
Состојбите на Балканот, a особено во Македонија ce промениле по формирањето на Бугарската егзархија во 1870 година. Егзархијата како православна црква требало да ги реши црковните аспирации на словенското население во империјата. Во согласност со милет-системот, населението што преминало под нејзина јурисдикција било сметано за „Булгар милет“, што станало синоним за Бугарин. Поради словенскиот јазик, Бугарската егзархија брзо го проширила своето влијание во Македонија за сметка на Патријаршијата. Поради тоа, Патријаршијата и Егзархијата дошле во меѓусебен судир. Во 1878 година било формирано Кнежеството Бугарија. Тоа веднаш пројавило претензии кон Македонија, притоа систематски ги користело услугите на Егзархијата. Претензии кон Македонија имала и Србија, меѓутоа, Србите немале црковна институција во Османлиската Империја. Поради тоа, по појавата на Егзархијата и особено по формирањето на Кнежеството Бугарија, Србите биле принудени да бараат концесии од Цариградската патријаршија за протежирање на српската идеја, наспроти бугарската. На тој начин грчката и српската пропаганда биле упатени на соработка против бугарската. Од друга страна, романската пропаганда, која претендирала на влашкото население, дошла во судир со грчката пропаганда. Оттука била иницирана повремена соработка меѓу романската и бугарската пропаганда во Македонија наспроти грчката.

Најжестокиот судир за доминација над македонското православно население ce одвивал меѓу бугарската и грчката пропаганда. Овој конфликт ce одвивал под превезот на црковен судир меѓу Патријаршијата и Егзархијата, но всушност тоа било судир меѓу две националистички пропаганди. Бидејќи „националната определба“ во Османлиската Империја ce моделирала преку црковно-училишните институции, меѓу двете православни цркви започнала борба за контрола врз нив. До појавата на Егзархијата сите цркви во Македонија биле под јурисдикција на Патријаршијата.
По преминувањето на дел од населението под покровителство на Егзархијата ce отворило прашањето за контрола врз црквите. Во оние места каде што населението целосно преминало под Егзархијата, со дозвола на власта црквите преминале во посед на егзархиските општини. Меѓутоа, црковно-општинскиот имот предизвикал проблеми во мешаните средини, каде што дел од населението останал под Патријаршијата, a друг преминал на страна на Егзархијата. Проблемот навидум е бесмислен и излишен бидејќи двете црковни заедници ce православни, a црквите му припаѓаат на населението што ги изградило. Меѓутоа во случајот во Македонија тоа има исклучиво политичка, односно националистичка конотација. Во прашање било на кој јазик ќе ce изведува богослужбата, a уште поважно на чие конто (во кој милет) ќе бидат запишани верниците. Затоа борбата за контрола врз црквите, всушност, била борба за „народ“. Оттука извира и жестокоста на судирот. Вообичаено прашањето за поседот врз црквите во мешаните средини било решавано со интервенција на власта. Во почетокот власта налагала систем за наизменично користење на црквите од двете заедници, независно од нивниот број. Притоа, власта, раководејќи ce од принципот раздели и владеј обично приоритет давала на послабата страна. Така смислено го продлабочувала јазот меѓу зајадените страни, сметајќи дека на тој начин ќе го продолжи векот за контрола врз нив.

По судирот за црквите, кој прераснал во војна за душите на живите, започнал судир за гробиштата, кој претставува битка за мртвите. До поделбата на населението на патријаршисти и егзархисти, покојниците од православната заедница биле погребувани во единствени гробишта. Така започнала една бизарна битка за местото и начинот на погребувањето. Патријаршијата откако почувствувала дека почнале да ѝ бегаат живите ce обидела да ja задржи контролата врз мртвите. Притоа ce избирале времето и методот со кои може да му ce нанесе поголема болка на противникот. Проблемот за погребувањето на отстапниците од Патријаршијата најчесто ce разгорувал при формирање нова егзархиска општина; при погреб на свештеник или истакнат претставник од егзархиската заедница; при погреб на млад човек или дете. Во такви ситуации патријаршистите приредувале разни сценарија како: попречување да ce изведе погребот во постојните гробишта; откопување на погребаните и нивно исфрлање надвор од гробиштата; насилно одземање на мртвите и нивно погребување со грчки свештеник и слични нискости при кои мртовците останувале по неколку дена непогребани.

При такви околности доаѓало до жестоки судири и неизбежна интервенција на власта. Обично власта интервенирала инцидентно, но без принципиелен став. Понекогаш проблемот ce решавал со определување нови гробишта за егзархистите; другпат со откопување и повторно закопување на покојниот на друга локација; погребување на постојните гробишта, но без последното опело од свештеник; погреби организирани од војската и полицијата без присуство на најблиските на покојниот. Секој случај е приказна за себе. Сепак, едно е сигурно, двете православни цркви, Патријаршијата и Егзархијата, ставајќи ce во служба на грчката и бугарската пропаганда во безмилосната трка по македонските православни души ги погазиле основните христијански и човечки начела според кои покојните треба да почиваат во мир. Во битката за гробиштата, Патријаршијата не ги поштедила ниту Власите, кои паднале под влијание на романската пропаганда. За илустрирање на жестокоста и мизерноста на оваа битка издвојуваме неколку примери.

Автор: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев

(Продолжува)