Фото: Игор Бансколиев

Вчерашното свикување на бугарскиот консултативен совет за национална безбедност по барање на бугарскиот претседател Румен Радев предизвика мноштво реакции во Македонија, но и во Бугарија. Кои се скриените намери на Радев и зошто ова безбедносно тело е свикано токму сега, и тоа само по прашање за Македонија?
Досега овој совет не бил свикан по многу поголеми прашања, како што се пандемијата, инфлацијата, конфликтите меѓу Русија, Украина, случувањата во Казахстан итн. Дури и самите бугарски политичари се зачудени и сметаат дека Македонија воопшто не е никаква безбедносна закана за да се свика ова тело.
Дали можеби поранешниот генерал и актуелен претседател Радев очајнички се обидува да го наметне својот авторитет пред новиот бугарски премиер Петков, кој наскоро доаѓа во Македонија?

НОВО ЗАСЕДАНИЕ НА БУГАРСКИОТ СОВЕТ ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ, ОВОЈ ПАТ САМО ЗА МАКЕДОНИЈА

Бугарскиот консултативен совет за национална безбедност (КСНБ), свикан од страна на претседателот на државата Румен Радев, вчера расправаше за евроинтегративниот пат на Македонија, што е повеќе од јасен сигнал дека Софија сака нејзините недоразбирања и уцени кон Македонија да ги камуфлира и проблемот со Македонија да го претстави како наводно безбедносно прашање пред Европа.
Во ситуација кога Украина е на работ на воен конфликт од поголеми размери, во Казахстан има нестабилност и немири, расправата на тема „Македонија“ на бугарскиот совет за национална безбедност не може да се протолкува никако поинаку освен како обид на Радев поинаку да ја позиционира Бугарија пред европските партнери.
Тој преку извртување на фактите и измислици ќе продолжи да ги убедува европските партнери дека Македонија ги дискриминира Бугарите, не им дава права, шири говор на омраза, сето тоа сублимирано како можност од тоа да се изроди наводен безбедносен проблем за Европа. Во една таква вештачки креирана ситуација, намерата на бугарскиот претседател е прашањето за идентитетот и јазикот на соседниот народ сега пред Европа да се претставува како безбедносно прашање, имајќи ја предвид европската практика да не се увезуваат безбедносни проблеми, со што Бугарија сака да се претстави како кооперативен партнер и чувар на европската стабилност во овој дел на Балканот.
Истовремено, не е исклучено Радев да сака да го наметне својот авторитет и врз новиот премиер Кирил Петков, кој во првичните изјави се заложи за еден поинаков пристап во однос на Македонија, многу различен од оној на бугарскиот претседател, кој влече корени од старата живковистичка школа за негирање на Македонците, нивниот јазик, историја и култура.
Некои од бугарските медиуми сметаат дека Радев го свикал состанокот на Консултативниот совет за национална безбедност за да може јасно да му стави до знаење на премиерот Петков кој е кој во државата, односно добро да внимава што ќе каже и какви позиции ќе застапува за време на посетата на Македонија, закажана за 18 јануари.
Ако се оди по логиката дека секоја земја националниот совет за безбедност го свикува за работи што можат да ја дестабилизираат, тогаш расправа за Македонија на вака високо безбедносно тело во Бугарија е повеќе од збунувачко, но, од друга страна, можеби и добро смислено сценарио за нова бугарска стратегија наменета исклучиво за меѓународната заедница, која досега од Софија не виде ниту еден издржан аргумент за блокадата на македонските евроинтеграции.

И Бугарите збунети од потегот на Радев

Ниту во Бугарија никој не може да разбере зошто прашањето за Македонија одеднаш прекуноќ стана безбедносно прашање, уште помалку затоа што никој не гледа реална безбедносна закана од западниот сосед.
Поранешната бугарска министерка за надворешни работи и сегашна пратеничка од опозициската ГЕРБ, Екатерина Захариева, упати критика до претседателот Радев поради свикувањето на КСНБ за Македонија, притоа јасно ставајќи до знаење дека не гледа безбедносна закана од македонска страна.
– Две години не беше свикан советодавниот совет за национална безбедност, што е во спротивност со законот. Досега имаше најмалку четири теми на кои требаше да се свика консултативниот совет – ковид, инфлацијата, кризата со цената на енергијата и конфликтите меѓу Русија, Украина и она што се случува во Казахстан, тоа се важни прашања за националната безбедност. Во 2019 година претседателот веќе го свика консултативниот совет за национална безбедност за Македонија, беше донесена рамковна позиција и имаме декларација во парламентот. Не гледам некаква промена на нашите позиции од тогаш и не гледам директна закана за безбедноста на државата во моментот од страна на Северна Македонија – изјави Захариева во интервју за БНТ.
Таа уште додаде дека во Бугарија единствена тема на која е постигнат консензус меѓу политичките субјекти е токму прашањето за Македонија, така што свикување на советот во врска со земјава за неа е беспредметно.
Бугарската националистичка партија ВМРО-БНД, пак, се сомнева дека КСНБ може да е свикан за да се отстапи од бугарските досегашни позиции, притоа предупредувајќи дека ако бугарските власти им го свртат грбот на националните интереси поради деловни зделки со Скопје, партијата ќе поведе процедура за национален референдум по тоа прашање.
Дилема за потребата прашањето за Македонија да се третира како безбедносно има и бугарскиот аналитичар Јавор Сидеров, кој смета дека овој состанок најверојатно е свикан поради француското претседателство со ЕУ и намерата на претседателот Макрон да издејствува почеток на пристапните преговори на Македонија и Албанија, но и желбата на САД Македонија да биде примена во ЕУ.
– Сите овие фактори играат улога и несомнено ќе бидат споменати на консултативниот совет за национална безбедност. Не гледам никаква смисла овој состанок да се одржува само врз база на регресот на нашите односи со Скопје. Сметам дека советот се свикува заради пошироката меѓународна рамка – изјави Сидеров.

Македонија резервирана во однос на сè што доаѓа од Софија

Македонската јавност со доза на резервираност ги прима изјавите и потезите што ги влече официјална Софија, особено по најавите дека на тамошниот совет за безбедност ќе се расправа за Македонија.
Поранешниот дипломат Драган Јањатов воопшто не е изненаден од потезите на бугарските власти, особено од претседателот Радев.
– Тие имаат утврдена рамковна позиција и декларација усвоена во парламентот и нема да отстапат од нив. Ова што сега Радев го прави со состанокот на консултативниот совет за национална безбедност во врска со Македонија, наметнува една друга дилема, која можеби и не е третирана. Ако е тоа нова бугарска стратегија да се објасни блокадата кон Македонија, на ист начин треба да се одговори од македонска страна и тоа да се образложи пред европските партнери. Имено, ако Бугарија имала некакви забелешки во однос на Македонија, вклучувајќи и безбедносни, зошто тогаш пред некоја година не го блокира приемот на земјава во НАТО? Што се сменило оттогаш досега – прашува Јањатов.
Според него, критериумите што требало да ги исполни Македонија за прием во Алијансата се исти со оние што се потребни за почеток на преговорите со Унијата.
– Не очекувам ништо да се смени. Радев е таа стара школа уште од времето на Живков и нормално е да се обидува на ваков начин да ги продолжува тие политики – заклучува Јањатов.