НАСКОРО ОСТВАРУВАЊЕ НА СОНОТ СТАР 40 ГОДИНИ

Над четиридеценискиот сон на битолчани да добијат централно затоплување и топлификација, деновиве повторно го подгреа Горан Козаров, првиот човек на „Топловод“-Битола, претпријатие што го формира АД ЕСМ, со изјава дека цевките од РЕК-Битола за топлификација на Битола и соседните општини Новаци и Могила веќе се на нецел километар од градот.
– За една година цевките што ќе пренесуваат топлинска енергија од РЕК стигнаа до Битола. Цевките влегуваат во Битола и топловодната гранка од РЕК е стигната на дванаесеттиот километар од трасата, односно во близината на локацијата каде што ќе биде кулата за дотоплување на водата на влезот од Битола – изјави Козаров.
Инаку, топлификацијата на Битола од РЕК е желба на битолчани стара повеќе од 40 години, откако практично почна изградбата на комбинатот, но досега нејзината реализација не ја следеше многу среќа. Така, првото претпријатие што се грижеше за затоплување на битолчани, „Топлификација Битола“ ДОО – Скопје, по неколку години работење, замина во стечај. Оттогаш битолчани практично се збогуваа со централното греење и неколку илјади домаќинства, особено во Нова Битола, мораа да се преориентираат на загревање со струја или дрва.
За да се реализира идејата за централно затоплување на Битола, пред повеќе од една деценија Општината Битола, во соработка со соседната општина Новаци и Аминдео од Грција, почна со реализација на прекуграничниот проект за топлификација „Телетерм“. Со овој проект се планираше топлинската енергија што излегува од РЕК-Битола, преку општината Новаци, да стигне до општината Битола, а со еден крак да се поврзе и со општината Могила. Но и овој европски проект, кој ја имаше поддршката и од тогашната влада, а во кој требаше, покрај искуствата од Грција, да се користат и средства од ЕУ за прекугранична соработка, заврши без успех. Околу 160 илјади евра, од кои 100.000 беа наменети за Битола, а преостанатите 60.000 евра за Новаци и 100.000 евра за општинското јавно претпријатие „Детепа“ од градот Аминдео, соседна Грција, главно беа потрошени за промоции, научни конференции, трибини, посети, пропагандни материјали. Од проектот „Телетерм“ не се случи ништо. За причините зошто не се реализира проектот никогаш во јавноста не се изјаснија ниту тогашните општински власти на Битола и Новаци, ниту пак г-ѓа Ингрид Сагер, инаку раководителка на Одделението за регионален развој, социјална политика, земјоделство, меѓугранична соработка.
Откако Битола не успеа да го реализира проектот со соседна Грција за топлификација на градот, претходната локална власт пред локалните избори почна со сопствени средства да гради топлификација на десната страна од реката Драгор. За време на изборната кампања за локалните избори беа поставени цевки од фирмата што замина во стечај „Топлификација“ до ЈП „Стрежево“. Овој крак за топлификација требаше да поврзе десетина јавни претпријатија и институции, како и општинската зграда. Но и овој проект заврши како и претходните, без успех.
Сега сите погледи се свртени кон реализацијата на проектот за топлификација на Битола што го реализира АД ЕСМ заедно со РЕК-Битола.
Овој проект ќе се реализира во неколку фази, со средства од кредитната линија на КФБ банка, во износ од 40 милиони евра, и сопствени средства на АД ЕСМ, во висина од над 7 милиони евра. Тој треба да биде готов до 2025 година, кога во првата фаза треба да бидат приклучени 37 објекти од градот. Тоа се државни институции, судови, полиција, училишта, градинки, болницата, но и одредени објекти што прават трансмисија на огромни количества гасови и загревањето на тие институции чини многу пари. Според Козаров, бенефициите ќе ги почувствуваат прво тие, а потоа е предвидено мрежата да се разгранува низ градот, да се пројави интерес за колективните затоплувања каде што има постојни котларници.