Фото: Игор Бансколиев

Не помина долго време од регистрирањето на Центарот за македонски јазик во Лерин, а Грција веќе започна правна постапка за затворање на овој центар, со образложение дека се прекршува Договорот од Преспа?! Во нашето непосредно соседство „повторно се случува флагрантно негирање на Повелбата на Обединетите нации и загарантираното право на секој поединец на сопствено самоидентификување и употреба на мајчиниот јазик“, а во центарот на случувањата е негирањето на македонскиот јазик и македонската нација!

Центарот за македонски јазик во Лерин одново ги разбранува страстите, овој пат во различен контекст од претходниот

Според пишувањата на грчкиот весник „Катимерини“, грчката окружна обвинителка Анастасија Калаици, на 2 февруари, во Окружниот суд во Лерин ќе ја оспори одлуката на Основниот суд за регистрација на здружението Центар за македонски јазик во Грција. Во својот поднесок, грчката обвинителка аргументира дека „македонскиот јазик е признаен само како јазик на граѓаните на Република Северна Македонија“ и како такoв не смее да постои на друго место (?!).
– Дефиницијата на јазикот „македонски“, споменат во Договорот од Преспа, има само описна сличност со географскиот регион Македонија, кој е единствен и составен дел на Република Грција и на никаков начин не е поврзан со него, како словенски јазичен идиом, кој, според некои, се зборувал во географските граници на македонскиот регион на Република Грција… Во Грција нема „македонски“ граѓани што го зборуваат тој јазик, туку грчки државјани што зборуваат грчки јазик. Очигледно е дека целите на регистрираното здружение воопшто не се јасни. Се создава погрешна слика и впечаток дека регистрираното здружение можеби сака да промовира друг јазичен идиом што се вика македонски јазик, кој не постои во Грција…“. Ова е обид да се создаде малцинство во Грција – наведува грчката обвинителка во своето образложение за поднесената тужба.
Аргументите што ги наведува грчката обвинителка во образложението на тужбата наведуваат само на еден заклучок, дека Грција продолжува да ја толкува Преспанската спогодба само онака како што ѝ одговара, без притоа самата да спроведе макар и една точка од договорот.

Грција ги прекршува Преспанската спогодба, Повелбата на ОН и сите меѓународни конвенции за малцинства

Она што е интенција во последно време, а што по некоја случајност коинцидира со бугарското негирање на македонскиот јазик, тоа се обидите на Атина да го прекине просторниот и временски континуитет на македонскиот јазик и да го затвори само во рамките на државните граници, што претставува лингвистички преседан.
Тоа, само по себе, е крајно апсурдно и претставува директно негирање на Повелбата на Обединетите нации и загарантираното право на секој поединец на сопствено самоидентификување и употреба на мајчиниот јазик каде и да се наоѓа. Грција е дел од ОН и од Советот на Европа, така што ги прифатила обврските за заштита на човековите права, вклучувајќи ги и малцинските права.
Грчката обвинителка смета дека е прекршен членот 7 од Преспанската спогодба, односно точката во која се наведува дека македонскиот јазик и преостанатите одлики на Македонија не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион во Грција.
Ако се има предвид дека во спогодбата од Нивици јасно е прецизирано дека македонскиот јазик спаѓа во групата на јужнословенски јазици, тогаш употребата на тој јазик на грчка територија по ниту една основа не може да се смета како прекршување на Договорот, бидејќи постои јасна дистинкција од античката елинска цивилизација, нејзината историја и култура. Тоа подразбира дека македонското малцинство во Грција, кое има словенско, а не античко елинско потекло, може слободно да го употребува македонскиот јазик како дел од јужнословенските јазици и тука нема прекршување на членот 7.
Од друга страна, со обидот Грција да ја поништи регистрацијата на здружението Центар за македонски јазик, директно ќе го прекрши членот 5 од Преспанската спогодба, но и редица други меѓународни конвенции и декларации.
– Во вршењето на своите работи, Страните ќе се раководат од духот и начелата на демократијата, фундаменталните слободи, почитувањето на човековите права и достоинство и владеењето на правото, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, Меѓународната конвенција за елиминација на сите форма на расна дискриминација, Конвенцијата за правата на детето, Завршниот документ од Хелсинки, Документот од состанокот во Копенхаген на Конференцијата за човековата димензија на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа и Париската повелба за нова Европа и други меѓународни спогодби и инструменти кон кои пристапиле двете Страни – се наведува во членот 5.
Со други зборови, ова значи дека Грција нема никакво право да ја спречува употребата на македонскиот јазик од страна на грчките државјани што имаат поинакво идентитетско чувство од грчкото, односно се чувствуваат како Македонци.

„Длабоката држава“ интервенира по соодветните малцински прашања дури и во судските одлуки

Членот на колективното раководство на партијата на Македонците во Грција, Виножито, Павле Воскопулос Филипов, изјаснувајќи се за можното укинување на првостепеното решение за регистрација на здружението, вели дека грчката држава се меша и во судски одлуки секогаш кога станува збор за малцински прашања.
– Дојде по интервенција од Атина. „Длабоката држава“ интервенира по соодветните малцински прашања дури и во судските одлуки – изјави Воскопулос.
Според него, не треба да се отфрли ниту можноста Центарот за македонски јазик да биде укинат.
– Грчките органи решаваат и интерпретираат по свое убедување и „соодветно“ со грчките национални интереси. Во случајот да не се легализира во суштина македонски субјект различно од грчките стандарди, што е интерпретација, создадена пред децении – посочува Воскопулос.
Тој додава дека македонското малцинство никогаш не може да стане предмет на љубов или омраза меѓу двете држави.
– Суштината е да се демократизира Грција при малцинските прашања и Грција да направи реформа за спроведувањето и развивањето на современите национални идентитети. Конкретно да ги информира своите граѓани дека современиот македонски национален идентитет е различен од тоа што со децении го „сервира“ системот во Грција. Ние тука сме припадници на национално македонско малцинство и, секако, како Виножито сме „лек“ за грчката болест при македонското прашање и пошироко околу грчките национални стереотипи – посочи Воскопулос.

Јазикот не може да се омеѓи со државни граници

Несомнено, она што Грција се обидува да го направи сега може да се оквалификува како класичен јазичен геноцид. Имено, ограничувањето на употребата на еден јазик само во рамките на државните граници и негова забрана за користење надвор од тие граници е рамно на фашизам. Не постои ниту еден пример во светот на ограничување на употребата на јазикот, туку, напротив, демократските држави секогаш овозможуваат малцинствата што се на нивна територија, па дури и кога се маргинални, да го говорат и негуваат својот мајчин јазик.
Македонскиот јазик слободно се говори меѓу македонското малцинство во Србија, во Албанија, во Романија, но и во Германија, Швајцарија и Италија, како и во други земји низ Европа.
Македонскиот јазик можел да се употребува и во САД уште во почетокот на 20 век, каде што имало и испечатени формулари за вработување што можеле да се пополнат на македонски јазик. Македонците и денес слободно говорат македонски во САД, а слично е и во Канада, како и во Австралија, земји каде што има огромна македонска дијаспора.
И додека низ светот никој не ја ограничува употребата на македонскиот јазик, Грција, која сака себеси да се дефинира како лулка на демократијата, всушност ги спроведува најнедемократските методи, негирање малцинство на сопствената територија и на неговото меѓународно загарантирано право на употреба на мајчиниот јазик.
Според неофицијални податоци, во Бугарија има нешто над 150 илјади Македонци шо не можат да го употребуваат сопствениот македонски јазик, бидејќи тоа им го забранува бугарската држава, додека во Грција бројот на словенски говорители се претпоставува дека бил помеѓу 50.000 и 300.000 во последната деценија на 20 век.
Ова укажува на фактот што има и научно потврдена основа, а тоа е дека секаде каде што живее еден народ, како мнозински, или, пак, како малцинство, таму е присутен и јазикот што го говори и тој јазик не може да биде предмет на никакви договори, признавања или непризнавања. Едноставно, тој е дел од идентитетот на секој човек и никој не може да му го оспори и негира тоа. Ако македонскиот јазик го има во земјите преку океанот, невозможно е тој да не постои во Грција или во Бугарија. Апсурдно е да се мисли дека со државните граници ќе се ограничи употребата на македонскиот јазик, уште повеќе што присуството на македонското малцинство и во Грција и во Бугарија станува неспорен факт, пред кој Европа повеќе не смее да замижува.

Македонскиот јазик има просторен и временски континуитет

Основната премиса по која се водат експертите во делот на јазикот и, генерално, на јазичните состојби е дека секој јазик има просторна и временска димензија и дека не може никако да се омеѓува со граници, бидејќи јазиците се настанати многу порано, пред постанокот на државите.
– За разлика од државите, јазиците имаат просторна и временска димензија, при што се зборува за просторно-временски јазичен континуум. Така, за разлика од државите, кои се формираат во точно определено време и имаат точно дефиниран суверенитет на определен простор, јазиците се формираат во период од повеќе стотици години, многу пред формирањето на државите и не познаваат граници – вели првиот човек на МАНУ, академик Љупчо Коцарев.
Според него, со терминот држава е поврзан и терминот „литературен, државен или национален јазик“ – поим што се формира во точно определено време и важи на определен простор.
– Македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет, како впрочем и сите други јазици, за што постојат многу докази од 9 до 20 век. Македонскиот јазик се формира многу пред формирањето на државата Македонија. За тоа постојат голем број документи, но многу повеќе од тоа, фактот дека македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, препознатлив јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор – нагласува Коцарев.
Тој додава дека за посебноста на македонскиот јазик одамна се изјаснила светската славистика и дека не смееме да дозволиме тој да изумре во соседните држави.
– Многу јазици изумираат. На нивното изумирање им претходат и закони, декрети, забрани, спогодби, договори или некакви други официјални документи, кои често не се подготвени и не се донесени во духот на демократијата. Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и Рамковната позиција на Република Бугарија го прават точно тоа: создаваат предуслови македонскиот јазик, без наша грижа за него и со наша сестрана помош, да може да исчезне, да изумре во соседните држави – заклучува Коцарев.
На иста линија во своите ставови е и академик Катица Ќулафкова, која смета дека обидите да се негира јазикот се всушност нелингвистички претензии од соседните држави.
– Македонскиот јазик е само изговор за нелингвистичките претензии. Не може да се одрече јазик што има генеза слична на другите словенски и јужнословенски јазици, има свој историски развој, свој дијалектен систем признат од сите меѓународни јазични фактори, свој специфичен граматички систем, своја литература. Јазикот е поглед на свет, архив на колективна меморија – вели Ќулафкова.
Експертите и познавачите со кои се консултиравме велат дека откажувањето на македонската држава од сопственото малцинство во околните држави, како и откажувањето од македонскиот јазик што се говори надвор од границите на државата, последователно низ одреден временски период доведува до „исчезнување на нацијата и во сопствената држава“. Тие апелираат државата во согласност со меѓународните норми да побара од Грција да дозволи употреба на македонскиот јазик на нејзина територија и да не го оспорува правото на македонското малцинство таму на сопствен јазик и идентитет.


Грција го забранува, на светски универзитети ќе се изучува македонскиот јазик

Првпат по близу 15 години се отвораат нови лекторати по македонски јазик, а исто така е засилено присуството на македонистиката на престижни универзитетски центри во странство, соопшти Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ).
– Интензивирањето на соработката со странските универзитети со кои УКИМ има склучено меѓууниверзитетски договори т.е. протоколи за соработка, зголеменото темпо во работата на МСМЈЛК при УКИМ во остварувањето на својата мисија и посветеноста на лекторите по македонски јазик на десетте универзитети на кои има лекторати по македонски јазик, како и на професорите што предаваат на други тринаесет универзитети на кои се изучува македонистиката и со кои имаме континуирана плодотворна комуникација, резултираат со постојан интерес за македонистиката на вкупно над дваесет универзитетски центри во светот. Кон нив, од втората половина на минатата година се приклучуваат уште два универзитета на кои ќе се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, каде што допрва ќе работиме на развивање на студиите и интересот за македонистиката – велат од УКИМ.