Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи утрово ѝ посака топло добредојде на косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу, која престојува во дводневна посета на Македонија, со надеж дека оваа посета уште повеќе ќе ги зајакне одличните односи помеѓу двете земји, и ќе даде позитивен импулс за натамошен развој и интензивирање на севкупната соработка.
Вицепремиерот Битиќи на граничниот премин Блаце беше придружуван од Шпреса Јусуфи, амбасадорот на Македонија во Косово, Гоце Карајанов, посебен советник на претседателот Пендаровски за надворешна политика, и амбасадорот Кенан Рамадани, директор на директоратот за протокол при министерството за надворешни работи.
Вицепремиерот Битиќи е дел од делегацијата на претседателот на државата Стево Пендаровски кој е домаќин на претседателката Османи-Садриу и ќе учествува на пленарниот состанок на делегациите на Македонија и на Косово, по што е предвидена и заедничка прес-конференција на претседателите на двете држави.
Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Пендаровски и Османи-Садриу ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев, после што претседателка Вјоса Османи-Садриу ќе оствари средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и ќе се обрати на свечена седница во Собранието на Македонија.