Дебатата за промена на изборниот модел го засега и прашањето за бројот на пратеници во македонското собрание
- Во услови кога ефикасноста на Собранието е крајно дискутабилна, дискусиите за намалување на бројот на пратеници повторно стануваат актуелни, особено ако се земе предвид фактот дека многу други држави слични на Македонија по број на жители имаат значително помалку пратеници, а се далеку поекспедитивни во носењето на законите, но и во рационализацијата на трошоците
Дебатата за промена на Изборниот законик овој пат почнува навремено, речиси две години пред одржувањето на редовните парламентарни избори, што им остава доволно простор на политичките партии да ги усогласат ставовите и да се посветат на исполнување на препораките што доаѓаат од Европската Унија, а се однесуваат токму на изборното законодавство.
Во минатото ваквите расправи најчесто се отвораа непосредно пред изборите, кога веќе немаше време за суштински промени во Изборниот законик и работите најчесто остануваа по старо.
Покрај дилемата дали Македонија треба да биде една изборна единица, сè погласно се отвора и прашањето дали сегашните 120 пратеници се премногу за држава со нешто повеќе од 1,8 милион жители.
Во услови кога ефикасноста на Собранието е крајно дискутабилна, дискусиите за намалување на бројот на пратеници повторно стануваат актуелни, особено ако се земе предвид фактот дека многу други држави слични на Македонија по број на жители имаат значително помалку пратеници, а се далеку поекспедитивни во носењето на законите, но и во рационализацијата на трошоците.
Целта е да се изгради инклузивен изборен систем
По едно одложување, во понеделникот беше формирана работната група за реформи во изборното законодавство со која ќе раководи министерот за правда Игор Филков. Тој нова седница на работната група закажа на 23 март. Во меѓувреме, на членовите на работната група ќе им биде доставен текстот на предлог-измените на Изборниот законик, кој ќе биде работен документ, а го подготвило Министерството за правда во јуни 2025 година, во кој се вметнати препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Според Филков, целта е да се изгради стабилен, кредибилен и инклузивен изборен систем, усогласен со европските стандарди и добрите меѓународни практики.
– Овој процес бара политичка зрелост, дијалог и консензус. Очекувам конструктивна дебата и активно учество од сите членови, затоа што реформите во изборното законодавство се од суштинско значење за демократскиот развој на државата и зајакнување на довербата на граѓаните во изборниот процес – истакна Филков.
Претставници на повеќето политички партии се согласуваат дека бројот на пратеници во македонското собрание треба да се намали, со исклучок на партиите на помалите немнозински заедници, кои сметаат дека на тој начин за нив може да се намали можноста за претставување на парламентарната сцена. Тие излезот го гледаат во загарантирани места за немнозинските заедници, по примерот на некои европски земји.
Институционална рационализација
Во јавната дебата сè почесто се наметнува оцената дека македонското собрание со 120 пратеници е релативно кабеста институција за држава со големина и бројност на население како Македонија. Според овие оцени, бројот на пратеници не соодветствува со реалната бројност на населението, трошоците се високи, а се создава и прекумерна концентрација на моќ кај народните избраници, кои во основа спроведуваат партиски и владини политики, наместо директно да ги претставуваат интересите на гласачите што им ја дале довербата.
Според дел од експертите за изборни системи, отворањето на прашањето за намалување на бројот на пратеници во македонското собрание од 120 на 90 не треба да се гледа како политички потег, туку како дел од една поширока институционална рационализација.
– Намалувањето на бројот на пратеници би имало неколку позитивни ефекти. Прво, би придонело за поефикасна работа на парламентот. Помал број пратеници значи пооперативни комисии, појасна политичка одговорност и побрз процес на донесување закони. Второ, ваквата реформа би имала и симболична, но и реална финансиска димензија. Помал парламент значи и помали административни и буџетски трошоци, што е важна порака во време кога јавноста очекува рационално трошење на јавните средства. Трето, намалувањето на бројот на пратеници може да придонесе и за поголема политичка одговорност. Во помал парламент секој пратеник има поголема тежина и видливост, што ја зголемува индивидуалната одговорност пред избирачите – посочуваат експертите.
Според нив, ваквата промена би била во согласност со европските трендови, но и би се вклопила во насоките што ги промовира Европската Унија во поглед на институционалната ефикасност.
– Во повеќе држави се водат дебати за оптимална големина на парламентите, а некои, како Италија, веќе направија реформи со кои значително го намалија бројот на парламентарци. Затоа, доколку реформата се направи внимателно и во комбинација со пошироки изборни реформи, пред сè ако се оди со варијантата за една изборна единица, тогаш намалувањето на бројот на пратеници во Македонија може да биде чекор кон поефикасен, поодговорен и помодерен парламентарен систем. Истовремено, прашањето за бројот на пратеници не мора директно да значи намалување на правата или видливоста на немнозинските заедници. Доколку реформата се дизајнира внимателно, со јасни механизми за заштита на политичката репрезентација, можно е истовремено да се постигнат и поефикасен парламент и правична застапеност на сите граѓани – констатираат познавачите на изборните системи.
Компаративните искуства покажуваат дека Македонија е зрела за помалку пратеници
Во Европа постојат голем број примери што покажуваат дека големината на парламентот не мора секогаш да биде пропорционална со бројот на жители, туку треба да обезбеди функционалност, ефикасност и квалитетно претставување на граѓаните. Македонија со 120 пратеници има релативно висок степен на парламентарна застапеност во однос на бројот на жители. Според компаративни анализи на европските парламенти, Македонија има околу 6,4 пратеници на 100.000 жители, што ја става меѓу државите со повисока парламентарна застапеност во Европа.
Кога ќе се направи споредба со земји со слична популација, се гледа дека тие функционираат со значително помал број пратеници. На пример, Словенија со околу два милиона жители има 90 пратеници, Естонија има 101, а Црна Гора само 81. Ова покажува дека е сосема можно една држава со големина и население како Македонија да има парламент со помал број членови, без тоа да ја намали демократската репрезентативност.

































