Илустрација: „Нова Македонија“
  • Брисел и европскиот дел од Коалицијата на подготвените веќе се во состојба на највисока воена готовност, а за тоа говорат и огромните финансиски средства за воени буџети, кои во овој момент се алоцираат кон Украина, а кои за земјите членки на Унијата значат и откажување од некои домашни проекти насочени кон здравството и образованието. Европското водство оди дотаму што се бара намалување на социјалните трошоци за да продолжи финансирањето на војната во Украина наместо да работи на воспоставување траен мир

Европските либерални елити се решени буквално да го втурнат европскиот континент во војна само да го задржат сопственото влијание, притоа не водејќи сметка за последиците, кои во најголем дел ќе ги почувствуваат помалите и посиромашни земји.
Наместо да се интензивираат напорите, особено од европска страна, за ставање крај на руско-украинскиот конфликт, Европа додава масло на огнот така што продолжува да ја финансира војната заплашувајќи ги граѓаните со потенцијална руска агресија, која од Украина би се префрлила врз другите европски земји.
Последните инциденти со дроновите во Данска и во Норвешка, за кои никој не знае од каде доаѓаат, се користат токму во насока на ширење страв меѓу населението, дека војната е на прагот и дека ако сега не се преземе ништо, веќе ќе биде доцна.
Изјава во тој контекст неодамна даде и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој рече дека Германија не е во војна, но не е ниту во мир.
– Сакам да го кажам тоа со реченица што можеби е малку шокантна на прв поглед, но го мислам точно онака како што кажувам: Ние не сме во војна, но веќе не сме ниту во мир – истакна Мерц во Диселдорф, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како го проценува ризикот од војна за Германија.
Сите овие примери несомнено водат кон заклучокот дека Европа веќе е во состојба на највисока воена готовност, а за тоа говорат и огромните финансиски средства што во овој момент се пренасочуваат кон Украина, а кои за земјите членки на Унијата значат и откажување од некои домашни проекти.

Помалку инвестирање во здравство и образование, повеќе во војна?!

Откако повеќето европски земји, вклучувајќи ја и Македонија, испорачаа огромни количества оружје за Украина, сега потребите се за свежи пари, кои Европа ги нема, па затоа ги притиска европските земји да ги редуцираат трошоците во некои сегменти за да може да се финансира воената машинерија.
Поранешниот генерален секретар на НАТО и сегашен норвешки министер за финансии, Јенс Столтенберг, неодамна изјави дека Западна Европа мора да продолжи да испраќа милијарди долари помош за Украина, дури и ако тоа значи намалување на инвестициите во здравството и образованието на нејзините граѓани.
– Знам дека милијарда за Украина или национална одбрана е милијарда помалку за здравството, образованието или инфраструктурата. Но мора да запомниме дека најголемата цена е да му дозволиме на Путин да победи – рече Столтенберг на Варшавскиот безбедносен форум.
Тој потсети дека како министер за финансии ја натерал Норвешка тројно да ја зголеми воената помош за Киев и значително да ги зголеми трошоците за одбрана.
Неговите ставови се совпаѓаат со претходните изјави на сегашниот шеф на НАТО, Марк Руте, кој исто така повика на намалување на социјалните трошоци за поголемо финансирање на Украина.
Поголеми средства за Украина најави и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, напоменувајќи дека тие би можеле да се обезбедат и од запленетиот руски имот, на што официјален Кремљ реагираше со активирање противмерки.

Пандемијата покажа дека инвестициите во здравството се круцијални

Некои од европските аналитичари сметаат дека ваквиот потег уште повеќе ќе го зголеми револтот кај Европејците, кои веќе ги чувствуваат последиците од тригодишната војна.
– Ако европските земји почнат да кратат од средствата наменети за здравството и образованието и тие пари ги насочат кон Украина, тогаш дополнително ќе расте незадоволството од политиките што ги води ЕУ. Веќе се гледа дека на секои избори водат или победуваат кандидатите што бараат почитување на суверенитетот на секоја земја, односно што не сакаат актуелното европско водство да им ги пустоши здравството и образованието, да им ја девастира економијата само за да се одржи на власт. Се виде гласот на народот во Полска, врие во Франција, суверенистите се во предност и пред неделните избори во Чешка, така што прашање е дали ваквите нови европски барања ќе поминат. Доволно е да се потсетиме дека пред пет години, кога избувна пандемијата на ковид, немаше респиратори, немаше опрема, немаше доволно болнички капацитети, немаше ништо, па сите најавуваа големи инвестиции во здравството. Сега, две години по пандемијата, зарем заборавија дека тоа може да се повтори и во иднина, па ќе кратат од здравството за да финансираат војна. Исто е и со образованието. Кога сите истражувања покажуваат пад на образовниот процес, логичен чекор е дополнително инвестирање во образованието за да се издигне нивото на нови образовани генерации. Која би била поентата да се скратат пари од најважните општествени сектори во секоја држава за да се финансира војна? Или, можеби некому му пречат образовани и здрави луѓе, па подобро е да добијат аморфна маса, која лесно ќе ја индоктринираат, како и повеќе болни луѓе, кои нема долго да бидат оптоварување за пензиските системи. Зошто не посочија кратења од други несуштински сектори туку во оние што се круцијални за секое општество – се посочува во дел од анализите.

На Македонија ѝ требаат средства за здравството и за образованието

Домашните аналитичари, коментирајќи ги изјавите на поранешниот генерален секретар на НАТО за кратења од социјалните трошоци и нивно пренаменување за Украина, сметаат дека тоа не се однесува на Македонија.
– Повиците на Столтенберг и Руте повеќе се за земјите членки на ЕУ, но и побогатите партнери, пред сѐ Норвешка и Велика Британија. Македонија не е во оваа приказна бидејќи и онака македонското здравство и образование се паднати на колена. Не само што финансиски не можеме да го одржуваме и ваквото здравство туку треба дополнително да се задолжуваме за банални работи, како исплата на плати на докторите, за реновирање на пералниците, за набавка на лекови и слично. Исто е и со образованието. Сите овие повици за дополнително финансирање на војната во Украина врз грбот на европските граѓани доаѓаат од еден центар, од европските либерални елити што преку војувањето во Украина се одржуваат на власт. Хипотетички, еве, утре да се случи мир, како тие елити ќе им објаснат на своите граѓани зошто нивните економии се потонати, зошто цените на храната рапидно пораснаа, зошто плаќаат скапи енергенти, зошто стандардот не им дозволува купување нов автомобил и слични работи што до пред десетина години можеа да си ги дозволат. Сега не им е добро и незадоволството расте, а тоа може да се види со сѐ поголемата популарност на десните партии, кои го преземаат водството во повеќе европски држави. Тоа е нивниот страв, па затоа ќе зафаќаат пари и од здравството и од образованието само воената машинерија дополнително да меле на украинскиот фронт. Како и да е, ова е рецептот како дефинитивно да се уништи Европа и ако не се промени нешто радикално, тогаш крајот е поблиску отколку што се мисли. Затоа и земјите меѓусебно ги склучуваат сите овие нови сојузи – заклучуваат соговорниците.