Фото: Игор Бансколиев

Наспроти декларираните позиции од сите чинители во државата за значењето и важноста на младината и студентите, загриженоста поради т.н. процес на одлив на мозоци, иселувањето, лошите услови за академско напредување, а со тоа и вложување во иднината на земјата, некој повторно си поигрува со судбината на студентите, а со самото тоа и со иднината на државата. Според упатените во студентската проблематика, студентите во Македонија со децении се оставени сами на себе, во секој поглед, и веројатно спаѓаат во најзагрозената категорија на граѓани, што не смее да се дозволи

ПРОТЕСТИТЕ НА СТУДЕНТИТЕ КАКО ПОВОД

Студентите вчера излегоа на протест, незадоволни од одредени предлози со кои се загрозува нивниот стандард. Со ребалансирањето на буџетот поради економската криза се посегна и по студентскиот стандард, односно се предлагаа рестрикции и намалување на субвенционирањето на студентскиот оброк. По протестната реакција на студентите, предлагачите на измените на законот со кој требаше да се намали опфатот на приматели на оваа владина поддршка се повлекоа од таа иницијатива. Но „духот од шишето“ на студентскиот револт беше ослободен, па претседателството на движењето „Студентски отпор“ не се повлече од повикот за протест пред македонското собрание, кој се случуваше вчера, понеделник, на 14 ноември.
Со предложените, па повлечени измени во Законот за субвенциониран студентски оброк, тоа право би го изгубиле студентите што земаат стипендии, апсолвентите и студентите чии примања во семејството ја надминуваат минималната плата од 18.200 денари. Сепак, се чини дека предлагачите не се откажуваат целосно од повлекувањето на измените, туку се подготвени на нивно усогласување во разговор со претставници на студентите. Предложените измени на кои реагираат студентите не се случајни, ниту ад хок идеја на група пратеници.

Точката 4 што ја прелеа чашата

Планот за вакво решение извира од мерките и препораките според планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, кои Владата ги утврди на 88-та седница, на 9 октомври годинава. Во делот В од мерките за „консолидација на расходите за субвенции и трансфери и нивно намалување за 20 отсто во однос на фискалната рамка за 2023 година“, точката 4 се однесува токму на рационализацијата на расходите во МОН. Таа е планирана преку неколку точки, а три од нив ги засегаат и студентскиот оброк и стипендиите, а потенцијално и стандардот во студентските домови. Во дел од мерките и препораките на Владата се предвидува „рационализација на расходите за стипендии, преку ревидирање на видовите на стипендии и бројот на корисници, со утврдување построги критериуми за распределба, а во согласност со потребите на пазарот на трудот и профилите што треба да бидат финансирани; редефинирање на утврдениот систем за остварување на правото на студентски оброк; намалување на расходите на училишните и студентските домови и наоѓање законско решение за редевистирање на овие надлежности. МОН да направи анализа за разгледување на можноста за јавно приватно партнерство во менџирањето со студентските домови“.

Студентите во Македонија со децении се оставени сами на себе

Наспроти декларираните позиции од политичките чинители во Македонија за загриженоста поради т.н. процес на одлив на мозоци, иселувањето, условите за академското напредување на младите, а со тоа и вложување во иднината на земјата, одржувањето на студентскиот стандард во реалноста е соочено со предизвикот на индивидуална снаодливост на студентите и материјалните можности на нивните родители.
– Студентите кај нас со децении се оставени сами на себе. Јасно е дека нашата држава нема толкава финансиска моќ да овозможи услови за подобрување на студентскиот стандард, како во земјите на ЕУ, но во голема мера таквиот однос спрема студентите е одраз на немање политичка волја, или недостиг од знаење како да му се пристапи на тоа прашање од ниту една влада. Минатата година биле дадени одредени ветувања и спроведени како мерка во вид на субвенционирање на студентскиот оброк. Економската криза принудува на рационализација на буџетот, но студентите се посебна социјална и општествена категорија, каде што повлекувањето или само намалувањето на обемот од одредени ветувања претставува политички ризик за секоја влада. Во суштина, онаа економска максима „нема бесплатен ручек“, секако, важи и за студентскиот оброк. Некој треба да го плати, а Владата се чини не ги димензионирала добро своите можности за ова ветување што го дава, па се обиде да го намали, за по реакциите да се повлече. Но и самото активирање на ова прашање веќе создаде тешки социјални трауми. Сега е прашање дали оваа мобилизирана студентска енергија ќе биде употребена за други општествено-политички процеси. Студентската енергија е голема, но исто така таа лесно може да биде употребена или дури и злоупотребена – вели универзитетскиот професор Илија Ацески, социолог.

Студентскиот стандард се гради на принципот „снајди се“

Во однос на поддршката на студентскиот стандард и актуелните околности, треба да се спомене и изјавата на премиерот Димитар Ковачевски на самитот за трансформација на образованието на 77-то Генерално собрание на ООН во Њујорк, изговорена на 20 септември.
– Посветени сме на надминување на разликите што потекнуваат од разликите во приходите. Воведовме субвенционирани оброци за секој ученик. Тоа е дел од нашите напори за обезбедување еднаков пристап до оброците за младите лица на универзитетите. Покрај тоа, секоја година се даваат стипендии за учениците од средните училишта, како и за универзитетските студенти, на различни основи, како на пример врз основа на приходите или академскиот успех – рече Ковачевски од говорницата на ОН.
Но дали и колку ќе се опстои на кажаното, со оглед на актуелните состојби сега и предлозите за кратење на студентскиот оброк за одредени категории на студенти.
Студентите пак во реалноста и досега секој на свој начин балансираа меѓу обврските и задачите што ги носат студирањето и одржувањето на сопствениот стандард. Петар Стојановски, апсолвент на Факултетот за фармација, вели дека во секој случај мерката за субвенциониран оброк за сите студенти претставува одредено олеснување за некои издатоци, повторно поврзани со студирањето.
– Субвенционираниот студентски оброк беше воведен минатата година и за да се добие, требаше само да се поднесе онлајн апликација. Но и минатата година требаше да се исполнат одредени критериуми за да се добие таа субвенција. Најголемиот дел студенти веројатно го добивме тој студентски оброк, но се зборуваше дека сепак некои не го добиле, зашто не влегувале во некоја категорија. Секако дека е олеснување за секој студент каква било финансиска поддршка, со оглед дека бројот на стипендии што се доделуваа беше многу мал, а со висината на студентскиот оброк се постигнуваше вредност приближно колку половина стипендија. Студирањето во Македонија за секој студент е посебен предизвик, но генерално многу зависи и поголема е разликата дали студираме во местото каде што живееме. Јас сум од Скопје, но запознаен сум со предизвиците на колегите што се од другите градови во Македонија. Веќе е јавна тајна дека сместувањето во студентските домови, иако со ограничени услови и комодитет, најмногу зависи од тоа дали е најдена „вистинската врска“, дури и да се исполнети критериумите за прием. Потоа и за судирање во т.н. „државна квота“ е потребно да се плати партиципација, а освен тоа секоја година треба да уплатиме за некакви фондови, без разлика дали ги користиме или не. Сепак, и покрај одредени студентски „привилегии“, како слободно користење на јавниот превоз (иако за потврдата за редовен студент треба да уплатиме 100 денари на жиро-сметка), дури и со стипендија за каков-таков подобар стандард, многу од студентите и понатаму работат паралелно со студиите. Секое ограничување или намалување на веќе постојната поддршка од државата за студентите веднаш негативно влијае на студентскиот стандард – вели апсолвентот Петар Стојановски.


Студентите обединети за иста цел, но со различен приод

Студентот на Правниот факултет при УГД Штип, Јован Јанев, кој е дел од младинското движење на студентите „Студентски отпор“, кое преку социјалните мрежи повика на протест, вели дека движењето настанало спонтано по ваквите предлози, но и поради наталожените проблеми и огромното незадоволство помеѓу студентите.
– Сите сме лидери на ова движење, бидејќи настана поради незадоволство од одредени одлуки на владејачкото мнозинство и МОН. Јас сум само претставник. Сметам дека студентската волја и емоција и сила се заеднички лидер на целото ова движење – вели Јанев.
Од друга страна, Универзитетското студентско собрание на УКИМ смета дека предизвиците за студентскиот стандард треба да се решаваат институционално, а не со протести. Па така, во исто време кога требаше да започне протестот беше закажана средба во Собранието меѓу претставници на УСС УКИМ, како и од другите универзитети, со министерот за образование Јетон Шаќири и со пратениците што ги предложија измените на Законот за субвенционирање на студентскиот оброк.
– Очекуваме нашите барања да бидат прифатени. Ние како УСС сакаме да ги исцрпиме сите институционални патишта. Доколку на тој начин не наидеме на одобрување и прифаќање на нашите барања и ние ќе пристапиме кон други механизми за да ги бараме нашите права – вели лидерот на УСС УКИМ, Славчо Темелковски.