Организацијата на Обединетите нации (ООН) соочена со фатални удари

  • Влијателниот американски економист Џефри Сакс, професор на универзитетот „Колумбија“ и поранешен советник на тројца генерални секретари на Обединетите нации, Кофи Анан, Бан Ки-мун и Антонио Гутереш, смета дека актуелните случувања во светот покажуваат дека ОН се длабоко ранети, можеби и фатално. Џефри Сакс експлицитно ја споменува и ЕУ како институција што ги убива ОН, со тоа што „бесрамно го напушта почитувањето на Повелбата на ОН“, а во тоа се состои и леталниот удар што ѝ се нанесува на нашата држава, по одвојувањето од југословенската федерација…
  • Македонија веќе три децении ја води оваа битка за почитување на меѓународното право и Повелбата на ОН, но се соочи со сите можни апсурди, почнувајќи од нејзиното зачленување во светската организација спротивно на актите на организацијата, па преку блокадите наметнати од нејзините соседи, а поддржани од Европската Унија, кои се во целосна спротивност со меѓународните правни норми

Почитувањето на меѓународното право и на Повелбата на Обединетите нации е единствениот начин да се стави ред во овој исклучително хаотичен свет, во кој геостратешките интереси станаа посилни од секаква меѓународна правна норма.
Веќе никој не се осврнува на одлуките на Советот за безбедност на ОН, никој не ги почитува резолуциите на светската организација, па дури веќе отворено се говори и за потребата од постоењето на ОН во ваков формат и со вакви ингеренции.
Таквиот однос доведе до многу војни во кои цивилите ја платија и продолжуваат да ја плаќаат највисоката цена, но истовремено ги доведе помалите земји во незавидна состојба да не можат да се одбранат пред налетот на оние што се помоќни од нив и кои настапуваат исклучиво со аргументите на силата.
Македонија веќе три децении ја води оваа битка за почитување на меѓународното право и Повелбата на ОН, но се соочи со сите можни апсурди, почнувајќи од нејзиното зачленување во светската организација спротивно на актите на организацијата, па преку блокадите наметнати од нејзините соседи, а поддржани од Европската Унија, кои се во целосна спротивност со меѓународните правни норми.
Влијателниот американски економист Џефри Сакс, професор на универзитетот „Колумбија“ и поранешен советник на тројца генерални секретари на Обединетите нации, Кофи Анан, Бан Ки-мун и Антонио Гутереш, смета дека актуелните случувања во светот покажуваат дека САД и ЕУ ги уништуваат ОН.

– Обединетите нации се длабоко ранети, можеби и фатално, од настаните што се одвиваат токму сега. САД и Европската Унија ги уништуваат, ако не и убиваат, ОН со тоа што бесрамно го напуштаат почитувањето на Повелбата на ОН – вели Сакс.
Тој во интервјуто за белградска „Политика“ ваквото тврдење го поткрепува со повеќе примери на меѓународната сцена, со редица напади што се случија без одлука на СБ на ОН, со што, според него, е погазена Повелбата на ОН и е загубена улогата на светската организација да биде чувар на светскиот мир и на меѓународното право.
Кога човекот што најдобро ги познава внатрешните состојби во ОН излегува со вакви тврдења, тогаш станува повеќе од јасно дека малите земји се оставени сами на себе во овој голем виор во кој е вовлечен целиот свет.
Во такви услови инсистирањето на Македонија за почитување на меѓународното право иако личи на борба со ветерници, тоа се политики на принципиелност во кои се почитуваат универзалните човечки индивидуални и колективни вредности и права, па затоа и толку грчевита борба за таква реалност што би можела да се случи.
– Процесот на демонтажа на меѓународноправниот поредок и Обединетите нации започна на почетокот на 90-тите години на минатиот век, а сега ја доживува својата кулминација. Гледаме дека веќе за ништо не одлучува Советот за безбедност, напаѓа кој кого сака, така што по воспоставувањето нов мултиполарен свет ќе мора да се оформи некоја нова организација или досегашната би се ресетирала врз основа на фундаменталните принципи, во таква организација што соодветно и ефикасно ќе менаџира во новите светски состојби. Тоа се покажа и врз нашиот случај. Македонија беше примена во ОН спротивно на самата Повелба на организацијата, што е невиден преседан. Истата организација што требаше да биде гарант на почитувањето на сувереното право секоја земја сама да одлучува за своето име, ја прими под референца поради притисокот на Грција. Подоцна и ЕУ продолжи со истата практика, да поддржува условувања на свои земји членки спротивни на меѓународното право – велат експертите по меѓународно право.
Според нив, во ситуација кога меѓународното право и ОН се на стаклени нозе, шансите за малите земји се стратешките партнерства и сојузи.
– Кога меѓународното право постои само на хартија, тогаш одлуката на македонските власти да градат нови стратешки партнерства со големите и моќни земји се гледа како целосно легитимна. Само со таква заштита и поддршка ќе можеме да се избориме за нашите интереси. Од друга страна, ЕУ го загуби легитимитетот во оној момент кога и самата се откажа од почитувањето на меѓународното право и почна да функционира како подизведувач на некои туѓи политики, поради што сега сме сведоци дека и Европејците почнаа да се откажуваат од ваквата Унија. Очигледно се крои нов светски поредок, а дали ќе ги има ОН во него, па дури и ваква ЕУ, останува да видиме – заклучуваат експертите по меѓународно право.

(Интервјуто на Џефри Сакс за „Политика“ е пренесено интегрално во рубриката Избор, на страница 11)