Жозе Мануел Баросо, поранешен претседател на Европската комисија, во интервју за „Еуроактив“ вели дека ќе биде можно паралелно да се спроведат процесот на проширување на ЕУ и продлабочувањето на европската интеграција, спротивно на она што некои во моментов го тврдат при што повикуваат на „реформи на договорите на Унијата“. Што всушност значи тезата „истовремено проширување и продлабочување“ на ЕУ? Во моментов се води дебата за потенцијалната цена на проширувањето, при што некои го оправдуваат своето противење на тоа со претерано високите трошоци што би ги предизвикало тоа
Во разговор со „Еуроактив“, поранешниот претседател на Европската комисија (ЕК), Жозе Мануел Баросо, најпрвин истакна дека Унијата има „историски и невиден успех, што го покажува и трансформативниот капацитет на Унијата“, поради што Европа „не треба да ја изгуби перспективата за тоа што се случи во тоа време“.
– Можно е да се прошири и продлабочи [ЕУ] во исто време – рече Баросо, додавајќи дека „отсекогаш имало луѓе што велеле дека поголемото проширување значи помалку „продлабочување [на интеграцијата] – што е целосно лажно“.
За потсетување, во рамките на двете комисии што Баросо ги водеше (2004-2014), ЕУ првпат премина од 15 на 25 членки во 2004 година со пристапувањето на Кипар, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија и Чешка Република. Потоа, Бугарија и Романија го следеа примерот во 2008 година, а Хрватска во 2013 година.
Да не се занемарат стандардите на ЕУ!
Запрашан за лекциите што треба да се извлечат од дведецениското проширување, Баросо рече дека е неопходно „да се избегнат сивите области на нестабилност“ во соседството на Унијата и „да не се занемаруваат стандардите на ЕУ“.
И покрај проблемите со владеењето на правото во некои од новите земји членки на ЕУ, Баросо верува дека „тие се многу подобри денес отколку пред да влезат во Европската Унија, односно кога беа под комунистичкиот режим“.
– Забележав дека е огромна грешка кога, по мојот втор мандат во комисијата во 2014 година, беше кажано дека нема да има дополнително проширување во следните пет години.
Тоа создаде разочарување, фрустрација, па дури и незадоволство, и ја игнорираше чувствителноста на овие земји и овие луѓе – додаде тој.
Запрашан за целите на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за 2030 година, Баросо објасни дека тој не е за рокови, бидејќи тоа „може да создаде разочарувања“.
– Но денес е особено важно, особено поради Украина, да се знае како да се управува со времето – бидејќи реалноста е дека не е реално да се има земја во воена состојба во ЕУ – додаде тој.
Баросо ги повтори повиците од сегашната Европска комисија и некои земји членки на ЕУ за постепена интеграција на земјите кандидати дозволувајќи им да учествуваат на одредени состаноци, програми и институционални структури на Унијата.
– Токму затоа што ќе биде тешко и веројатно долго, мора да започнеме порано [да ги интегрираме], како што правевме порано – додаде тој.
Баросо: Би било сериозна грешка да се иницира фундаментална ревизија на институциите на ЕУ поради проширувањето
Во врска со потребата или не од нова реформа на договорите во перспектива на последователно проширување, Баросо одговори дека би било „сериозна грешка да се иницира фундаментална ревизија на институциите на [ЕУ] поради проширувањето“.
– Не го велам ова за да го одбранам Договорот од Лисабон, за кој преговарав, туку затоа што е потребна едногласност [од дваесет и седумте] за да се измени договорот и ако почнеме да внесуваме други прашања во процесот, изговорите да се спротивставиме ќе се зголемат.
Ќе има луѓе што сакаат да го блокираат проширувањето, па ќе користат институционални аргументи, ќе има луѓе што сакаат да ги блокираат институционалните реформи, па ќе го користат проширувањето – не треба да ги мешаме прашањата – објасни Баросо.
Напротив, Унијата треба да „избегнува премногу амбициозни реформи“ и „да ги спроведува само оние што се строго неопходни за проширувањето“.
– Бев претседател на комисија од 28 члена [пред брегзит] и сите студии, сите мислења, покажаа дека нашата комисија ги носеше одлуките поефикасно и побрзо од претходните мали комисии – инсистираше Баросо.
Во моментов се води дебата за потенцијалната цена на проширувањето, при што некои го оправдуваат своето противење на тоа со претерано високите трошоци што би ги предизвикало тоа.
На ова, Баросо возврати дека „алтернативата сигурно ќе чини повеќе од инвестирањето во проширувањето“.
– Дали сме подготвени да платиме за нестабилноста на утрешниот ден, охрабрени од можниот успех на Русија во Украина? Дали чини помалку?
Прашањето за трошоците мора да се разгледува од стратегиска гледна точка, а не само од краткорочна сметководствена гледна точка. Нашиот заклучок [во 2004 година] беше дека придобивките, не само политички, туку и економски, беа поголеми од трошоците – смета Баросо.
Тој повика и на реформа на системот на сопствени ресурси за буџетот на ЕУ. Наместо сегашниот систем на нето-придонесувачи и корисници, ЕУ би можела „да има сопствени ресурси поврзани, на пример, со ДДВ или со фактот дека земјите членки плаќаат според придобивките што ги добиваат од внатрешниот пазар“.
Според него, ЕУ треба „навистина да инвестира во проширувањето од сите гледни точки“.
– Понекогаш не се работи само за пари, туку за внимание, присуство [во овие земји] и совети, а тоа бара нешто поголемо и пошироко од она што го видовме досега.
Ова не може да го направат само Генералната дирекција и засегнатиот комесар, со сета почит. Мора да бидат вклучени [европските] општества како целина – рече тој.
Жозе Мануел Баросо, исто така, инсистираше на желбата на граѓаните на одредени трети земји да се приклучат на ЕУ и надежта што ја полагаат во членството во блокот.
Тој особено се осврна на про-ЕУ протестите што во моментов се одржуваат во Грузија, каде што граѓаните се собраа против предложениот закон за „странски агенти“, кој може да го загрози членството на земјата во Европската Унија.
– Гледаме луѓе како веат знамиња на ЕУ, [како што правеа на плоштадот „Мајдан“]. Што повеќе сакаме? Колку луѓе во сегашните земји членки на ЕУ би го направиле ова во моментов? Затоа мораме да одговориме на овие аспирации на начин што не е само политички или административен и технички – заклучи тој.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур