Фото: МИА

Премиерот Димитар Ковачевски денеска информира дека утре ќе се донесе конечна одлука за учество на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.

– Во пресрет на претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, денеска одржавме вонреден состанок на Отворен Балкан заедно со моите колеги Александар Вучиќ и Еди Рама. Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел, објави Ковачевски на Фејсбук.

Премиерот исто така истакна дека разговарале за повеќе теми важни за регионот и дека покренале иницијатива за Агенција за привлекување инвестиции на Отворен Балкан, која ќе овозможи дополнителен економски развој за регионот.

– Тема беше и претстојниот саем за храна вино и туризам кој треба да се одржи во Белград, како и повеќе други теми кои произлегоа од последниот Самит на Отворен Балкан кој се одржа во Охрид – додаде Ковачевски.

Претходно и српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека преку видео-конференциска врска разговарал со премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама за претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел, нагласувајќи дека одлуката за тоа дали ќе присуствуваат на средбата сите тројца ќе ја објават утре.

– Заедно се бориме за јасна перспектива на Западен Балкан, уште посилна соработка и подобро поврзување – наведе Вучиќ во објавата на Инстаграм.

Самитот ЕУ – Западен Балкан, на кој се очекува учество на претставници на ЕУ и на лидерите од земјите од регионов, треба да се одржи в четврток во Брисел, пред јунското заседание на Европскиот совет.


Вучиќ го информирал Борел за разговорите со Ковачевски и Рама

Српскиот претседател Александар Вучиќ телефонски разговараше со високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, при што го информирал за денешниот негов разговор со премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама посветен на претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел, јави дописникот на МИА од Белград.

– Во пресрет на претстојниот Самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел, претседателот Вучиќ го информираше високиот претставник Борел дека утринава разговарал со премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Димитар Ковачевски и дека е постигнат договор по консултациите со владите и советниците, утре напладне да ја соопштиме заедничката одлука за евентуално учество на овој собир – се наведува во соопштението на прес-службата на Кабинетот на српскиот претседател.

Според соопштението, Борел изразил задоволство од напредокот постигнат во дијалогот Белград – Приштина на состанокот на главните преговарачи и специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, кои заедно го усвоија патоказот за спроведување на енергетскиот договор.