Балансерот како облик и модел е нешто што многу ретко, ако и воопшто, може да се сретне во меѓународната политика за содржина на документ со таква важност донесен во воена состојба. Самиот термин, впрочем како и Охридскиот договор, сите овие години се користи како оправдување политички состојби, без елементарно да се конкретизираат или елаборираат Охридскиот договор и неговата целосна и недвосмислена примена
Балансерот, кој нејасно во јавноста се дефинира како некаква „едноставна административно-техничка алатка или методологија“, всушност концептуално претставува една од есенциите на Охридскиот рамковен договор, кој 23 години е на границата на тоа дали е спроведлив или не, но и какви се последиците од него врз македонската државност.
Балансерот се користи за оправдување политички состојби
Балансерот, кој случајно или со намера првпат се промовира и воспоставува како политичко-дипломатски, за жал, и уставен термин, е нешто што многу ретко, ако и воопшто, може да се сретне во меѓународната политика за содржина на документ со таква важност донесен во воена состојба. Самиот термин, впрочем како и Охридскиот договор, сите овие години се користи како оправдување политички состојби, без елементарно да се конкретизираат или елаборираат Охридскиот договор и неговата целосна и недвосмислена примена.
Во анексите А и Б буквално се впишани членовите на идните измени на Уставот на Република Македонија, кои во наредните години ги усвои Собранието на Република Македонија. А методот на формирање на државната администрација и уставна хиерархија од локалните до највисоките државни органи, односно балансерот, според Охридскиот договор е многу повеќе од условите единствено за вработување само во јавната администрација, што е регулирано со Законот за јавна администрација. Во Охридскиот договор е јасно запишано дека пропорционалната застапеност ќе се применува и во локалната самоуправа, локалното финансирање, општинските граници, полицијата на локално ниво, државните службеници и јавната администрација, изборните единици, правилата на Собранието, употребата на јазиците, народниот правобранител, како и формирањето на Републичкиот судски совет, Советот за безбедност и Уставниот суд. Сите други закони што не се во согласност со Охридскиот договор, Собранието ги укина и донесе дури 130 нови закони за да бидат во согласност и со уставните измени автентични со потпишаниот документ.
Реализацијата на балансерот резултира со задолжително присуство на албанските партии во секоја власт
Реализирањето на балансерот забрзано се спроведуваше за Албанците во Македонија, од каде што во државните служби и институции на сите нивоа се вработуваа приоритетно учесниците во воениот конфликт, како припадници на УЧК и ОНА, комбинирано со Законот за амнестија, засновано врз никогаш законски легитимно потврдени (а пресудни) 20 отсто граѓани од албанска национална припадност, особено по пропаднатите и дискутабилни пописи по 2001 година…
Но, без балансерот, сега се отвора ново поглавје на уставноправните развојни перспективи во државава. Без балансерот, сегашните партии на албанската етничка заедница полека почнаа да ја губат својата генерална основа за постоење и функционирање како партии на етничка основа. (Настрана што тие се и директниот генератор и причина за нивното иселување од државата, за што пишувавме во вчерашниот број.)
Политиколозите всушност се во дилема која е идеолошката матрица на политичките партии на сегашните етнички албански партии (не станува збор за етничката матрица, туку за постоење на вистинска идеологија на партијата: социјалдемократска, либерална, социјалистичка, лева комунистичка или пак десна, конзервативна итн.). Такво нешто партиите во албанскиот кампус немаат, а тоа е есенцијално за функционирање и реално интегрирање во еден политички систем. Етничките предзнаци се само акцелератор за дезинтеграција на интересните групи, во овој случај на политичките партии на Албанците. Интеграцијата е последица на постоење на заеднички идеолошки именител на политиките на партиите, а со тоа и на нивната политичка програма. Затоа, се поставува прашањето како може да се најдат заеднички точки во партиските програми со албанските партии, кога тие немаат во себе идеолошка (класично политичка) матрица, туку имаат само квазиидеологија во форма на етноцентризам?!
Со губењето на политичката основа на задолжителен партнер на албанска партија во власта што победува во албанскиот кампус, како што е тезата на ДУИ, погодени се самите раководства на овие партии. Тогаш, каде сѐ уште се крие задолжителното присуство на албански етнички фактор во секоја коалиција на власт доколку етничките мотиви им се сѐ уште во фокусот?
Зошто Охридскиот рамковен договор беше подготвен во најголема тајност,
а македонските преставници воопшто не беа запознати со неговата содржина до денот на потпишувањето?
Самиот Охридски рамковен договор, кој и во времето на неговото потпишување и денес, кога повторно ја зоврива политичката јавност, според добро информирани политичари од тогашниот државен врв и поупатени новинари од Македонија, претставуваше посебна и специјална операција на меѓународната заедница. Имено, странскиот фактор, директно и јавно (евроатланската заедница како учесник и во самиот конфликт, но и влијателни светски замешатели од сенка во воениот конфликт во 2001 година), од позиција на сила, на зелена маса доведе две страни (едната страна е легитимна држава -Македонија, а втората страна вештачки легитимирана од споменатиот странски фактор), кои потпишаа нешто што не може да одбијат да го потпишат. Понудата од „меѓународната“ беше дадена со стравотен притисок, на значајна штета на Македонија. Но, од друга страна, понуденото во вид на „договор“ беше завиткано во обланда за „постигнување мир“, што во тој момент очајнички и се бараше. Тоа се постигна, но содржински, во содржината на договорот беа вградени многу „фабрички фелери“, кои без темелен претрес од експертите, институциите или јавноста не можат да се откријат на прв поглед и без подлабока анализа. Но такво нешто не се дозволи на македонската страна и Охридскиот договор помина како „македонска војна и мир на зелена маса“. Скриените замки, подоцна вградени и во Уставот на Македонија, низ годините излегуваа на површина.
Охридскиот рамковен договор во 2001 година во најголема тајност беше и донесен во Македонија, средба во Охрид на највисоко ниво, непосредно на денот на потпишувањето
Според извори што непосредно учествуваа во сите фази на неговото потпишување, Охридскиот рамковен договор во 2001 година беше донесен во Македонија во најголема тајност и на охридска средба на највисоко ниво. Од страна на евроатлантската заедница учествуваа Франсоа Леотар и Хавиер Солана од ЕУ и Питер Фејт и Џејмс Пердју од САД. Од македонска страна, Бранко Црвенковски (СДСМ), Љупчо Георгиевски(ВМРО-ДПМНЕ), Арбен Џафери (ДПА), Имер Имери (ПДП) и претседателот Борис Трајковски.
До последен момент, непосредно до денот на потпишувањето македонските преставници не беа воопшто запознаени со неговата содржина. Се претпоставува дека таквата таинственост доаѓа од американските претставници, кои го донесоа и претставија договорот како готов документ. Договорот, неколку часа пред потпишувањето, кога учесниците потписници и физички контролирани беа собрани во вилата „Билјана“ во Охрид, веројатно се должи на претпазливоста на меѓународните предлагачи да се исклучи каква било поширока расправа или меѓународно влијание за самиот документ и неговото потпишување.
Тајноста на содржините на Охридскиот договор веројатно најпластично се отсликува преку примерот за „физичката забрана од страна на македонското и странското обезбедување кон госпоѓата Доста Димовска, кое не ѝ дозволило ниту да се приближи до зградата на вилата ’Билјана’ и била спречена да оствари каква било комуникација со македонските учесници на средбата“! За потсетување, г-ѓа Доста Димовска во тоа време беше членка на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, а претходно таа ја извршувала функцијата министер за внатрешни работи, а била носителка и на највисоката функција во Агенцијата за разузнавање, назначена од претседателот на државата Борис Трајковски. Н.П.Р.