Завчера попладне беа поставени две знамиња на тетовското кале, едното на УЧК, другото на Република Албанија, со кои очигледно некој сакал да испрати порака до македонските граѓани. Посебна симболика имаат локациите на кои беа поставени знамињата: знамето на Албанија беше ставено врз крстот од црквата „Св. Атанасиј“, а знамето на УЧК беше поставено пред влезот на калето… Според соговорниците, „знамето на УЧК на влезот на калето треба да го симболизира оружениот отпор против македонската држава, а она на црквата има опасни тенденции за ширење верска нетрпеливост, што е исклучително опасна работа“… Македонската јавност со право реагира на ваквите обиди за релативизирање на потпалувачките националистички реторики, со забелешка дека дури и да е за предизборни цели, сепак ова е премногу и претставува јасна порака дека борбата што првично почнала за територии, како што пред извесно време потврди и самиот Али Ахмети, всушност продолжува и натаму, но интенцијата е остварувањето на крајната цел да се постигне преку институционално дејствување
КРАТОК ОСВРТ НА НАСТАНОТ СО ДВЕТЕ НЕЗАКОНСКИ ПОСТАВЕНИ ЗНАМИЊА НА ТЕТОВСКОТО КАЛЕ: ЕДНОТО НА УЧК, ДРУГОТО НА РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА
Предизборието во Македонија очигледно стана период во кој буквално сѐ може да се каже и да се направи, а притоа за негативните последици никој да не одговара, креирајќи наратив дека станува збор за обична предизборна реторика и дека тоа нема никаква допирна точка со реалноста.
Сепак, некои кажани зборови и некои дела се далеку од некаква вообичаена предизборна реторика и упатуваат на сериозни пораки што некој во оваа држава очигледно и натаму сака да ги испраќа, потсетувајќи дека работата сѐ уште не е завршена.
Локациите на кои се поставени знамињата
– случајност или не?
Имено, завчера попладне беа поставени две знамиња на тетовското кале, едното на УЧК, другото на Република Албанија, со кои очигледно некој сакал да испрати порака до македонските граѓани.
Посебна симболика имаат локациите на кои беа поставени знамињата, знамето на Албанија беше ставено врз крстот од црквата „Св. Атанасиј“, а знамето на УЧК беше поставено пред влезот на калето.
Во март 2001 година започна отворениот напад од терористичките групации стационирани на тетовското кале врз македонските безбедносни сили во градот Тетово, со што се интензивира воениот конфликт, што на крајот резултира со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Терористите во август 2001 година ја кренаа во воздух и главната манастирска црква „Свети Атанасиј“ во рамките на Лешочкиот манастир, испраќајќи јасна и недвосмислена порака дека „нема место за христијански светилишта на нивна територија“. Поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон и австрискиот европратеник Јоханес Свобода тогаш ваквите напади ги окарактеризираа како дело на терористи.
Сега повторно некој намерно ги оживува реминисценциите од минатото, на некој начин потсетувајќи како почна и како заврши оружениот дел од борбата, истовремено надевајќи се дека сето ова ќе биде затскриено зад параванот на предизборието.
Пред извесно време слично насилно симнување на црковното и македонското државно знаме и поставување на албанското државно знаме се случи и во манастирскиот комплекс „Свети Наум“ на Попова Шапка, за што повторно изговорот беше дека станува збор само за обично предизборно додворување на гласачите преку манифестирање разни националистички изблици.
Македонската јавност со право реагира на ваквите обиди за релативизирање на потпалувачките националистички реторики, со забелешка дека дури и да е за предизборни цели, сепак ова е премногу и претставува јасна порака дека борбата што првично почнала за територии, како што пред извесно време потврди и самиот Али Ахмети, всушност продолжува и натаму, но интенцијата е остварувањето на крајната цел да се постигне преку институционално дејствување.
Кога нема реални резултати за граѓаните, тогаш се игра на националистичката карта
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека ваквите провокативни настапи, меѓу другото, се и обид пред сопствениот електорат да се најде алиби за неуспешните политики.
– Ова се последни обиди на ДУИ да се докаже пред албанскиот електорат, ама обидите се јалови и без каков било успех. Кризата на секое поле на сите им е видлива, така што и овој обид мислам нема да има никаков импакт врз гласачите. Креирање каква било тензија е невозможно, граѓаните ја имаат прочитано политиката на ДУИ. Сиромаштијата и економската криза не бираат по партија, пол, етничка припадност – констатира Пекевски.
И некои од другите аналитичари со кои се консултиравме сметаат дека станува збор за предизборен фолклор, но посочуваат дека сето ова почнува полека да ја преминува секоја граница на некаков предизборен маркетинг, особено со работи што ги повредуваат чувствата на македонските граѓани.
– Оружениот конфликт во 2001 година не буди убави спомени кај ниту еден граѓанин од оваа земја, без оглед на неговата етничка припадност. Не знам дали станува збор за обична коинциденција, но, сепак, симптоматични се моментот и локациите на кои се поставени знамињата. Она на УЧК на влезот на калето треба да го симболизира оружениот отпор против македонската држава, а она на црквата има опасни тенденции за ширење верска нетрпеливост, што е исклучително опасна работа. Нешто слично имаше пред извесно време и на Попова Шапка. Ако нешто добро функционира во оваа држава, тоа е меѓуверската толеранција и сега очигледно некој сака да го наруши и тој баланс. Тоа не смее да се дозволи по никоја цена – вели еден од соговорниците.
Според нив, кога партиите немаат реално што да им понудат на сопствените граѓани, кога немаат никакви проекти за да направат отчет што направиле во изминатите четири години, тогаш играат на проверената националистичка карта.
– Знамињата можел да ги постави кој било, но едно е јасно, некој сака да собере поени кај албанските гласачи. ДУИ за овие 20 години владеење низ сите изборни циклуси играше токму на таа националистичка карта. Програмите што ги нудат не се однесуваат на сите граѓани, туку исклучиво на албанската етничка заедница во земјава. Сега, кога нивните гласачи почнаа да поставуваат прашања зошто во 21 век немаат водоводи, канализации, патишта, одеднаш повторно се актуализира националистичката реторика, се прикажуваат големодржавни мапи, се веат знамиња, се прават приказни за дестабилизација на државата по изборите од страна на руски струи, од српски, само за да не се даде отчет зошто не е сработено она што е ветено. И албанската опозиција не заостанува во тој поглед, бидејќи се увери дека рецептот на ДУИ досега поминуваше, па и таа повремено излегува со такви националистички изблици, како што беше истакнувањето на знамињата на голема Албанија во Тетово за време на посетата на косовскиот премиер Албин Курти. Како и да е, на сите граѓани во оваа земја им е прекуглава од национализам, сите бараат подобар живот, функционални институции, добро здравство, образование, добар правен систем, пристоен стандард, сакаат чиста животна средина, а не да го дишат најзагадениот воздух во Европа. Секако дека ваквите провокации не се добри, бидејќи потсетуваат на едни лоши времиња, кои сите сакаме да ги заборавиме и затоа не треба да се правдаат со некаков предизборен фолклор, туку сторителите да бидат откриени и соодветно казнети – заклучуваат соговорниците.
Отстранети спорните знамиња на манастирот „Свети Атанасиј“ и на влезот во тетовското кале
Поставеното албанско знаме на куполата на манастирот „Свети Атанасиј“ на тетовското кале, како и знамето на УЧК на влезот на Калето вчера се отстранети.
Црковниот одбор, кој го надгледува овој храм, ги забележал знамињата, по што пријавил во СВР-Тетово, од каде што информираат дека се трага по сторителите.
– Веднаш по пријавувањето, на местото е испратена екипа од СВР-Тетово. Извршен е увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот – информираа од СВР-Тетово. Оттаму додаваат дека во координација со јавен обвинител се работи на откривање на сторителите.