Илустрација: „Нова Македонија“

Мерено статистички, низ бројки, во овој парламентарен состав со мандат во 2020-2024 г., се закажани 149 седници, 102 се завршени, а 46 незавршени. Донесени се 548 закони. Имајќи ги предвид и другите акти, одлуки и извештаи, вкупниот број е 832. Не се донесени 130 акти, кои се влезени во процедура и не се завршени. Во еден посликовит пресек, работата на десеттиот парламентарен состав може да се опише со неколку „живописни цртички“: летаа филџани, се пцуеше, се чуваа закони по фиоки, се злоупотребуваше европското знаменце, се работеше по чувства, а не по Деловник, се изигруваа процедурите, се броеше глас по глас… Но над сѐ, парламентот ја загуби својата контролно-надзорна функција над другите власти во државава!

По последната пленарна седница на парламентот за овој пратенички мандат: Краток пресек на учинокот на македонскиот законодавен дом

Собранието е во постојано заседание, и покрај тоа што ја одржа последната пленарна седница за овој пратенички мандат. Така е наведено и во Уставот (дека Собранието е во постојано заседание), а актуелниот собраниски спикер Јован Митрески најави дека поради почетокот на изборната кампања, на 4 април, сите други активности на Собранието ќе бидат сведени на неопходниот минимум, со цел да се избегне можноста за злоупотреба на собраниската говорница. Митрески објасни дека на 8 мај ќе се одржат редовни парламентарни избори и дека во согласност со Уставот, Собранието не е распуштено и останува во постојано заседание. Според изборните рокови, на 12 мај треба да биде свикана седницата за инаугурацијата за новиот претседател на државата, а до 28 мај треба да се одржи конститутивната седница за идниот парламентарен состав. Доколку сегашниот претседател на Собранието не го стори тоа, на 21 ден по изборите, седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседателот на новиот парламентарен состав, во согласност со роковите од новиот Деловник, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

До каде стигна парламентарната демократија на десеттиот собраниски состав?

Предизвикот за унапредување на демократијата е пред секој нов собраниски состав, веќе 33-34 години од воведувањето на плуралната демократија. По малку парадоксално, но тој предизвик со текот на годините се сведе на прашањето – дали пратениците успеваат да се издигнат над перцепцијата за нив во јавноста, дека се сведени на гласачка машина на своите партии? И понатаму останува дилемата дали со резултатите во својата законодавна дејност и ефикасноста во работата, Собранието е претставнички дом на сите граѓани на државата и работи за нивните интереси, или дејствува „елитистички“, пред сѐ посветено на интересите и преземените обврски на политичките елити.
Мерено статистички, низ бројки, во овој парламентарен состав со мандат во 2020-2024 г., закажани се 149 седници, 102 се завршени, а 46 незавршени. Донесени се 548 закони. Имајќи ги предвид и другите акти, одлуки и извештаи вкупниот број е 832. Не се донесени 130 акти, кои се влезени во процедура и не се завршени. Во еден посликовит пресек, работата на десеттиот парламентарен состав може да се опише со неколку „живописни цртички“: летаа филџани, се пцуеше, се чуваа закони по фиоки, се злоупотребуваше европското знаменце, се работеше по чувства, а не по Деловник, се изигруваа процедурите, се броеше глас по глас…
Актуелниот парламентарен состав го започна својот мандат во специјални услови и работеше значителен период под „посебен режим“ – со мерки и протоколи за време на ковид-пандемијата. Во однос на ефикасноста, веројатно ќе биде запаметен по опуштеноста во примената на опцијата „европско знаменце“ за носење закони на „брза лента“, по скратена постапка. На таквата воспоставена практика реагираше и ЕУ, поради увидувањето дека европското знаменце се употребува и за закони што не се во корелација со усогласување со европското законодавство. Алармот на ЕУ предупредувачки засвети при носењето на законот за изградба на автопатските делници од конзорциумот „Бехтел и Енка“ со европско знаменце, но за измените во Кривичниот законик, со кој застареа делата на предметите од СЈО што им се ставаа на товар на познати личности од општествениот и политичкиот живот, предупредувањата од ЕУ прераснаа во сериозни критики. Овој парламентарен состав изгласа и резолуција за т.н. црвени линии во преговорите со Бугарија, кои практично беа прегазени една година подоцна со прифаќањето на т.н. француски предлог на рамката за преговарачкиот процес за членство во ЕУ. Иако народните избраници во овој состав ја почнаа седницата на која се разгледуваше потребата за отворање на Уставот, сепак поради немањето 80 пратеници или двотретинско мнозинство гласови, уставните измени останаа неизгласани…

Неодговорност на пратениците и на пратеничките групи, недовршени обврски,
импровизации, меѓусебни опструкции…

Вообичаено, власта и опозицијата имаат различни гледишта на причините и одговорноста за резултатите и перцепцијата што останува во јавноста за (не)успесите во мандатот на овој пратенички состав. Опозицијата обвинува дека малобројното парламентарно мнозинство е виновно што речиси една третина од собраниските седници останале недовршени… Исто така, опозицијата реагира и на избегнатата обврска од претходниот собраниски спикер, Талат Џафери, (практично неговото водење на Собранието го обележа целиот овој пратенички мандат, иако го замени за премиерска функција за последните 100 дена) да ги стави на дневен ред интерпелациите за него, како и за министрите Маричиќ и Николовски. Од собраниското „немнозинство“ обвинуваа и за неажурноста на владините коалициски партнери да расправаат за информациите на опозицијата, поврзани со тетовската модуларна болница и сообраќајната несреќа близу Ласкарци…
Владејачкото мнозинство, пак, упатува контраобвинувања до опозицијата, дека голем дел закони останале недонесени поради тоа што не биле свикани комисиски седници за нив, каде што претседатели на комисиите и работните тела биле пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, и покрај меѓусебните обвинувања на мнозинството и опозицијата и фокусираноста на законодавната улога на Собранието, се чини дека и овој парламентарен состав не се „сети“ на својата надзорна/контролна функција над извршната власт. Имено, и според Уставот (член 68, став 16), Собранието врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието.
Но на крајот на мандатот на десеттиот парламентарен состав, се чини не може да се избегне впечатокот дека Собранието не успеа да излезе од сликата што ја емитува за себе во јавноста дека е „извршен орган (гласачка машина) на извршната власт“, наместо да биде обратно, како што е дефинирано според Уставот за поделбата на власта.

Со секој нареден мандат, контролно-надзорната функција на Собранието
дадена со Уставот сѐ повеќе се дерогира

Политичката контрола и надзор на парламентот над Владата и над другите носители на јавни функции се една од уставно утврдените надлежности на
Собранието на Република Македонија! Некои од битните механизми за остварување контролно-надзорна функција на Собранието се: пратеничките прашања, интерпелацијата, анкетните комисии, изгласување недоверба на Владата, надзорни комисиски и пленарни расправи итн.
– Со секој нов пратенички состав се потиснуваше надзорната улога на Собранието, за денес практично и да не се применува, како да не постои. Тоа е главниот дефект на целиот општествено-политички систем, што Собранието ја запостави својата контролна функција врз извршната власт. Нема никаква контрола врз извршната власт, а само Собранието има надлежност за таква контролна функција. Не постои друг политичко-правен механизам во системот.
Собранието на Република Македонија, според Уставот, е замислено не само како законодавен орган туку и како надзорен орган врз Владата. Во секој следен мандат, Собранието сѐ повеќе и повеќе ја губеше таа надзорна функција. Тука не обвинувам еден мандатен состав. Преземам критика и на периодите кога јас сум бил во Собрание. Но имам чувство дека со секој нареден мандат, таа функција на надзор на Собранието е дерогирана. Ние доаѓаме во ситуација, кога во тоа Собрание не се ни случуваат надзорни расправи, што е основен метод како Собранието ќе ја исконтролира власта. Нам ни се случи Собрание, во кое осум месеци немаше пратенички прашања. А пратеничките прашања се институт предвиден со Уставот на Република Македонија. Какви и да се толкувањата на еден или друг, сепак е прекршен Уставот. Осум месеци немавме пратенички прашања! Нема логика, но тоа си функционираше. Ние како општество не реагиравме. Ни се разрушува системот и како држава не го решаваме тој проблем… Ако нема контрола од Собранието врз Владата, вака ќе изгледа државата, како што изгледа и досега. Можеби некој на функција ќе биде поодговорен, но тоа е лична работа. Системот се поставува како политички механизам за да се намалат последиците од субјективитетите на луѓето, од личните слабости. Нема човек без слабости. Системот се поставува за да ги регулира процесите – констатира во разговорот за „Нова Македонија“ поранешниот пратеник Илија Димовски.


Заборавените контролно-надзорни функции на Собранието како
потсетување за идниот собраниски состав

Анкетни комисии и надзорни расправи

1. Заборавениот институт наречен анкетната комисија на Собранието е механизам што овозможува ex-post контрола над Владата и над другите институции, кои за својата работа одговараат пред Собранието! Анкетната комисија е тело што се основа со одлука на Собранието, со цел да изврши функција на политичка контрола за сите области и за секое прашање од јавен интерес! Делокругот и составот на анкетните комисии се утврдуваат со одлуката за нивно основање, при што претседателите на анкетните комисии по правило се од редот на пратениците на пратеничките групи во опозиција. Анкетните комисии се основаат со цел утврдување факти и состојби по контроверзни прашања, за кои се надлежни министерствата и другите органи на државната власт. Анкетната комисија има задача да направи увид во документацијата, да направи анализа на некој посебен настан или случај и да ги презентира наодите пред Собранието. Анкетните комисии не може да имаат истражни и други судски функции, но наодите на анкетните комисии може да бидат основа за поведување постапка за утврдување одговорност на носителите на јавните функции.
2. Уште еден заборавен контролно-надзорен механизам на Собранието се т.н. надзорни расправи. Надзорните расправи се контролен механизам, што за првпат е воведен со Законот за Собранието на Република Македонија, донесен во август 2009 година. Надзорните расправи се одржуваат за да се добијат информации и стручни мислења во врска со утврдувањето и спроведувањето на политиките, извршувањето на законите и другите активности на Владата и на органите на државната управа. Надзорната расправа ја спроведува матичното работно тело на Собранието во чиј делокруг спаѓа прашањето што е предмет на надзорната расправа. Матичното работно тело може на седница да покани овластени претставници на Владата или на органите на државната управа и да побара од нив информации и појаснувања што се предмет на надзорната расправа. На надзорната расправа можат да бидат поканети и други лица што можат да дадат информации за прашањата што се предмет на расправата. Во текот на расправата, членовите на матичното работно тело, но и пратениците што не се членови на матичното работно тело можат да им поставуваат прашања на овластените претставници на Владата, на органите на државната управа или на другите лица поканети на расправата, само во врска со прашањето што е предмет на расправата. По завршувањето на надзорната расправа, работното тело доставува извештај до Собранието во кој е внесена суштината на излагањата, а може да предложи и заклучоци што се доставуваат и до Владата.