Во нашите судови сѐ уште се водат постапки за предмети отворени пред дваесетина години. Замислете колку потенцијални трошоци се тоа за државата и колку сѐ уште тие ќе растат. На јавноста никогаш не ѝ беа презентирани систематизирани податоци за износот што на годишно или на какво било друго ниво беше исплатуван од државниот буџет врз основа на предметите за кои било задолжено Државното правобранителство
СИСТЕМСКИТЕ СЛАБОСТИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО
ГИ ИСЦРПУВААТ И ФИНАНСИСКИТЕ
И ЧОВЕЧКИТЕ РЕСУРСИ
Додека политичките партии, меѓу другото, ја занимаваат јавноста и со доскорешниот ангажман за извесната Бесмира Ејупи во Државното правобранителство и со тоа дали неговиот донеодамнешен прв човек Фехми Стафа бил разрешен или самиот поднел неотповиклива оставка, Владата деновиве интензивно реализира огласи за нови именувања на раководните функции во оваа институција. А, иако во јавноста таа воопшто не е експонирана, станува збор за институцијата што мошне значително влијае врз приливот и одливот на пари во државниот буџет и чие дејствување има голем импакт врз конечните оцени за состојбата на владеењето на правото и на нивото на демократија во земјава.
Улогата на Државното правобранителство
Имено, откога пред неколку недели, под сѐ уште неразјаснети околности, предвремено заврши мандатот на дотогашниот главен државен правобранител Фехми Стафа, Владата распиша оглас за именување негов наследник, како и повеќе огласи за именувања државни правобранители на ниво на одделните подрачја низ земјава.
А што, всушност, претставува институцијата Државно правобранителство, за која политичките партии, без оглед на нивната моментална позиција, не сакаат многу да зборуваат и која во јавноста многу често се меша со институцијата Народен правобранител или Омбудсман.
За разлика од последнава, чија основна задача е да ги штити правата и слободите на граѓаните, институцијата Државно правобранителство треба да ги штити интересите на државата.
Имено, според одредбите на Законот за Државното правобранителство на Република Македонија, „Државното правобранителство е државен орган кој презема мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија и врши други работи утврдени со овој и друг Закон“.
Државното правобранителство, како што се вели во законот, ги остварува своите надлежности врз основа на Уставот, законот и ратификуваните меѓународни договори, а функцијата на Државното правобранителство ја вршат државниот правобранител на Републиката и државните правобранители во Државното правобранителство. Државниот правобранител по предлог на Министерството за правда го именува Владата за време од шест години со право на повторен избор, исто како и државните правобранители по претходно прибавено мислење од државниот правобранител, и тоа без ограничување на мандатот.
Владата, исто така, како што се вели во законот, по предлог на државниот правобранител, го определува бројот на државните правобранители и донесува одлука со која го утврдува седиштето на државните правобранители и подрачјата на судовите каде што се врши државноправобранителската функција.
Иако, според наведеното, бројот на државните правобранители и подрачјата на нивните надлежности се променливи, позицијата главен државен правобранител е константна категорија, па сепак, во пошироката јавност во изминативе 30 години речиси никогаш не беа познати имињата на луѓето што беа на оваа функција. Освен тоа, на јавноста никогаш не ѝ беа презентирани систематизирани податоци за износот што на годишно или на какво било друго ниво беше исплатуван од државниот буџет врз основа на предметите за кои било задолжено Државното правобранителство. Инцидентно (и главно во функција на дневнополитичките пресметки) беа објавувани одделни износи за обесштетувања на физичките и на правните лица од страна на државата, исто како и информациите за неисплатените побарувања на разни субјекти поради што, барем во оној дел од јавноста што бил заинтересиран и инволвиран во работењето на Државното правобранителство, постојат резерви во однос на оправданоста на постоењето на оваа институција.
Во Државната антикорупциска комисија, која според редот на нештата во еден дел се занимава и со предметите што произлегуваат од (не)постапувањето на Државното правобранителство, велат дека оцените за неговото работење би требало да ѝ се препуштат на Владата бидејќи таа ги врши именувањата на овие функции.
– Таа, како што велите, слаба точка во системот, ние ја посочивме и во нашата Национална стратегија заедно со препораката за зголемување на ефикасноста и транспарентноста во работењето на Државното правобранителство и за потребата од менување на Законот за Државното правобранителство – објасни кратко претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.
Државата постојано плаќаше и понатаму ќе плаќа огромни износи за обесштетувања и неповратно ги губи своите добра
Проблемот, вонинституционално гледано, е многу покомплексен.
– Досегашните носители на функцијата државен правобранител не го правдаа постоењето на позицијата и затоа државата постојано плаќаше и понатаму ќе плаќа огромни износи за обесштетувања и неповратно ги губи своите добра. Тоа е затоа што во оваа институција, во принцип, се именуваат и вработуваат лоши правници, со единствената цел удомување на партиските кадри, кои ниту знаат ниту сакаат да ги штитат интересите на државата. Проблемот, на пример, е што кај нас, државните правобранители, во правило, одбиваат да направат спогодба за тие од две до три илјади побарувања за обесштетување што, по разни основи, се појавуваат на годишното ниво и дозволуваат понатаму да се водат долготрајни и скапи судски постапки и да растат каматите, кои конечно, најчесто, паѓаат врз грбот на државата. Тоа фактички докажува дека воопшто нема основа за нивното постоење бидејќи тие, на крајот, воопшто не го заштитиле државниот интерес. Од друга страна, тие и кога самоиницијативно поведуваат постапки, најчесто се покажува дека тоа било по нарачка на партиите што ги предложиле за тие функции, што повторно нема никаква врска со заштита на интересите на државата – констатира реномираниот скопски адвокат Александар Тортевски.
Затоа, според него, добро би било идниот државен правобранител, како и подрачните државни правобранители, кои деновиве се бараат на огласи, прво да ги прочешлаат и да најдат начин за спогодување за досегашните побарувања заради запирање на натамошниот раст на судските трошоци и камати.
– Во нашите судови сѐ уште се водат постапки за предмети отворени пред дваесетина години. Замислете колку потенцијални трошоци се тоа за државата и колку сѐ уште тие ќе растат доколку наскоро не се направи реална процена за тоа дали вреди тие и понатаму да се водат и на крајот во нив да бидат вклучени и извршители или, едноставно, треба да им се стави крај со некаква спогодба – предупредува Тортевски.
А основите за поднесување барања за обесштетувања од државата, како што е познато, се многубројни, од разни експропријации, преку прекршувања на работните односи до незаконско лишување од слобода. Но никогаш не беше познато колку вкупно пари на годишно ниво државата исплатува по сите овие основи. Уште посива е зоната на штетите направени во областите на јавните набавки, концесиите, разрешувањата од јавните функции… Д.М.М.