Ставот на познавачите на состојбите во сферата на надворешната политика е дека и со уставни и без уставни промени, Македонија ќе тапка во место во евроинтеграциите, така што најдобро ќе биде да се води од сопствените национални интереси и волјата на граѓаните, наместо да потпаѓа под странските притисоци и условувања, кои во никој случај нема да прекинат и да завршат само со уставните измени
ДОСЕГАШНИТЕ ОТСТАПКИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ СЕ ПОВЕЌЕ ОД ДОВОЛНИ ЗА ИЗРАЗУВАЊЕ НА НАШАТА ДОБРА ВОЛЈА
Само што почна годината, меѓународната заедница почна повторно да ја врти истата плоча, дека измените на Уставот ќе бидат болни, но дека мора да се направат.
Македонија и досега направи еден куп болни отстапки, потпишувајќи ги Договорот за соработка и пријателство со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција, но ефектите од тие болни и тешки отстапки за земјава се занемарливи, дури и уште повеќе ги влошија работите и не нудат никаква перспектива.
Со Договорот за добрососедство и пријателство, Бугарија на мала врата го воведе во Македонија неофашизмот со отворањето на таканаречените културни клубови именувани по докажани соработници на фашизмот, кои наместо соработка меѓу двата народа, го зголемија непријателството меѓу граѓаните на двете земји на највисоко ниво.
Грција, пак, по потпишувањето на Преспанската спогодба не имплементира ниту една запирка од договореното во Нивици, но постојано ги потсетува македонските власти дека треба да ја засилат имплементацијата на договорот.
Со Договорот за добрососедство и пријателство, Бугарија на мала врата го воведе во Македонија неофашизмот со отворањето на таканаречените културни клубови именувани по докажани соработници на фашизмот, кои наместо соработка меѓу двата народа, го зголемија непријателството меѓу граѓаните на двете земји на највисоко ниво.
Грција, пак, по потпишувањето на Преспанската спогодба не имплементира ниту една запирка од договореното во Нивици, но постојано ги потсетува македонските власти дека треба да ја засилат имплементацијата на договорот.
Сето тоа говори дека со прифаќањето на двата договора и со тешките и болни отстапки што ги направи Македонија, суштински не доби ништо, туку уште повеќе си ја влоши сопствената позиција и, што е најстрашно, барањата за нови и нови отстапки не престануваат.
За и против уставни измени низ политичка диоптрија
Дилемата што на почетокот на годината повторно почна да ја оптоварува македонската јавност и која е предмет на анализа на „Нова Македонија“ е што ќе следува ако се изгласаат уставните измени во претстојниот период, а што ќе се случи доколку не поминат бараните уставни измени.
Одговорите на овие прашања се сосема различни кога доаѓаат од политичките кујни на власта и опозицијата. Сите тие имаат дијаметрално спротивставени позиции за иднината на земјата, со и без уставни измени.
– Не е можно да се добие друга преговарачка рамка, различна од оваа што сега ја има државата. Тоа може само да ни ги суспендира преговорите на подолг рок и сите досегашни напори да ни бидат џабе – изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, притоа додавајќи дека не треба да се надеваме на нова преговарачка рамка, бидејќи тоа не е реално да се случи, колку и да звучи убаво.
Од друга страна, потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, смета дека само на Македонија ѝ се поставуваат дополнителни услови и дека тоа мора да престане.
– Дали тука зборуваме за промената на името, дали тука зборуваме за условувањето од страна на Бугарија, постои чувство дека тоа е еден процес што никогаш не прекинува. И во таа насока мислам дека треба да биде испочитувано и мислењето на мнозинство, пред сè од македонскиот народ, затоа што прашањата што се поврзани со Бугарија го задираат директно делот на самоопределување на македонскиот народ, каде што точно има работи што народот едноставно мисли дека не треба да бидат прифатени – констатира Николовски, кој е застапник на тезата дека ако сега не поминат уставните измени, останува опцијата во иднина Македонија да издејствува подобра преговарачка рамка со ЕУ.
И со и без уставни измени, европскиот пат ќе биде долг
Ставот на познавачите на состојбите во сферата на надворешната политика е дека и со уставни и без уставни промени, Македонија ќе тапка во место во евроинтеграциите, така што, според нивното мислење, најдобро е да се води од сопствените национални интереси и волјата на граѓаните, наместо да потпаѓа под странските притисоци и условувања, кои во никој случај нема да прекинат и да завршат само со уставните измени на кои се инсистира сега.
– Ако поминат уставните измени, ќе следува барање за вклучување на Бугарите во балансерот, во правична застапеност во институциите и ќе следува барање за бугарски јазик во училиштата, барање за национално знаме на Бугарите во Македонија и барање за ден на бугарската национална заедница во земјава. Тоа ќе биде првично, а потоа во текот на преговорите ќе следуваат сите барања што се содржани во нивната стратегија во однос на Македонија – вели Ивица Боцевски, аналитичар.
Тој смета дека и со уставните измени нема ништо радикално да се промени околу европската интеграција на Македонија.
– Ќе продолжи тапкањето во место, можеби ќе се отвори симболично некое поглавје, но суштински нема да одиме напред – констатира Боцевски.
Осврнувајќи се, пак, на можноста уставните измени да не поминат, тој предвидува дека притисокот од меѓународната заедница ќе продолжи.
– Меѓународната заедница ќе продолжи да притиска да поминат уставните измени, а во поглед на евроинтеграциите повторно ќе продолжи тапкањето во место. Ако не поминат, главната цел ќе биде повторно да седнеме на маса и да направиме балансиран договор. Тоа зависи од многу работи, пред сè од нашата внатрешна кохезија, нашиот внатрешен консензус за тие прашања. Сето тоа е можно, во политиката никогаш нема конечност. Секогаш може да се издејствува нешто подобро, но треба да се седне и да се испреговара. Ако вака само прифаќаме што ќе ни понудат, тогаш нормално ќе добиваме предлози што не се поволни за нас – истакнува Боцевски.
Според него, и во двата случаја нема да има никакви посебни придвижувања на Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат.
Иднината зависи исклучиво од нас
Комуникологот Петар Арсовски смета дека ако не се случат уставните измени, единственото реално сценарио е стопирање на преговорите со ЕУ.
– Ако ги нема уставните измени, процесот на преговори е автоматски на пауза – вели Арсовски, додавајќи дека за него во овој момент мали се шансите за уставни измени без предвремени избори.
Некои од соговорниците со кои се консултиравме го делат мислењето дека евроинтеграциите ќе бидат долг и бавен процес, во кој Македонија ќе биде принудувана на нови болни отстапки, кои подоцна може да се рефлектираат врз самиот карактер на државата.
– Ако власта и опозицијата некако се договорат за уставните измени, ќе следува отворање на некое преговарачко поглавје, но некаков брз колосек во евроинтеграциите нема да има. Тоа значи дека Бугарија ќе продолжи да испорачува други барања сè додека не ја заокружи својата рамка во однос на Македонија, а која на сите им е добро позната, бидејќи не е сменета во последните 100 години. Дополнителен проблем за нас е што ЕУ влезе во целата таа игранка на Софија и отворено се стави на бугарска страна, погазувајќи ги целосно Копенхашките критериуми – велат соговорниците.
Според нив, ништо драматично нема да се промени и доколку не бидат изгласани уставните измени.
– И да не се изгласаат уставните измени, работите ќе си останат исти. Тезата дека Албанија ќе тргнела сама напред не држи вода, бидејќи Холандија прва ќе ја блокира, оти и онака ѝ прогледа низ прсти само за атер на Македонија. Клучно е оваа земја да покаже некаков карактер и, наместо да прифаќа сè што ѝ сервира меѓународната заедница, да се осмели и да го одбие она што е спротивно на нејзините интереси и волјата на народот. Кога ќе настапиме така, тогаш и странците ќе нè гледаат со поинакви очи и ако се искрени во нивните намери да бидеме дел од Европа, тогаш сигурно ќе најдат подобро решение што нема да биде на ничија штета – потенцираат соговорниците.
Тие уште додаваат дека најдобрата опција за Македонија е да се зафати со спроведување на реформите дома, како и со справување со корупцијата.
– Ако ја донесеме Европа дома, ако ја намалиме корупцијата и ако почне да функционира владеењето на правото, тогаш ќе бидеме рамноправен партнер на масата и ќе имаме образ и кредибилитет да бараме подобри предлози – заклучуваат нашите соговорници.