Илустрација: „Нова Македонија“

Многубројни примери од минатото и сегашноста покажуваат дека нашите политички лидери многу често влечат избрзани и непромислени потези на штета на државата и граѓаните, при што се доведуваме во ситуација да губиме и речиси добиени партии или, шаховски кажано, да се самоматираме. Токму поради неукоста, брзоплетоста и немањето чувство за државните и национални интереси, Македонија многу често е доведувана во ситуација сама себе да се порази, што е недозволиво. Повеќе од јасно е дека на Македонија ѝ требаат политички велемајстори. Тие секако не се создаваат прекуноќ, но крајно време е да се почне од некаде. За да не губиме и понатаму веќе добиени партии

СВЕТОТ СÈ ПОВЕЌЕ ЛИЧИ НА ГОЛЕМ ШАХОВСКИ МЕГДАН

Одамна е познато дека глобалната политика е едно големо шаховско поле на кое се судираат стратегиите и интересите на светските велесили. Во таа битка на титани, за преуредување на светскиот поредок по нивни модел, секој потег има пресудно значење. Во високата политика нема место за аматери, тоа е терен резервиран исклучиво за професионалци или, шаховски кажано, политички велемајстори. Оттаму, клучното прашање што се наметнува е има ли Македонија политички велемајстори, политичари од висок калибар што можат да ја решат партија во интерес на својот народ и на државата. Или барем да знаат да одржат некаква рамнопрaвна реми-положба и да не се доведуваме толку често во губитничка позиција. За жал, примерите од минатото покажуваат дека нашите политички лидери многу често знаеле да изгубат и речиси добиена политичка партија. Сме трпеле и сѐ уште трпиме болни политички порази и кога навидум сите фигури на маса работат во наша полза. Токму поради неукоста, брзоплетоста и немањето чувство за државните и национални интереси, Македонија многу често е доведувана во ситуација на самоматирање. Сами себе да се поразиме, односно тоа да ни го направат токму политичарите што сме ги избрале.
Еве само неколку примери, иако има цел куп.
Во 1991 година, при конституирањето на државата, оцените на светските експерти по уставно право, предводени од Французинот Робер Бадентер, беа дека Македонија како држава и нејзиниот устав ги исполнуваат сите највисоки светски стандарди. Но во годините потоа, па до денес, македонскиот устав се претвори во политичка желботека на разни структури однатре и однадвор. Од некогаш најдобар Устав, највисокиот правен акт се претвори во политичка крпеница. Тој процес продолжува и понатаму. Како некаков услов за ЕУ сега се најавува ново отворање на Уставот и веројатно нова деградација на мнозинскиот македонски народ. Од нас, пак, се бара сами да се доведеме во ситуација шах-мат.

За време на косовската криза во 1999 година, кога на границите на Македонија имаше над 300.000 бегалци од Косово, нашите политички лидери не успеаја ниту политички ниту економски да ја валоризираат целата таа жртва што ја даде државата во интерес на меѓународната заедница. Широко ги отворивме вратите за бегалците, го дадовме и небото за авијацијата на НАТО, но не добивме ништо за возврат. Одредени дипломати и аналитичари беа убедени дека Македонија уште тогаш требаше да побара да биде примена во НАТО и да започне преговори со ЕУ. Но ништо од сето тоа, пак поради кусогледоста и аматеризмот на домашната политичка елита.
Република Македонија беше етаблирана и меѓународно признаена држава под своето уставно име од близу 150 држави во светот, вклучувајќи и од трите најголеми светски велесили САД, Русија и Кина. Но и покрај тоа, во 2019 година прифатиме самите да се обезличиме и да го смениме името под кое претходно цел свет нѐ познаваше и признаваше. Практично оттогаш колата тргна надолу и започна процесот на ерозија на македонскиот национален идентитет. Вакви самоуништувачки потези во светската политика се незамисливи. Еве уште еден пример.
Во интерес на странска компанија неодамна беа предложени измени дури на осум закони. Најавените отстапки се огромни во секоја смисла, а на удар се и работничките права на македонските граѓани, кои некој сака да ги претвори во модерни робови. Во иднина може да биде доведено во опасност и археолошкото и културно наследство на државата, кое е бесценето. Уште еден пример за самоматирање и тежок пораз.
Тезата за тоа дали во македонската политика има аутсајдери или велемајстори се потрудивме да ја провериме и преку мислењата на домашни политичари и аналитичари што се запознаени со политичките случувања во државата, но истовремено се и добри познавачи на древната игра.

Стевчо Јакимовски како искусен политичар, актуелен градоначалник на општината Карпош, но и голем љубител и подржувач на шаховската игра, своевремено организатор и покровител на меѓународниот турнир „Карпош опен“, има интересни согледувања. Според него, во категоријата велемајстори може да се вброи првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров, кого многумина го нарекуваа и стариот лисец и кој беше почитуван и ценет во пошироки рамки.
– Може да има уште еден-двајца мајстори, што е нешто помал ранг од велемајстор, додека остатокот се аматери – вели Јакимовски.
Според него, и лидерот на ДУИ е блиску до велемајстор, бидејки добро ги влече потезите.
На прашањето како да ја подобриме состојбата, за државата да има повеќе политички велемајстори, градоначалникот на општината Карпош прави интересна споредба и паралела со состојбите во поранешна Југославија.
– На пример, поранешна Југославија правеше политичари. Се почнуваше од пониска позиција и постепено се искачуваа скалилата кон погоре. На тој начин се стекнуваа потребното искуство и знаење. Сега без потребно искуство директно се доаѓа до некоја одговорна функција, до директор на јавно претпријатие и сл. – посочува Јакимовски.
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, исто така е актуелен и искусен политичар, но истовремено и голем љубител на шахот и неговата филозофија. Во однос на темата за шахот и политиката и тој има интересно согледување.
– Шахот е чесна игра. Едната страна е црна, другата бела. Во политиката е малку поинаку. Таму веќе се влегува и во зоната на „сивото“. Шахот не е политика, ама тоа не значи дека за неговата стратегија не може или не треба да се размисли и во политиката. Како и да земеш, во шахот се игра со морал, а во политиката ништо не е морално или неморално. Но она што е многу неморално, недозволиво и неоправдано во политиката е играње компромис на сметка на правдата. Компромис со кој се аминуваат криминалци, компромис со кој за судбината на државата и граѓаните одлучуваат клептомани, патолошки лажговци и што ли уште не. Границата меѓу бесмислените и бескомпромисни потези и она што е правилно во политиката одамна е засенета – смета Таравари.
Писателот Ефтим Клетников,ги следи и анализира политичките случувања, но истовремено е и одличен познавач на шаховската игра. Тој смета дека во политиката досега не сме имале ниту еден велемајстор, бидејки сите ги губеле партиите.
– Киро Глигоров беше „велемајсторот“ што го даде името, по што ни ја наметнаа референцата БЈРМ. Значи од почетокот на осамостојувањето на државата до денес сме немале велемајстор во политиката. Може да бараме велемајстори во другите сфери на општественото живеење, како на пример професорката Билјана Ванковска или музичарот Симон Трпчевски и други, но во политиката ги нема – категоричен е Клетников.

За Али Ахмети, политичар со најдолг стаж во политиката, Клетников вели дека е велемајстор, но тој игра со црни фигури и игра против Македонија.
Повеќе од јасно е дека на Македонија ѝ требаат политички велемајстори. Тие секако не се создаваат прекуноќ. Изминатите години имаше низа разни школи за млади лидери, но освен партиски послушници, не видовме дека оттаму излезе некој политичар од поголем формат.
Од септември шахот влегува во школите и ќе стане изборен предмет. Барем идните генерации ќе учат уште од мали нозе да размислуваат со своја глава и да влечат мудри потези, доколку успееме дотогаш да ја зачуваме државата. Во меѓувреме шаховската филозофија и доктрина, како што се мудро размислување, независност, упорност, мотивација, креативност, концентрација, пожелно е што побрзо да влезат и во политиката. За да не губиме и понатаму веќе добиени партии.


Иста водечка светска петорка и во шах и во политика

Неодамна во Астана, Казахстан, започна битката за освојување на шаховскиот трон и титулата светски првак. На шаховската табла еден спроти друг се Русинот Јан Непомначи и Кинезот Динг Лиренг, и двајцата велемајстори рангирани во самиот врв на светскиот шах. Предвидено е мечот за титулата да трае до крајот на април, кога ќе биде познат и новиот светски првак. Моменталниот резултат, по шест брилијантно одиграни партии, е 3:3, или нерешено.
Интересно, додека на политички терен стратегискиот сојуз помеѓу Пекинг и Москва станува нова светска парадигма, истовремено и на шаховски план доминираат овие две држави. Но, според бројот на велемајстори, во самиот светски врв се уште и САД, Германија, Франција. Ете, тоа е големата светска шаховска петорка: САД, Кина, Русија, Германија и Франција. Сосема е извесно дека токму тоа е и големата светска политичка петорка, од која зависат многу нешта. Зарем некој уште мисли дека сето тоа е случајно!