Од потпишувањето на Преспанскиот договор Грција не исполнила ниту една обврска од Договорот / Фото: ЕУ

Преспанската спогодба повторно се враќа во фокусот. По изборниот резултат во Македонија, а особено по заклетвата и инаугурацијата на новата македонска претседателка, актуелната грчка влада, која до вчера не мрдна со малиот прст во имплементацијата на ниту една точка од договорот од Нивици, сега одеднаш се заканува дека ќе се јавел проблем доколку македонската страна престане да се придржува до договореното

ПО ИНАУГУРАЦИЈАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА, ПРЕСПАНСКАТА СПОГОДБА НА ГОЛЕМА ВРАТА СЕ ВРАЌА ВО ФОКУСОТ

Преспанската спогодба повторно се враќа во фокусот. По изборниот резултат во Македонија, а особено по заклетвата и инаугурацијата на новата македонска претседателка, актуелната грчка влада, која до вчера не мрдна со малиот прст во имплементацијата на ниту една точка од договорот од Нивици, сега одеднаш се заканува дека ќе се јавел проблем доколку македонската страна престане да се придржува до договореното.
Грчкиот премиер Мицотакис, кој во повеќе наврати изјави дека тие сметаат дека договорот е лош и не го гласаа своевремено во парламентот, сега вели дека договорите морале да се почитуваат, што јасно говори дека грчката страна не само што е задоволна од постигнатото во Нивици туку ќе направи сѐ што е во нејзина можност тоа да опстои.

Грција загрижена, но, за жал, некои македонски кругови се уште повеќе
загрижени

Грчкиот премиер во интервју за грчката телевизија Алфа рече дека изјавите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ што победија на изборите во земјава се следат со загриженост и затоа со голем интерес го чека официјалниот став на новата власт за тоа како ќе се нарекува земјата во официјалните изјави.
Мицотакис во интервјуто рече дека, иако тој лично претходно не се согласувал со Преспанскиот договор, особено во деловите „македонска нација“ и „македонски јазик“, сепак го прифатил во рамките на континуитетот на државата и додаде дека и покрај тоа што тој не се согласува со него, одбрал да го почитува, па затоа се надева дека и новото македонско раководство ќе се држи до одредбите на овој меѓународен договор.
И додека позицијата на Мицотакис е разбирлива, со оглед на огромните придобивки на Грција со Преспанската спогодба, загрижува што одредени интелектуални кругови во земјава продолжуваат повеќе да работат на заштита на грчката позиција и грчките интереси во однос на спогодбата од Нивици отколку во одбрана на меѓународното право и македонските национални интереси. Потврда дека меѓународното право е на македонска страна, всушност, е и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во која јасно е наведено дека Грција нема право во сето она што ѝ го прави на земјава, што на крајот резултираше со потпишување на спогодбата во Нивици.
Тие домашни интелектуални кругови подолг период ја пласираа најпрво тезата дека францускиот предлог е одличен и дека треба безрезервно да се прифати, за потоа да ја релативизираат опасноста од уставните измени на начин како што тоа го диктира Бугарија.
Сега, кога има нова политичка реалност во земјава по изборите, повторно се ангажирани истите сили да говорат дека Преспанскиот договор бил одличен, дека се исплатела жртвата што ја направила земјава со промената на името, дека таа е сега безбедносно стабилизирана, особено со фактот дека е членка на НАТО.

Еден од очигледните примери на непочитување на Договорот од страна на Грција / Фото: „Нова Македонија“

Само Македонија е губитник со Преспанската спогодба

Тезите со кои се брани Преспанската спогодба се неколку, почнувајќи од тоа дека сите губат со тој договор. Добивката на Македонија, според овие кругови, била во тоа што за првпат е регистрирана како суверена држава според сите правила и принципи на Обединетите нации. Своја контратеза на ваквите тврдења наметнува професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев, кој тврди дека не само што се погазени сите правила и принципи на ОН туку се оди и чекор понатаму во урнисувањето на државноста.
– Преспанскиот договор е беспредметен и најсрамен договор во историјата на цивилизација. Со него флагрантно се прекршува меѓународното јавно право и се урнисува државноста – тврди Јанев.
Според него, пред промената на уставното име на државата и додавката со географска одредница во согласност со Преспанската спогодба, Македонија ги имала сите атрибути на суверена држава, а сега го нема тоа.

l Исто така, сѐ уште е повеќе од очигледно дека одредени структури во земјава и натаму продолжуваат повеќе да работат во интерес на заштита на туѓите интереси отколку да се заложуваат за сопствената држава и подобрување на нејзините позиции во меѓународни рамки, визави Преспанската спогодба и Договорот со Бугарија, кои се сериозни закани за македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Сѐ друго е одработување за некои други центри чија цел е создавање нов идентитет на Балканот, целосно одвоен од вековниот македонски континуитет

– Државите од своето создавање го имаат инхерентното својство или вроденото право на меѓународноправен субјективитет. Овој меѓународноправен субјективитет е правен капацитет неопходен за дејствување на секоја држава како правно лице во меѓународноправните работи, а особено во склучување меѓународноправни договори, претставување во меѓународните дипломатски или судски постапки и односи, вршење дипломатски акти, стекнување, располагање и отуѓување сопственост и посебно капацитет на правното лице да тужи (или да биде тужено) во меѓународните судови или слични меѓународни тела во кои се подразбира дека субјектот што тужи или е тужена страна го има својството на меѓународното правно лице односно субјект. Другите елементи на „субјективитетот“ се низа дипломатски имунитети или посебни правни (дипломатски) статуси што гарантираат целосна правна независност од кој било друг правен субјект или орган на друга држава или меѓународна организацијата. Овој меѓународноправен субјективитет државата (како субјект) го поседува и пред да влезе во меѓународните односи, односно овој капацитет е инхеретното својство, поточно вроденото право на една држава. Елементите на вродените права потпаѓаат под обврските од кои државата не може да се ослободи или да ги пренесе на друга, односно потпаѓаат под правото јус когенс – објаснува Јанев.

Преспанскиот и бугарскиот договор се проекти за идентитетски инженеринг

Како други тези што ги наметнуваат извесни кругови во земјава што лобираат во полза на Преспанската спогодба се и тоа дека други клучни работи што државата ги добила со потпишувањето на спогодбата се тие што Македонија за првпат добила и меѓународно признаени државни граници, како и тоа дека Македонија е етаблирана како независна и суверена држава со потврдена државност.
Познавачите на состојбите со кои разговаравме не се согласуваат со ваквите тези, сметајќи дека ништо од тоа што го тврдат домашните поддржувачи на Преспанската спогодба не држи вода.
– Не е точно дека со Преспанската спогодба Македонија за првпат добила признавање на границите. Границите беа признаени уште од времето додека земјава беше дел од СФРЈ, а потврдени со приемот во ОН под референцата бидејќи прецизно беше одредено на која територија и на кои граници се однесува референцата. Понатаму, со официјалното признавање на земјава од секоја земја одделно беа признаени и границите бидејќи тоа е принципот на меѓусебно признавање. Тука само Бугарија го прекрши тој принцип, призна држава со граници, но не и народ. Не држи ниту тезата дека со потпишувањето на договорот од Нивици стартувало етаблирањето на земјава како независна и суверена држава. Ако се водиме по таа логика, тогаш сите што потпишале какви било договори со земјава пред 2018 година, односно пред да се постигне Преспанската спогодба, де факто го направиле тоа со држава што не била суверена и независна, односно била меѓународноправен нелегитимен субјект. Тоа е сосема неточно и на граница на ноторна глупост. По таа нивна искривоколчена логика, САД, Кина и Русија, како и сите други држави, склучувале разни договори со некоја несуверена држава, со некаков протекторат, со непостојна, лажна држава – тврдат соговорниците.
За круговите што сега се активираа во одбрана на Преспанската спогодба нема никаков проблем и околу идентитетските прашања, бидејќи сметаат дека тие сега се заштитени, но дека ако самите не си ги браниме идентитетот, јазикот, културата, традициите, никој не може да го направи тоа за нас.
– Во ООН терминот Македонија е резервиран исклучиво за Грција, а ние сме во ОН исклучиво Република Северна Македонија. Терминот „македонски народ“ се однесува на Грците (а не на нас), па така, овој народ во нашата Македонија, според ОН и ЕУ(како и други меѓународни организации), е „северномакедонски народ“ (според принципот ерга омнес). Со Преспанската спогодба станавме „северномакедонци“. Од името на државата секогаш произлегува и името на народот. Нема веќе македонска култура и јазик! За „наш јазик“ останува само трансформација од привремен „северномакедонски јазик“ во евентуално „бугарски јазик“. Без името на државата, го нема ниту јазикот – посочува професорот Јанев како контрааргумент на оние што тврдат дека Македонија со Преспанскиот договор ги одбранила идентитетот и јазикот.
Очигледно одредени структури во земјава и натаму продолжуваат повеќе да работат во интерес на заштита на туѓите интереси отколку да се заложуваат за сопствената држава и подобрување на нејзините позиции во меѓународни рамки, визави Преспанската спогодба и Договорот со Бугарија, кои се сериозни закани за македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Сѐ друго е одработување за некои други центри, чија цел е создавање нов идентитет на Балканот, целосно одвоен од вековниот македонски континуитет.