Во организација на ЗНМ и ССНМ, новинарите излегоа на протестен марш од Владата до Собранието и го кренаа својот глас за актуелните состојби во новинарството. А потценувачки однос кон новинарите и особено кон традиционалните, печатени медиуми, долго време чувствуваат и членовите на Асоцијацијата на печатени информативни медиуми (кои издаваат дневни, неделни, месечни и периодични весници и магазини).
Како новинари, тие им се придружија на своите колеги и под чадорот на ЗНМ и ССНМ, заедно, здушно го искажаа она што го чувствуваат како непринципиелен притисок на себе, на својата професија и на медиумите во кои работат.
Новинарите овој пат се организираа на малку поинаков начин, не преку новинарското перо, туку јавно да маршираат укажувајќи на состојбите и проблемите со кои се среќаваат во своето работење. Но, рака на срце, добар дел од вината за ваквите, најблаго речено, нетолерантни состојби лежи и во самите новинари, медиумски куќи и здруженија, кои дозволија во нивните редови да се инфилтрираат стотици „фејсбук-новинари“ и „фриленсери“, кои со своето работење ја доведоа професијата на дното и го обезвреднија новинарството.
Во ситуација кога со појавата на интернет-порталите и социјалните мрежи секој во Македонија стана новинар и уредник, непрофесионалноста и непочитувањето на етичкиот и на професионалниот кодекс доминираат во медиумите.
Затоа, без јасна внатрешна професионална диференција, тешко дека новинарите ќе можат да се изборат за своите права. Денес во Македонија секој може да биде новинар. Само за оваа професија не е потребно никакво вложување во образование и квалификација. Секоја личност што има мобилен телефон, денес станува „новинар“.
Асоцијацијата на печатени информативни медиуми веќе подолго време предупредува дека во новинарството мора да се почитуваат професионализмот, етичкиот кодекс и кредибилното новинарство, каде што безусловно ќе се почитуваат стандардите.
Печатените, традиционални медиуми со години предупредуваа на ваквите состојби, но тоа како да беше глас во пустина. Традиционалноста на медиумите, сама по себе, инсистираше на придржување до принципите за информирање на правилен начин: НЕ да бидат еднострани, НЕ половични, НЕ наведувачки, НЕ да бидат полувистинити или целосно неточни. Едукацијата за медиумската писменост е фокусот на традиционалниот печатен медиум, зад кој стојат главен уредник, уредници на рубрики, новинари, лектори, фоторепортери, технички уредници, преведувачи. Стојат и менаџмент и сопственици со полна одговорност.
Токму традиционалните медиуми можат да се пофалат дека со инсистирањето на ваквиот транспарентен и професионален начин на работа, со практикување на ширење на медиумската писменост, активно партиципираат во социјалната и граѓанската вклученост, креативност, во развивањето одговорни и свесни личности, во развивањето нови вештини на пазарот на трудот… Всушност, токму традиционалните медиуми се препознаени и во западните, развиени земји, при што и во „Стратегијата Европа 2020“ се бара постојано издигнување на нивоата на медиумската писменост и сеопфатни национални политики засновани врз точни информации и истражувања.
За поздравување беше проектот за поддршка на печатените информативни медиуми од страна на Владата, преку кој неколку години, на крајот на секоја календарска година, тие беа поддржувани, меѓутоа од година на година таа сума драстично се намалуваше.
Затоа, уште една порака до Владата. Таа мора во најскоро време да најде законски решенија за подобрување на состојбата во медиумите, особено во печатените медиуми, кои во последно време, особено по војната меѓу Русија и Украина (поради поскапувањето на хартијата, печатарските трошоци, дистрибуцијата), се среќава со огромни проблеми, и да го субвенционира нивното излегување, онака и во оној обем како што го прават тоа западните земји.
Во економија како нашата, каде што владее нелојална конкуренција и која е инфицирана од партизираност, тешко може да стане збор за комерцијално работење на медиумите.
Со таквата граѓанска поддршка на печатените медиуми (финансирање од буџетот, со средства од граѓаните) во голема мера ќе се издигне квалитетот на македонското новинарство, а со тоа и квалитетот на информирање на граѓаните. Од граѓаните за граѓаните е пораката на Асоцијацијата. Во спротивно, тешко ќе се решат проблемите на медиумите, како што вели Менде Младеновски, сопственик на „Битолски весник“, најстариот локален печатен медиум во државата, единствен што ја преживеа транзицијата и кој континуирано излегува 59 години. Н.М.