Изминатите години и децении се наталожија еден куп примери што покажуваат дека оваа општина функционира како држава во држава, во која не се почитуваат законите и царуваат беззаконие и криминал од најразличен вид.
Генезата на ваквото агресивно однесување на оваа буквално отцепена општина од системот треба да се бара некаде на почетокот на 2000 година, кога во оружен инцидент на влезот во Арачиново беа убиени тројца полициски службеници и кога беше ставена првата „рампа“ за влез на институциите. Оттогаш до денес општината се споменува во лошо светло уште во мноштво други случаи. Ќе потсетиме само на некои од нив
МАКЕДОНСКА ЦРНА ДУПКА ВО КОЈА СО ГОДИНИ НЕ ФУНКЦИОНИРААТ ИНСТИТУЦИИТЕ И ПРАВНАТА ДРЖАВА
Последниот инцидент во скопската општина Арачиново, кога полициска патрола беше протерана од страна на вооружена група и спречена во нејзината работа, само потврди дека на територијата на Македонија постои сива зона во која државните институции немаат никакви ингеренции, односно оваа општина функционира како држава во држава.
И покрај милионите евра што државата ги даде како помош за развој на оваа општина, некои навики едноставно не се менуваат, па неплаќањето сметки, кражбите на струја, криминалот, поседувањето нелегално оружје и дивото градење едноставно продолжија да бидат начин на функционирање, на кој никој не може да му стави крај.
Апсурдни се изјавите што доаѓаат од политичарите од албанскиот политички блок во земјава, кои во неколку наврати истакнуваа дека Арачиново е најнеразвиена општина и дека државата мора да ѝ помага, притоа толерирајќи го континуираното избегнување на обврските што граѓаните на оваа скопска општина ги имаат кон државата, институциите, како и кон компаниите што им даваат услуги.
Но генезата на ваквото агресивно однесување на оваа буквално отцепена општина од системот треба да се бара некаде на почетокот на 2000 година, кога во оружен инцидент на влезот во Арачиново беа убиени тројца полициски службеници и кога беше ставена првата „рампа“ за влез на институциите.
Првите сигнали за воениот конфликт
На почетокот на новиот милениум, наместо позитивна атмосфера во државата и очекувања за подобра иднина, на 11 јануари 2000 година се случи оружен инцидент на влезот на Арачиново, во кој беа убиени полициските службеници Кирил Петрушевски, Ацо Ангеловски и инспекторот Ерол Готак. Тројцата учествувале во акција за пронаоѓање украдени луксузни автомобили, а биле пречекани во заседа од вооружена група што отворила оган врз нив од автоматско оружје. Македонските граѓани беа погодени од овој немил настан, насетувајќи дека земјата почнува да се движи кон амбис.
Припадниците на ОНА извлекувани со автобуси од Арачиново
За време на воениот конфликт во 2001 година, Арачиново беше упориште на терористичките групи уфрлени од Косово, како и на разни платеници и инструктори од други земји. Тие целосно ги протераа Македонците од нивните домови и извршија класично етничко чистење. Полицијата и армијата подолг период го држеа под опсада ова населено место бидејќи терористите отворено се закануваа дека ќе ја гранатираат блиската рафинерија ОКТА, како и пистата на скопскиот аеродром, со што земјава ќе беше целосно воздушно отсечена, а на градот му се закануваше и еколошка катастрофа. Арачиново беше заземено од припадниците на УЧК на 8 јуни 2001 година, а на 26 јуни, по иницијатива на меѓународната заедница беше организирана нивната евакуација со автобуси откако македонската војска и полицијата во заедничка акција претходно го нападнаа со артилериски оган ова населено место, спречувајќи терористички напади врз Скопје.
Меѓународниот фактор го перципира Арачиново како критична криминална точка
Повоениот период уште повеќе го засили криминалот во Арачиново. Без полициски пристап, бидејќи арачиновци сè уште не биле подготвени за припадниците на полицијата поради наводните трауми од конфликтот, ова скопско населено место стана оаза за дистрибуција на дрога, нелегално оружје, а неретко таму завршуваа и голем број украдени луксузни возила што се преправаа и препродаваа во соседството. Цветаше и бесправното градење. Меѓународната Глобална иницијатива против организираниот криминал пред некое време објави извештај во кој се анализираат тековите и жариштата на организираниот криминал на Балканот, при што оваа организација го посочува токму Арачиново како критична точка на организираниот криминал во Македонија, со дополнување дека криминалните групи уживаат и политичка заштита.
Трајна забрана за инкасаторите
И пред воениот конфликт Арачиново беше „неосвоива тврдина“ за инкасаторите на поранешно ЕСМ, а подоцна и на ЕВН. Вработени во овие компании одамна кренаа раце од интервенции на електродистрибутивната мрежа во ова скопско населено место, откако јасно им беше ставено до знаење дека таму се непожелни. И додека во секоја нормална држава на сите оние што не плаќаат струја, таа ќе им биде исклучена, Арачиново со децении користеше бесплатна струја во неограничени количества. Тиквата пукна неодамна, кога ЕВН ја исклучи општината затоа што долгот достигна неколку милиони евра, кои австриската компанија немаше намера да ги прости. Повторно државата се појави како мајка за арачиновци и целосно им го покри долгот, се разбира, со народни пари.
„Најрударското“ место во Македонија
Без оглед што политичарите од албанскиот блок излегуваа со изјави за сиромаштијата и неразвиеноста на Арачиново, во суштина оваа скопска општина не само што се покажа технолошки напредна на локално ниво туку и на ниво на цела Македонија. Имено, додека речиси никој не знаеше што всушност значи копањето криптовалути, во Арачиново како печурки никнуваа системи за копање криптовалути, таканаречени ригови, кои копаа деноноќно благодарение на бесплатната струја. Во време кога цела земја се соочува со енергетска криза и штедење, Арачиново повторно неколкукратно повеќе троши струја. Излегоа и официјални податоци дека Арачиново потрошило дури 474 отсто повеќе струја од лани. Дали и како ќе се наплати е нејасно, како што засега не се бара одговорност и за копачите на криптовалути, ниту пак некој испитува каде завршуваат парите од овој бизнис.
Даночен рај
И додека многу овдешни компании за да ги скријат своите матни бизниси ги регистрираа своите седишта во таканаречени даночни раеви каде што или не се плаќа данок или, пак, сумата е симболична, на неколку километри од центарот на Скопје со години постои ваков даночен рај. Арачиново со години не ѝ плаќа данок на имот на државата, а образложението за тоа е дека системот во општината не работел. Чудно е како од сите општини во земјава, само тука системот потфрлил. А не станува збор воопшто за сиромашна општина од она што визуелно може да се забележи. Доволно е само да се помине по главната улица низ ова населено место и да се видат објектите на три, четири и повеќе ката. Ако некој имал пари да направи куќа од 100 илјади евра, да паркира во дворот возила од 30 до 40 илјади евра, може да ѝ плати макар симболични 1.000 денара данок на државата.
Протераните Македонци без пристап до имотите
И додека арачиновци уживаат во сите бенефиции што им ги дава жителството на оваа скопска општина, нивните сограѓани Македонци не можат да се вратат на сопствените имоти од кои беа протерани во 2001 година. Куќите им се уништени, без оглед што и денеска им стигнува решение за наплата на данок на имот, што го плаќаат, а не можат да го користат. Некои од нив беа притиснати да го продадат имотот многу под пазарната цена, бидејќи едноставно не гледаа друга перспектива.
Правната држава мора да профункционира
Некои од соговорниците со кои се консултира весникот сметаат дека примерот со Арачиново покажува дека државата нема контрола врз целата своја територија и дека таму владеат некои други закони, но од друга страна сметаат дека мора да се најде начин како да профункционира правниот поредок на целата територија на државата.
– Владеењето на правото мора да се почитува на целата територија на државата. И институциите и безбедносните служби мора да воспостават таканаречен ред секаде. Колку агресивно и колку строго ќе го прават тоа, треба да проценат безбедносните служби на самото место – вели комуникологот Петар Арсовски.
Според него, исклучително важно е што јавноста реагира на овие работи и притиска правната држава да профункционира секаде.
– Добро е што јавноста реагира во моментот и бара воспоставување правна сигурност секаде на територијата на државата. Тоа мора да се случи, а сметам дека тоа ќе го бараат и меѓународните партнери – заклучува Арсовски.
И другите соговорници сметаат дека Македонија како земја што тежнее да стане дел од европското семејство мора да покаже дека владее на целата територија.
– Јавноста станува сè погласна дека сите граѓани се еднакви и дека не смее да има повластени, како што сега се арачиновци. Полицијата мора да си ја врши својата работа, даночната управа исто. Правниот поредок мора да се воспостави и во тоа треба да се вклучат сите политички чинители, а не да се толерираат беззаконие и криминал – категорични се нашите соговорници. С.Т.