Во авторска колумна за грчкиот дневен весник „Катимерини“, поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас и еден од потписниците на спогодбата во Нивици наведува хируршки прецизно кои се елементите во договорот што на Грција ѝ овозможиле исклучителна можност директно да ги избрише македонскиот идентитет, јазик и историја, а од друга страна, на официјална Атина ѝ овозможиле целосен монопол врз терминот „Македонија“ и секаков друг ексклузивитет поврзан со термините што произлегуваат од ова име
Порака од потписникот на Преспанската спогодба од грчка страна, Никос Коѕијас, до неупатените, за ефектите постигнати со спогодбата од Нивици
Силните реакции од мнозинството граѓани, предупредувањата на дел од експертите, но и одговорот на народот преку највисоката демократска алатка – референдумот, не ги поколебаа тогашните македонски власти да влезат во погубниот проект за преименување на државата и да ја потпишат Преспанската спогодба, чии последици сѐ посилно се чувствуваат во земјава од ден на ден.
Она што сите јасно го истакнуваа, дека станува збор за исклучително асиметричен договор во кој има обврски само за Македонија, не допираше до политичарите насмеани до уши во Нивици, кои пред шест години му ја запечатија судбината на македонскиот народ, водени од лажните ветувања на Европската Унија.
Сега повторно се разбрануваа „преспанските води“, особено по свечената заклетва на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, која се заколна дека ќе им служи на Македонија и на нејзините граѓани, без да ја употреби вештачки импутираната одредница во вековното име на државата.
Тоа го вклучи алармот во Грција, но и во Брисел, оти очигледно договорот, кој, според некои силни поддржувачи во земјава цело време бил „на стаклени нозе“, сега би можел да се урне како кула од карти. Клучното прашање е како, ако се работело за одличен договор, цели шест години, потоа тој останал на „стаклени нозе“.
Сето тоа многу добро и прецизно го опсервирал поранешниот шеф на грчката дипломатија и еден од потписниците на Преспанската спогодба, кој во авторска колумна за грчкиот дневен весник „Катимерини“ упатува остри критики кон актуелната грчка власт дека со тоа што не ги спровела меморандумите, всушност ги загрозила грчките позиции. Според него, дури и тие три меморандуми што требало да ги ратификува грчкиот парламент се исклучиво во полза на Грција, наместо да се користат како алатки за уцена и да ѝ даваат слобода на другата страна да ја стопира понатамошната имплементација на договорот.
Со други зборови, Коѕијас во колумната, од која подолу пренесуваме делови, всушност им става јасно до знаење на некои поддржувачи на Преспанската спогодба во Македонија, но и на противниците на Договорот од Нивици во Грција, дека се работи за исклучиво асиметричен договор скроен според сите потреби на грчката држава, а неисполнувањето на точките од спогодбата, всушност е исклучиво на грчка штета. Дури, Коѕијас, не заборава да ги опомене и грчките политичари, да не изнесуваат тези во јавноста дека договорот бил постигнат на, како што вели „матен начин“, бидејќи во тој случај ѝ даваат легална алатка на земјава да го оспори пред меѓународната заедница.
Подолу пренесуваме делови од колумната на Коѕијас, во која тој јасно посочува која е главната цел на договорот, односно креирање нов македонски идентитет, нов јазик и нова историја.
– Со договорот од Преспа храбро беше раскинат Гордиевиот јазол. За жал, „неогрчката глупост“ не само што не дозволи нејзина целосна експлоатација (се мисли на спогодбата) туку го олесни нејзиното поткопување од северномакедонската шовинистичка десница. Договорот е во согласност и во рамките на повоеното француско-германско смирување, пријателство и разбирање. Тоа е одличен пример за тоа како луѓето од регионот можат да ја градат својата иднина во мир и оптимизам, далеку од мешање на трета страна. И ова, во време кога регионот е зафатен од војни и намери за оружени конфликти.
Договорот од Преспа е од максимално геополитичко значење. Тоа придонесува за стабилност во проблематичниот регион и надминување на „затворот на историјата“. Обезбедува безбедност и во Грција и во поширокиот регион, како и во самата „Република С. Македонија“. Вторава живее под Дамоклов меч на оние агресивни кругови, кои со нетрпение ги очекуваат „голема Албанија“ и „голема Бугарија“, односно распарчувањето на С. Македонија. Напротив, за Грција од најголем интерес е стабилноста на оваа земја.
Договорот од Преспа ги погоди аспектите на либертаријанизмот во својот корен. Пријателот С. Македонија препозна дека историјата на Славомакедонците започнува дури во 7 век од н.е. и призна дека тоа нема никаква врска со Македонија на Александар Македонски (член седум од договорот). Според тоа, нивниот јазик нема никаква врска со Античка Македонија, туку е јазик, како што пишува во договорот, „јужнословенски“, односно илјада години помлад од Македонското Кралство – пишува Коѕијас.
Тој ги критикува неносењето на протоколите во Грција и тамошната власт, кои пет години се заглавени во грчкиот парламент, па свештениците од Македонија ги нарекува „северномакедонски“.
– Владата не само што не ги направи пропишаните меѓувладини дејствија, туку господинот Мицотакис не ни стапна во Скопје. И „се прашувам“, не се запраша ли еднаш актуелната власт што ќе се случи ако се откаже во пракса, со тоа што го прави или договорот е неорганизиран? И бидејќи се прашувам, може ли некој да ми каже зошто ќе ѝ наштети на Грција да го контролира воздушниот простор на С. Македонија? Дали е „предавство“ да се донесат овие протоколи што го предвидуваат тоа во парламентот, додека ако Турција ја преземе одбраната над нашата северна граница тоа ќе биде врв на „патриотизмот“ како што некои глупаво тврдат? А подолу, што би се случило со Грција ако ги обучува северномакедонските свештеници, судии, дипломати и повеќе војници од денес? Што би ѝ наштетило на Грција и затоа Владата пет години одбива да ги донесе на гласање протоколите – меморандумите за нив и зошто некои луѓе, не знаејќи ја нивната содржина, го сметаат за преговарачка хартија на сметка на друга страна – додава Коѕијас.
П.С 1: Несериозно е таа влада чија глава, кога се крши договорот од Преспа, чувствува потреба да каже дека и тој не се согласува со договорот, или кога лажно тврди дека договорот „на соседите им дал народ и етникум“, кога ниту еден меѓународен договор не содржи такво нешто, секако, дури ни договорот од Преспа, бидејќи таков концепт не е ни предвиден со меѓународното право. Многу се плашам дека како што некои глупаво кажаа во јавноста дека ставиле вето на Букурешт, што не го сторија, туку ѝ дадоа можност на тогашна Македонија да прибегне до Меѓународниот суд на правдата во Хаг и да ја осуди нашата земја, така денес некои други глупаво изјавуваат дека договорот дал работи што тој не ги дал, без да ја разберат реалната опасност, дека овие нивни изјави повторно ќе бидат искористени на штета на државата.
П.С 2: „Облачниот“ ПАСОК смета дека договорот од Преспа бил „матен“ и затоа новото раководство на С. Македонија можело да го „спори“. Дали раководството на ПАСОК не сфаќа дека новата влада во Скопје ќе се соочи со меѓународни критики за кршење на меѓународен договор, повикувајќи се на вакви и други слични изјави на грчки политичари? Затоа што или договорот е правилен и лошо прекршен, или не е прекршен затоа што е нејасен и не го „сакаме“. Некои од ПАСОК, како и Нова демократија, се однесуваат и зборуваат како да не сфаќаат дека со она што го велат ја разоружуваат Грција на меѓународен план. С.Т.