Во согласност со членот 23 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Државната комисија постапува по предмети оформени по сопствена иницијатива или врз основа на добиени пријави. По разгледувањето на барањето (на групата универзитетски професори и инженери во врска со случајот „Митилинеос“), се констатира следното: До ДКСК е доставена претставка/пријава од познати подносители и по истата таа е оформен предмет бр. 12-970 на 4.3.2024 година!

ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА (ДКСК) ОДГОВОРИ НА БАРАЊЕТО НА ГРУПАТА УНИВЕРЗИТЕТСКИ ПРОФЕСОРИ И ИНЖЕНЕРИ

Државната комисија за спречување на корупцијата пред десетина дена оформила предмет за можна корупција во фамозниот случај „Митилинеос“. За потсетување, Владата се обидуваше да го протурка „Митилинеос“ до последните денови од нејзиниот мандат, односно до последните седници на сегашниот парламентарен состав. Но, по реакција на групата инженери, универзитетски професори и видни интелектуалци, тој процес беше спречен. Барем привремено, нешто што им успеа и во случајот со „Чебрен-Галиште“.

Основи на сомневање дека постојат елементи на корупција

Сепак, одредени индиции дека зад таа зделка постои можна корупција, која одеше во пакет со уште три „стратегиски енергетски проекти“, ги поттикнаа групата професори и инженери на 4 март годинава да достават барање до ДКСК за отворање предмет.
Еден од членовите на групата на 25 март, повикувајќи се на Законот за пристап до информации од јавен карактер, доставил барање за тоа „дали ДКСК има отворено предмет во врска со стратегискиот проект ’Митилинеос когенеративна постројка Скопје’, поради сомневање за корупција“.
Барателот на информацијата, како што дознава „Нова Македонија“, на 14 април годинава добил одговор од антикорупционерите, кои од неодамна работат во нов состав и овој предмет е еден од првите жешки костени за нив.
„Во согласност со членот 23 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Државната комисија постапува по предмети оформени по сопствена иницијатива или врз основа на добиени пријави. По разгледувањето на барањето се констатира следното: До ДКСК е доставена претставка/пријава од познати подносители и по истата та е оформен предмет бр. 12-970 на 4.3.2024 година“.

Постапувањето по оформениот предмет е во тек

„По утврдувањето на фактичката состојба, ДКСК ќе донесе одлука, која во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси ќе биде објавена на веб-страницата на Државната комисија, а до подносителите ќе достави известување со предлог-одлука“, се наведува во одговорот до барателот на информацијата од ДКСК, потпишан од претседателката Татјана Димитровска.
Инаку, група граѓани во врска со истиот проект од кој се откажа министерот Крешник Бектеши, но на свој грб го презеде вицепремиерот Фатмир Битиќи, се обратија и до Комисијата за заштита на конкуренцијата, при што побараа заштита на слободната конкуренција помеѓу претпријатијата на пазарот, барајќи да се изврши контрола на предлог-законот за реализација на стратегискиот инвестициски проект „Митилинеос“ по скратена постапка, вклучувајќи и контрола на договорот што треба Владата да го потпише со стратегискиот инвеститор.
„По контролата, комисијата ќе треба со одлука да го превенира доделувањето на предвидената државна помош“, се наведува во претставката.
За оваа група граѓани, меѓу кои се и професорите од Здружението на инженери, адвокати, амбасадори, воени лица…, предлог-законот за реализација на стратегискиот инвестициски проект „Митилинеос когенеративна постројка Скопје“, по скратена постапка, е неприфатлив.
„Веруваме дека вашата контрола ќе резултира во сознанија дека станува збор за склучување забранет договор со кој се нарушува конкуренцијата во смисла на членот 7, што е предвидено и како прекршок во согласност со членот 59 од Законот за заштита на конкуренцијата“.
Од Здружението на инженери тогаш соопштија дека претставката е поднесена со намера да се спречи евентуална штета по буџетот на Македонија, бидејќи оваа комисија одлучува дали на стратегискиот инвеститор „Митилинеос“ ќе му се одобри државна помош од 50 милиони евра. Х.И.


Единаесетте спорни точки што ги видоа независните експерти

Во претставката на инженерите и граѓаните се наведени и проблематичните елементи за зделката со грчки „Митилинеос“ што се турка преку законско решение, а тие се:

1. Стратегискиот инвеститор „Митилинеос“ нема да плаќа такса за ЦО2 по 2030 година, поради што ќе биде поконкурентен на пазарот;

2. Стратегискиот инвеститор „Митилинеос“ добива уредена индустриска зона, во вредност од 20 милиони евра, за која треба да плаќа неконкурентен месечен надоместок од 6 денари по квадратен метар– поволност што не му е дадена на ниту едно претпријатие од енергетскиот сектор претходно;

3. Спорни се речиси сите одредби од членот 6 на предлог-законот за реализација на стратегискиот инвестициски проект „Митилинеос когенеративна постројка Скопје“;

4. Со договорот, Република С. Македонија се обврзува, дури и ако нема потреба, на стратегискиот инвеститор „Митилинеос“ да му плати за преземање на околу 1.000 MWh електрична енергија и 275 MWh топлинска енергија, на годишно ниво;

5. Договорот ја обврзува Република С. Македонија да купува електрична и топлинска енергија од стратегискиот инвеститор „Митилинеос“ по цени од 15 до 35 отсто повисоки од берзанските;

6. Предвиден е надомест за стратегискиот инвеститор „Митилинеос“ во износ од 4 милиони евра годишно за старт на постројката;

7. Стратегискиот инвеститор „Митилинеос“ добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно, без да има некаков ризик од одлуките на нашиот правен систем, бидејќи со предложениот закон сите одлуки на Врховниот суд ќе бидат неважечки за стратегискиот инвеститор „Митилинеос“, а штетите од неговото работење ќе мора да ги плати Македонија;

8. Законот за јавни набавки не важи за стратегискиот инвеститор „Митилинеос“;

9. Во целост се исклучува влијанието на нашата судска власт, а надлежност за каков било евентуален спор му се дава само на Арбитражниот суд во Париз;

10. Предвидени се голем број пенали што Македонија ќе треба да му ги плаќа на стратегискиот инвеститор „Митилинеос“ во случај да не исполни некоја од обврските наведени во текстот на предложениот закон за стратешка инвестиција;

11. Стратегискиот инвеститор „Митилинеос“ ќе се стекне со профит од најмалку 1,2 милијарда евра за 30 години, колку што е предвидено да трае договорот за стратегиско партнерство, а по 30 години стратегискиот инвеститор „Митилинеос“ не мора да ѝ ја врати електроцентралата на Македонија.