Се очекува Македонија да ја даде својата поддршка за секоја резолуција во ОН што се однесува на осуда на фашизмот и холокаустот, со оглед на фактот што антифашизмот, преку одлуките на АСНОМ, е вграден во основите на современата македонска држава и претставува носечки елемент за потврда, признавање и етаблирање во меѓународен контекст по Втората светска војна. Целокупниот контекст на случувањата во последниве три-четири години, околу условувањата на Македонија за да си ги потисне антифашистичките темели на нејзината државност, создава мотив за нас уште посилно меѓународно да го афирмираме историскиот факт на нашата антифашистичка борба, национално и социјално ослободување и формирање држава на македонскиот народ со долга историја на постоење, јазик, култура, територија…
Македонската национална историја е испишана на најсветлите страници од светската историја
Германија и Израел, на 20 јануари, на 80-годишнината од несреќната Ванзи-конференција, на која било одлучено за уништување на европските Евреи, заеднички поднесоа барање во Обединетите нации за носење резолуција со која би се осудиле негирањето и обезвреднувањето на холокаустот.
– Оваа резолуција би требала да биде знак за надеж и инспирација за сите оние држави и општества што се стрeмат кон разновидност и толеранција, тежнеат кон помирување и кои разбираат дека сеќавањето на холокаустот е неопходно за да не се повторат злосторствата од таков вид – беше наведено во заедничката изјава на претставниците на Германија и на Израел пред гласањето за резолуцијата, во четвртокот, на 20 јануари во Њујорк. Предлогот на Израел и на Германија бил прифатен од 193 земји-членки на Генералното собрание на ОН, без гласање, а само Иран се дистанцирал од текстот. Генералното собрание на ОН ургирало и до компаниите што водат социјални медиуми да преземат мерки за борба против онлајн антисемитизмот.
– Генералното собрание испрати силна и недвосмислена порака против негирањето или искривувањето на овие историски факти. Игнорирањето на историските факти го зголемува ризикот тие да се повторат – изјавила германската амбасадорка во ОН, Антје Лендерце, по гласањето во ОН.
Германската министерка за надворешни работи порачала дека „никогаш нема да заборават што направила Германија“.
Македонија и меѓународната афирмација на нејзините антифашистички основи на државноста
Со оглед на информацијата дека сите 193 земји-членки на ОН со акламација ја поддржале германско-израелската резолуција за осуда на негирањето на холокаустот, може да се заклучи дека и Македонија како членка на ОН ја дала поддршката при нејзиното усвојување. Дури и да било спроведено вообичаено гласање, би требало да се очекува Македонија да ја даде својата поддршка за секоја резолуција во ОН што се однесува на осуда на фашизмот и холокаустот, со оглед на фактот што антифашизмот, преку одлуките на АСНОМ, е вграден во основите на современата македонска држава и претставува носечки елемент за нејзината потврда и признавање во меѓународен контекст по Втората светска војна. Сепак, воздржаноста на Македонија при едно претходно гласање во ОН за резолуција со која се осудува фашизмот (по предлог од Русија), предизвика недоумица околу одлуката на македонската дипломатија за неманифестирање на меѓународен план на државните антифашистички позиции. Уште повеќе што темата за (анти)фашизмот подоцна се проблематизираше и во билатералните македонско-бугарски односи до степен на услов за македонските евроинтеграции. Имено, Бугарија никако не отстапува од барањето за бришење на фашистичкиот карактер на нејзината окупација на територијата на Македонија во Втората светска војна, како на спомениците во земјава така и во историските учебници. Токму, целокупниот контекст на случувањата во последниве три-четири години, околу условувањата на Македонија за „туркање настрана“ на антифашистичкиот карактер при удирање на темелите на својата државност, создава предизвик за посилна меѓународна афирмација на таквиот факт, што најтранспарентно може да се изрази во Обединетите нации.
– Во повеќе пригоди на меѓународен план, Македонија се однесуваше недоследно следејќи туѓи политики, што никако не ни служеше на чест. Такви предизвици имаше повеќе. Заслепени од политиката на некои меѓународни фактори, Македонија го губи својот образ. Тоа се случи и кога беше поднесена резолуција во ОН за осуда на фашизмот, а ние по обичај застанавме на другата страна. Со таквото свое однесување, Македонија објективно ја поткопува својата меѓународна позиција, што директно се рефлектира и на нашите стратегиски интереси, кои се доведуваат во прашање на еден или друг начин, кога нам поддршката на другите земји ни е исклучително важна. Можеби ова се периферни настани, но нѐ разобличуваат како непринципиелна држава. Оставаме перцепција на држава што не води сметка за своите интереси и суверенитет, туку водејќи се од туѓите интереси заглавуваме во непринципиелност – вели македонскиот дипломат Ристо Никовски.
Вистинската антифашистичка историја не смее да биде заборавена
Историчарот Александар Литовски смета дека однесувањето на македонската дипломатија при гласањето на резолуциите во ОН, што го осудуваат фашизмот и го одржуваат незаборавот на злосторствата од глобални и геноцидни размери сторени во тој историски период, се аматерски, па дури и непотребно полтронски. Гласањето врз основа на предлагачот на резолуцијата и паушална процена на интересот на САД, како стратегиски партнер на Македонија, според Литовски, освен што е непринципиелно, е и непотребно. Тој смета дека САД, секако, не би ѝ забележале на Македонија ако гласа во ОН за предлог-резолуции (кои сепак немаат обврзувачки карактер и се повеќе декларирање на ставови), водејќи се од сопствените национални принципи и интереси.
– Вистинската антифашистичка историја не би смеела да биде заборавена. Не треба да се заборави дека денешниов светски меѓународен поредок се темели врз придобивките од антифашистичката борба и врз системот на Организацијата на Обединетите нации. Никогаш порано државите поделени со идеолошки и политички противречности не се обединиле пред заедничката закана, како што тоа во антифашистичката борба го направиле земјите-членки на антихитлеровската коалиција. На крајот на Втората светска војна, донесени се такви фундаментални документи, како што е на пример Универзалната декларација за човекови права, кои станаа функционален одговор на загрозувањето на светот од милитаризмот и на стремежот за масовно одземање на човечкото достоинство. Оттука, уништување на антифашизмот значи и уништување на воспоставениот меѓународен поредок на Обединети нации и постепено отворање на Пандорината кутија од војни, масовни страдања и еколошки катастрофи – предупредува историчарот Александар Литовски.
Литовски потсетува дека злосторствата против човештвото на фашизмот се антицивилизациски постапки и таквиот став би требало да е општоприфатен и преточен во универзално морално начело. Но исто така потсетува дека постапката во Генералното собрание на Обединетите нации при одобрувањето на нацрт-резолуцијата за борба против величањето на нацизмот, неонацизмот, расна дискриминација и ксенофобијата, оставила сомнеж дека светот е можеби расположен за заборав. Резолуцијата била поддржана од 133 држави. Ама, се спротивставиле САД и Украина.
– Американските сателити, 49 земји од Европа, меѓу нив и членките на Европската Унија, оние наводно „независни“ земји како Норвешка, Исланд, Шведска, Швајцарија и, за жал, нашата Македонија, се воздржаа од гласање и индиректно се обидоа да го спречат нејзиното изгласување. Иако резолуцијата била изгласана, поради американското вето, оваа резолуција не е задолжителна и има само советодавна природа – заклучува историчарот Александар Литовски.