Во втората половина на август топол африкански воздух повторно ќе ја подигне температурата до 40 степени
Деновиве метереопатите имаат сериозни здравствени проблеми. Граѓаните се сведоци на исклучителни температурни осцилации, високи амплитуди на воздушниот притисок и на времето, со повремени интензивни врнежи и невреме во одредени делови од земјата.
Метеоролозите најавуваат дека во наредниот период можеме да очекуваме стабилизирање. Имено, според нив, во наредните денови се очекува смирување на температурните, временските и осцилациите на воздушниот притисок, и постепено искачување на температурата.
– За кратко започнува стабилизацијата на времето. Температурите ќе бидат во постепен пораст. Врнежите ќе престанат, а летото ќе ни се врати онакво какво што го знаеме, врело и топло. Но затоплувањето нема да биде нагло, што е добра вест. И досега најопасно беше кога температурата само во текот на едно деноноќие ќе скокне пет степени, а во изминатиов период амплитудите беа многу повисоки. Овој пат ќе следува постепено затоплување. Од следната недела, пак, доаѓа африканскиот антициклон, кога температурите ќе бидат повисоки од 35 степени и ќе биде навистина топло – укажуваат метеоролозите.
Нашите соговорници велат дека нивните колеги метеоролози веќе му одредиле име на новиот африкански антициклон и го нарекле Нерон.
– Во втората половина на август ќе биде посилно влијанието на африканскиот антициклон врз времето во Македонија. Ова јадро на топол африкански воздух повторно ќе ја подигне температурата кај нас до 40 степени, па може да очекуваме тропски денови и ноќи и вистински летни горештини. Според досегашните прогнози, африканскиот антициклон ќе влијае на временските услови во нашата земја до 25 август, кога го очекуваме крајот на последниот топлотен бран, кој може да ја подигне температурата на воздухот до 40 Целзиусови степени – најавуваат луѓето задолжени за следење и анализирање на временските услови.