Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ја објави намерата на Турција да се зачлени во БРИКС. Доколку апликацијата се прифати, Турција ќе биде единствената членка на НАТО што ќе биде членка на БРИКС. Што всушност значи овој потег на Турција? На што е последица тоа? Ги штити ли бескомпромисно Турција своите национални интереси и интересите на сопствената држава и граѓани и дали ѝ е на Анкара прекуглава од долгодеценискиот престој во чекалницата на ЕУ?
Турција, членка на НАТО и игнорирана претендентка за членка на ЕУ, избира алтернативни патишта заради излез од економска криза и за свој одржлив развој
Според многу аналитичари, не е изненадувачки што Турција конечно реши официјално да аплицира за членство во БРИКС. Оваа алијанса, основана во 2009 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, веќе прераснува во противтежа на глобализмот и досегашниот геополитички поредок, особено во глобалната трговија. Многу од земјите во развој во меѓувреме изразија желба, а некои од нив и аплицираа за членство во БРИКС, а како резултат на тоа алијансата го прошири своето членство и вклучи земји како Иран, Египет и Саудиска Арабија. Но доколку биде афирмативно решена апликацијата на Турција, тоа е еден сосема нов момент. Имено, тоа ќе значи дека Турција ќе биде единствената членка на НАТО во БРИКС, во кој главен збор имаат земјите што се антипод на западните политики.
Политиката на Турција подолго време е различна од надворешните политики на турските трансатлантски сојузници
Според аналитичарите, доколку обидот на Турција за зачленување во БРИКС успее, „тоа ќе биде од корист за тековната потрага на Турција да развие независна надворешна политика, која често се разликува од нејзините трансатлантски сојузници“. Ова е уште еден обид на Анкара да се дистанцира од Западот и априори да не ги прифаќа наметнатите ставови на своите западни сојузници. Имено, Турција на претседателот Реџеп Таип Ердоган е вкоренета во постзападен наратив, кој го обликува нејзиниот политички идентитет најмалку една деценија. Ердоган верува дека стратегиската автономија е турскиот билет за поголема улога на светската сцена.
Иако БРИКС произведува 36-37 отсто од глобалниот БДП, Европската Унија останува главен партнер на Турција за трговија и инвестиции. БРИКС заостанува зад тоа. Но турското образложение за приклучување кон БРИКС се чини дека е тоа што, покрај градењето трговски можности, членството може да ги натера западните сојузници на Анкара да обрнат поголемо внимание на нејзините домашни потреби. Во најмала рака, Анкара се надева дека ќе ја омекнат својата политика на ладно држење на турската престолнина.
Турција има приклучок и кон Западот и кон Истокот
Очигледно е дека Турција сака да ги задржи конекциите со своите трансатлантски сојузници. Но таа сака да има и продлабочени конекции со клучните земји од Истокот, во една ваква актуелна ситуација на создавање баланс во монополарниот светски поредок. Турција со нејзината апликација за БРИКС станува сѐ пофлексибилна, слично како на времето СФР Југославија, а сега Србија, Унгарија и арапските монархии во Персискиот Залив. Според аналитичарите, турскиот претседател „исклучително вешто игра против Русија и против Западот, користејќи ги и предностите на членството во НАТО и неговиот личен однос со Владимир Путин за да ги прошири економските придобивки на Турција“. Во тој контекст, војната во Украина ѝ овозможи на Анкара да ги удвои трговските и енергетските односи со Москва, истовремено поддржувајќи ја Украина преку продажба на оружје, партнерства во одбранбената индустрија – и ограничување на пристапот на руската морнарица до Црно Море.
Членството во БРИКС на Турција е уште еден акт на баланс на Анкара
БРИКС е уште еден инструмент во овој балансирачки акт на Анкара. Членството ќе ѝ овозможи на Турција да ги консолидира своите економски придобивки на т.н. глобален југ, вклучувајќи и во Централна Азија и во Африка, каде што се појави како сериозен економски играч. Турција исто така сака да негува посилни трговски односи со Кина. Анкара неодамна, со посетата на нејзиниот министер за надворешни работи, умешно направи една таква увертира. Имено, посетата беше прва таква, на турски дипломатски претставник на високо ниво, во последните 12 години. Имено, посетата на министерот Хакан Фидан на Пекинг резултира со најава дека водечкиот кинески производител на електрични автомобили, БЈД, е подготвен да инвестира 1 милијарда долари во нова фабрика во Турција!
Од друга страна, светот е во очекување како САД и ЕУ ќе одговорат на новиот геополитички потег на Турција. Останува да се види дали западните сојузници на Турција ќе продолжат да го игнорираат геополитичкиот отклон на Анкара или ќе повлечат цврста линија, која вели дека „членството во БРИКС не е во согласност со претходните обврски на Турција кон западните институции“?!
Желбата на Турција за членство во БРИКС е симптом на менување на глобалните струи
Како блок, БРИКС претставува промена во ставовите на глобалниот југ од прифаќање на либералната хегемонија предводена од Западот кон воспоставување на сè уште неоткриен нов поредок. Желбата на Турција за членство во БРИКС – без разлика дали има намера да го исплаши Западот или да воспостави поголеми економски можности – е симптом на менување на глобалните струи. Тоа ја легитимира потрагата на глобалниот југ за нов поредок. Тоа треба да биде предупредувачки сигнал дека Турција е отворена за алтернативни идеи, а ќе следуваат и други.
Апликацијата за членство на Турција во БРИКС ќе биде разгледана на претстојниот состанок во Казан на 22 октомври. Р.С.
Европа и САД подолго време се во дилема за тоа каков вид односи сакаат со Турција. Членство во БРИКС на Турција дефинитивно (за Западот) би ги искомплицирало институционалните врски на Анкара (со НАТО и со ЕУ). Очигледно, долгото тактизирање на Брисел за зачленување на Турција во ЕУ не отиде на добро и Анкара си најде друга алтернатива. Во тој контекст е и изјавата на турскиот министер за надворешни работи дека ако нивната економска интеграција со ЕУ била крунисана со членство, можеби немало да бидат во таква потрага
Предизвици на Западот со апликацијата на Турција во БРИКС
Анкара ја држат на дистанца: Малку ја сакаат, повеќе ја нејќат
Иако БРИКС засега нема „мускули“ (нема мировни сили, финансиски систем, нема заедничка надворешна политика), тоа наскоро може да се промени. На идеолошко ниво, неговите членови изгледаат обединето. Нивниот заеднички став е дека „Западот не мора да ги решава проблемите на сите“! Но европските земји и САД подолго време се во дилема за тоа каков вид на односи сакаат со Турција. Вистинското членство во БРИКС дефинитивно за Западот би ги искомплицирало институционалните врски на Анкара (со НАТО и со ЕУ). Очигледно долгото тактизирање на Брисел за зачленување на Турција во ЕУ не отиде на добро и Анкара си најде друга алтернатива. Во тој контекст е и изјавата на турскиот министер за надворешни работи дека ако нивната економска интеграција со ЕУ била крунисана со членство, можеби немало да бидат во таква потрага.
Што се однесува до перспективата на Турција за воспоставување нов безбедносен амбиент во Европа по завршувањето на војната во Украина, во врска со таквиот предизвик, аналитичарите размислуваат дека „Турција може да помогне во развојот на иднината на европската одбрана и во зајакнувањето на индустриската политика на Европа“, а „значителната производствена база на Турција може да биде од корист за ЕУ“!
Но низа анализи издвојуваат дека Вашингтон и Брисел „треба да почнат ангажман за Турција, односно за нејзините конкретни барања: Европа и САД треба да идентификуваат начини да најдат стабилност со Турција и да одлучат каде таа ќе се усогласи со европската потрага за поголема геополитичка автономија: а трговијата е добро место за почеток. Трговските односи на Турција со БРИКС растат, додека нејзините долгогодишни економски односи со Европа се стабилни. Турција и ЕУ долго време си поигруваа со идејата за модернизирање на нивниот договор за царинска унија од 1995 година, што ќе им овозможи на турските бизниси да имаат поголема изложеност на европските пазари, а истовремено да ја обноват економската и политичката моќ на Европа низ комплицираната политичка карта на Турција. Р.С.