Посредно или непосредно, односот меѓу Турција и Грција, колку и да е билатерален, се одразува на политиките и во регионот на нивното соседство. Историски, договорите меѓу Турција и Грција во голема мера имаат пресудно значење за Македонците и македонското прашање, особено во егејскиот дел на Македонија. Тоа прашање и понатаму е со кризен потенцијал во македонско-грчките односи, и покрај Преспанскиот договор или токму поради него. Но сега се поставува прашањето и дали и како во геополитички контекст ќе се одрази најновата декларација за пријателство меѓу Турција и Грција
Повод: Потпишана декларација за
пријателство меѓу Турција и Грција
Минатата недела Грција и Турција потпишаа заедничка декларација за продолжување на добрососедските односи. Потпишувањето на декларацијата се случи за време на посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Атина. Некои медиуми се наклонети оваа посета од турскиот претседател на Грција да ја толкуваат како историска, но претходните искуства со почитувањето на меѓусебните договори на југоисточните европски соседи предупредуваат на внимателност во употребата на големи зборови како епитети за билатералните грчко-турски односи.
Има ли разлика од некогашните билатерални договори споредени со сегашниот?
Реџеп Таип Ердоган навистина беше првиот претседател на Турција што пред шест години, во 2017 година, по повеќе од 60 години, отиде во официјална посета на Грција, но секој што тогаш се надеваше на историско зближување остана разочаран. Веднаш на почетокот на разговорите со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос дојде до спор за прашањето за поморските граници на Егејско Море. Покрај тоа, како што и се очекуваше, Грците го одбија барањето на Ердоган за екстрадиција на турските офицери што избегаа во соседната земја по неуспешниот пуч летото 2016 година. Следуваа шест години на студени политички односи меѓу Атина и Анкара.
Овој пат, на потпишувањето на декларацијата, на 7 декември 2023, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека географијата и историјата диктираа да живеат во исто соседство. Повремено во конфронтација.
– Чувствувам историска одговорност да ја искористам оваа можност да ги доведам двете држави една до друга, исто како што се нашите граници – рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
На тоа реплицираше турскиот претседател.
– Не постои прашање меѓу нас што е нерешливо. Сè додека се фокусираме на сликата и на крајот не бидеме како оние што го преминуваат морето и се дават во реката – рече Ердоган.
Турскиот претседател беше во Атина за првпат од 2017 година, по долг период на тензии обележани со спорови околу миграцијата, истражување на енергијата во егејскиот регион, како и за територијалниот суверенитет.
Покрај декларацијата, во Атина беа потпишани и 15 договори од министрите што ги претставуваат Грција и Турција.
Во декларацијата двете страни се обврзуваат да се воздржат од изјави, иницијативи и дејства што би можеле да ги поткопаат или оневозможат словото и духот на декларацијата или да ги загрозат зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот.
Во документот се наведува дека Грција и Турција „ќе настојуваат да го решат секој спор што може да се појави меѓу нив на пријателски начин, преку директни консултации едни со други или со други средства на заеднички избор како што е предвидено во повелбата на Обединетите нации“.
Во декларацијата, сепак, се наведува дека тоа не е меѓународен договор, обврзувачки според меѓународното право.
– Ниту една одредба од оваа декларација нема да се толкува како создавање законски права или обврски за договорните страни – се истакнува во текстот.
Ердоган по средбата со Мицотакис рече дека „Анкара има волја да ги реши сите отворени спорови со својот историски ривал Грција“ и посочи дека се надева на „нова ера“ во грчко-турските односи. Тој истакна дека праведно, „трајно и одржливо решение за кипарското прашање“ засновано на факти ќе биде од корист за целиот регион.
Грчкиот премиер кажа и дека Атина се договорила со Европската Унија да ги продолжи седумдневните визи за турските граѓани за посета на островите во Егејско Море, но и дека планира летоска да ја посети Анкара.
Турција моментално е домаќин на околу 4 милиони бегалци и баратели на азил – главно од Сирија – повеќе од која било друга земја.
Турските граѓани во моментов не уживаат безвизно патување во 27-члената ЕУ.
Може ли декларацијата барем да ја намали недовербата меѓу Грците и Турците
Пред посетата на Ердоган на Атина, аналитичарите на грчко-турските односи, и од едната и од другата страна, како највисоко очекување од неа го истакнуваа придвижувањето на позитивната агенда, да се намали недовербата и да се воспостави добра работна релација меѓу Ердоган и Мицотакис.
Константинос Филис од Институтот за меѓународни односи во Атина укажува на тоа дека не може да се очекува оти по посетата на Ердоган двете земји ќе ги надминат важните точки во спорот меѓу двете земји, затоа што „Турција продолжува да поставува еднострани барања и да има територијални претензии што не се правно втемелени и за кои не може сериозно да се расправа“.
Фуад Аксу, политиколог од техничкиот универзитет „Јилдиз“ од Истанбул, има поинакво мислење и смета дека проблемот лежи во Атина.
– Грција очекува Турција секогаш да излегува во пресрет на нивните барања и да прави отстапки. Ако остане така и во текот на претстојната посета, многу тешко ќе дојде до помирување – укажува турскиот аналитичар.
Влијанието на билатералните грчко-турските односи, ставени во регионален контекст
Посредно или непосредно, односот меѓу Турција и Грција, колку и да е билатерален, се одразува на политиките и во регионот на нивното соседство. Историски, договорите меѓу Турција и Грција во голема мера имаат пресудно значење за Македонците и македонското прашање, особено во егејскиот дел на Македонија. Тоа прашање и понатаму е со кризен потенцијал во македонско-грчките односи, и покрај Преспанскиот договор или токму поради него. Но сега се поставува прашањето и дали и како во геополитички контекст ќе се одрази најновата декларација за пријателство меѓу Турција и Грција.
– Турција речиси со сите земји од нејзиното источно соседство има мешани владини комитети, во кои се разговара и се решаваат актуелни регионални прашања. Дури и кај нас во Македонија едно време почна да се применува тој модел на заеднички владини седници со соседните земји од регионот. Веројатно по тој модел и со таква намера е работена и неодамна потпишаната декларацијата за пријателство со Грција, за која секоја од страните има интерес, односно имаат заеднички проблем за решавање, пред сѐ – проблемот со мигрантите, како и заедничка граница. За Турција, која се чини ги преиспитува своите односи со Западот, оваа декларација е можност да ја поправи сликата за себе пред ЕУ и на некој начин да добие некаква визна либерализација на мала врата. Треба да се има предвид и дека Турција долгорочно стратегиски размислува и за подготовка на некаква поповолна клима и за кипарското прашање, односно за статусот на Северен Кипар, кое и понатаму е длабока рана за турското национално ткиво. Од друга страна, Турција многу се ангажира во блискоисточните судири, па смирувањето на едно потенцијално жариште на затегнатост на западната граница секако би го олеснило спроведувањето на стратегиските проекции и планови на источните граници. Но остануваат големите резерви за историската димензија на оваа средба во Атина и намалување на меѓусебната недоверба на Турција и Грција. Причините за тоа се исто така историски, односно во минатото некогаш двострано, а почесто еднострано не биле почитувани некои нивни меѓудржавни договори. Нивниот договор за размена на население од дваесеттите години на минатиот век има директни последици и за раселувањето на Македонците од егејскиот дел на Македонија. Така што и денес секое поместување на релациите меѓу Турција и Грција треба да се следи внимателно и има потенцијал да предизвика некои процеси во нашиот регион – вели Мелпомени Корнети, поранешна македонска амбасадорка во Турција.
Првиот амбасадор на независна Македонија во Грција, Љупчо Арсовски, смета дека во принцип секој договор, секоја средба на лидери на земји што се во затегнати односи би требало да се одрази во некаква позитивна насока, како меѓу тие две земји, така и во нивното соседство.
– Факт е дека односите меѓу Грција и Турција континуирано се во „состојба на штрек“ на двете страни. Грците и ден-денес кога станува збор за односите со Турција велат дека „живеат со чизмите на нозе“. Секако, во овој геополитички миг, двете страни имаат интереси за олабавување на меѓусебната напрегнатост, иако меѓусебната недоверба се чини секогаш ќе биде присутна. Каков и да е мотивот, добро е да се развиваат односи што водат кон градење мостови меѓу државите и нациите. Историскиот багаж на прашањата меѓу Грција и Турција не ветува дека одговорите ќе се случат прекуноќ, но во секој случај декларирањето на (по)пријателски намери наведува на развој на процесите во позитивна насока, како меѓу тие две земји, така и во нивното соседство – вели амбасадорот Љупчо Арсовски.