Фото: Игор Бансколиев

Во изборните програми на ниту една политичка партија, и од власта и од опозицијата, нема дадено програмски определби или некаква согласност за уставни измени, дури и заради олеснување на евроинтеграциите. А партиските програми можат да се дополнуваат со предлози што ќе бидат протресени со избирачкото тело. Во таа насока се поставува прашањето чии програми и агенди спроведуваат нашите политички елити и пред кого, всушност, полагаат отчет и сносат одговорност за своите политики. Дали пред својот народ и македонските избирачи или пред некои странски центри на моќ, кои бараат да спроведеме некои нивни очекувања? Според аналитичарите, македонските политичари одамна го имаат изгубено сенсот за државниот и национален интерес и целосно се имаат отуѓено од сопствениот народ. За нив е поважно и пресудно што мисли и што кажува некој службеник од Брисел, Париз или Вашингтон, сеедно, отколку што очекуваат и што порачуваат македонските граѓани

Чекорење по партиски траси на кои
политичарите се отуѓуваат од народот

Промената на Уставот и внесувањето на Бугарите во него е само уште едно од низата барања што ѝ беа испорачани на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. И тие барања, поточно условувања, се еден верижен континуитет на претходни големи проекти, кои ги загрозија македонскиот национален идентитет, белези и посебноста како нација и држава. Тој проект упорно се турка напред во име на некаква наводна европска интеграција, а сѐ поочигледно е дека е на штета на македонските национални интереси. Оттука, за издвојување е фактот дека во изборните програми на ниту една политичка партија, и од власта и од опозицијата, нема дадено програмски определби или некаква согласност за уставни измени, дури и заради олеснување на евроинтеграциите. А партиските програми не се еднаш засекогаш дадени, туку тие можат да се дополнуваат со предлози што ќе бидат протресени со избирачкото тело. Во таа насока се поставува прашањето чии програми и агенди спроведуваат нашите политички елити и пред кого, всушност, полагаат отчет и сносат одговорност за своите политики. Дали пред својот народ и македонските избирачи или пред некои странски центри на моќ, кои бараат да спроведеме некои нивни очекувања?

Политички подизведувачи

Според аналитичарите, клучни поединци од македонските политичари одамна го имаат изгубено сенсот за државниот и национален интерес и целосно се имаат отуѓено од сопствениот народ. За нив изгледа е поважно и пресудно што мисли и што кажува некој службеник од Брисел, Париз или Вашингтон отколку што очекуваат и што порачуваат македонските граѓани.
Потврда за ваквите констатации се и неодамнешните изјави на претставници од власта кога велат дека САД знаат да пратат силна порака за важноста од носење на уставните амандмани во функција на евроинтеграцијата и веруваат дека тоа ќе го направат и сега.
Тоа, пак, значи дека нашите политичари се ставаат во улога на подизведувачи и некој друг одлучува за судбината и иднината на македонскиот народ и држава.
Со таквиот поданички однос, кон туѓи центри на моќ, губи смисла и поделбата на власта и изборите, бидејќи потоа целосно се изневерува волјата на избирачите и на македонскиот народ.
Ако некој континуирано турка и спроведува антимакедонски проекти, кои патем никаде не се споменати ниту во изборните програми на партиите, тогаш за каква парламентарна демократија станува збор?!
Според дипломатите, странските политичари по правило секогаш ги следат исклучиво сопствените интереси, а туѓите ги користат како алатка само доколку во некои точки се совпаѓаат со нивните. Во моментов, поради геополитичките случувања, војната во Украина и преуредувањето на светскиот поредок, интересот на глобалните сили е Македонија да се држи во надеж за ЕУ по секоја цена. Какви и колкави лузни ќе остави тоа врз идентитетот на македонскиот народ и државата, на странците воопшто не им е важно, велат аналитичарите.

Истражувања за мислењето и ставот на граѓаните по клучни политички прашања

Токму промените што се бараат, всушност, се од висок јавен интерес за граѓаните и тие на различни начини се обидуваат нивните мислења да допрат до нивните претставници во власта, до институциите и воопшто до оние што се во политиката и се во можност да одлучуваат.
Последното истражување на институтот за демократија „Социетас цивилис“ и фондацијата „Кондрад Аденауер“ покажува дека две третини од вкупниот број на испитаниците (или 65 отсто) не се согласуваат со вметнување на Бугарите во Уставот, како услов за продолжување на преговарачкиот процес со ЕУ. Само 26 отсто од анкетираните сметаат дека треба да се направат уставните измени. Гледано од аспект на етничката припадност, силно или апсолутно мнозинство од 80 отсто од етничките Македонци се против уставни измени, додека, пак, 53 отсто од испитаниците идентификувани како етнички Албанци даваат поддршка за уставните измени.
Поддршката за уставните измени кај припадниците на албанската малцинска етничка заедница е разбирлива со оглед на фактот што ним со ништо не им е загрозен идентитетот, дури напротив, преку евентуалните уставни измени албанските партии очекуваат нови отстапки во нивна полза.
Интересно е што дури 59 отсто од тие што гласале за СДСМ на претходните избори се изјасниле дека се против промена на Уставот и внесување на Бугарите во него, се вели во истражувањето.
Претходно во друга анкета, на фондацијата „Кондрад Аденауер“, дури 57,1 отсто од македонските граѓаните се изјасниле дека се против францускиот предлог, кој практично беше и појдовна точка за сегашните барања за уставни измени.
Но наспроти ваквите силни и јасни пораки од македонските граѓани, македонските политичари продолжуваат со политиките на отуѓеност од базата, со недостапност, политичка ароганција, неодговорност, со прифаќање на уцените однадвор и оглушување од гласот на сопствениот народ.
– Дури и да почнат преговорите (по уставните измени), дури и да се согласиме со сите уценувања и понижувања од соседните држави (притоа не заборавајте дека допрва ќе пристигнат нови и пострашни ЕУ-уцени и понижувања за сите земји од соседството што не се членки на ЕУ, не само за Македонија), ирационално, неразумно, нелогично, па дури и бесмислено е да се очекува дека Македонија брзо, во наредните триесет години, ќе стане полноправна членка на ЕУ. Според сегашното устројство на Унијата, за воведување алтернативи за полноправно членство на Македонија во ЕУ и/или за отстранувањето на правото на вето на земјите-членки на ЕУ треба консензус од сите членки: тоа ниту денес ниту во далечна иднина нема да се оствари, па така, преговорите ќе траат бесконечно долго, дури и да предадеме и да продадеме сѐ! – оценува претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, во своја анализа.

Ништо не е дефинитивно завршено ако не е коректно направено

Повеќето аналитичари се едногласни дека за македонските политичари, и од власта и од опозицијата, прв и единствен приоритет треба да бидат заштитата на интересите на државата и на граѓаните, зацврстување на националниот и унитарен карактер на државата преку највисокиот правен акт, а не распродавање на националните и идентитетските обележја.
– Премногу ја истрошивме Македонија и ја подјадовме нејзината национална супстанција – вели професорот Гале Галев, нагласувајќи дека е крајно време да се заштитат македонските национални интереси.
И Урн Брунбауер, светски признаен научник од институтот „Лајбниц“ од Ретенсбург, смета дека бугарските барања во однос на Македонија се „опасен преседан“, со фактот што билатерален спор за прашања што немаат врска со приемните критериуми станува составен дел од пристапните преговори.
Ништо не е дефинитивно завршено ако не е коректно направено, рекол американскиот претседател Линколн пред многу години. На меѓународен план во однос на Македонија ништо не е коректно направено. Ниту промена на името, ниту сегашните уцени и условувања во однос на промените на Уставот. Сите овие акти и дејанија се спротивни и на меѓународното право и на документите и резолуциите на највлијателните светски организации.
Затоа крајно време е за исправање на неправдите што ни беа наметнати и враќање на дигнитетот и достоинството на македонскиот народ и држава. А тоа може единствено ако се заштитат и одбранат македонските национални интереси и не се дозволи и понатаму да сме жртва на „аргументите на силата и моќта на посилните“


Холандски експерт предупредува на нови уцени од Бугарија

Холандскиот експерт за Балканот, Ханс ван ден Берг, вчера предупреди дека битката за позицијата генерален обвинител на Бугарија ќе има влијание и врз односите меѓу Скопје и Софија. Тој вели дека внатрешната битка во Бугарија ќе донесе последици по Македонија, на која новите бугарски власти ќе ѝ испорачаат нови барања.
– Видете ја заднината на ГЕРБ/ЕПП, партија позната по повеќекратните случаи на поврзаност со корупција/кронизам/криминал и сега повикана од бугарскиот претседател Радев да ја формира новата бугарска влада. Македонија може да очекува исполнување на нови серии барања, почнувајќи од идентитетски прашања до деловни зделки – смета Ван ден Берг.