БИТКА МЕЃУ ТРАНСАТЛАНТСКИТЕ ТИТАНИ
- Вашингтон е тој што ги поставува условите и темелите на идната цивилизациска алијанса, односно новиот трансатлантски сојуз. Во моментов ЕУ е многу далеку од идеите на Трамп и прашање е дали некогаш ќе се приближи. Во плановите на Трамповата МАГА, Македонија добива шанса да го наметне својот суверенизам преку своите ресурси и знаење, како и капиталниот автентичен национален код – христијанството
Можеби ќе звучи контроверзно, но во реално време се случува интерамерикански идеолошки конфликт меѓу неолибералите и суверенистите (конзервативците предводени од Доналд Трамп). Овој цивилизациски судир се одвива на европска почва, а секако дека и во самата Америка. За нас е поинтересно да анализираме што и зошто се случува тој идеолошки судир и во Европа. Секако, тој е поттикнат од американската администрација затоа што ЕУ до вчера не веруваше дека е можно толку брзо и толку сериозно да се растресат нејзините неолиберални темели, но дојде и тој момент.
Администрацијата предводена од Трамп, најавувајќи ресетирање на односите со ЕУ, но генерално и со Европа, реши да покаже како ќе се одвива овој процес играјќи на својата суверенистичка карта во центрите на европската моќ, но и на тајната влада, која некои ја нарекуваат длабока држава, токму во Давос и во Минхен. Лани на Минхенската безбедносна конференција американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во историски говор им кажа на Европејците како Америка ги замислува заедничките трансатлантски односи, притоа упатувајќи низа критики и давајќи насоки каде треба да одат промените во Европа. Годинава американските суверенисти дојдоа на глобалистички терен и во Давос, но и во Минхен. Токму во Минхен државниот секретар Марко Рубио го изнесе планот на Вашингтон за „цивилизациската алијанса“ меѓу САД и Европа. Изгледаше многу помеко од Венс, но повторно токму Вашингтон е тој што кажува каков партнер гледа во Европа, а не како Европа сака да ги гради односите со Америка.
КАМБАНИТЕ ЧУКНАА ЗА „НЕОЛИБЕРАЛНАТА ДОГМА“
Ќе ги наведеме клучните точки од американската стратегија кон Европа. За САД поствоеното обединување на Европа довело таа да се зарази со „догмата“ на неолиберализмот, кој цути по Студената војна. Оваа теза ќе ја ставиме на чист терен – за Вашингтон неолиберализмот е идеологија не помалку штетна и опасна и од комунизмот. Не е тешко да претпоставиме што претпоставува тоа. Тоа, според Американците, придонело континентот да ослаби, особено воено, но и економски, па станал воено зависен од Америка, добивајќи бесплатна одбранбена заштита. Потаму, редат други проблеми – економски, но особено енергетски зависни. Потоа вашингтонската стратегија оди на друго ниво, кое е чисто идеолошко – „…елитата почна да се залага за сè порадикални концепции за глобализам и панхуманизам, што ги наведе да ги отфрлат и поткопаат основните начела на западната цивилизација: западната вера и вредности, националниот суверенитет, слободата на изразување, слободните пазари и верувањето во политиката“.
Доналд Трамп и Рубио објавија дека една од главните цели им е ребалансирање на трговијата со европските сојузници и намалување на нивната економска зависност од непријателските сили, пред сѐ Кина и Русија. „Соединетите Американски Држави без извинување ќе се стремат кон избалансирана, реципрочна трговија со европските нации. Ќе се спротивставиме на обидот на ЕУ да се претстави како ’регулаторна суперсила’ и ќе се спротивставиме на правилата што дискриминираат американски бизниси или имаат екстратериторијални ефекти врз американските потрошувачи“, се потенцира во стратегијата.
МИСИОНЕРСКАТА ДЕЈНОСТ НА ТРАМП ВО ЕВРОПА
Трамп објавува уште една мисионерска дејност во Европа – бранење на цивилизациските вредности и повторно потврдување на националниот суверенитет. И тука можеме да видиме каква идна цивилизациска алијанса сакаат да изградат тие. Америка е решена да ги осуди „антидемократските дејства што ја ограничуваат слободата на говорот или слободното практикување на религијата и ќе се спротивстави на употребата на закон за забрана на политичките противници. Во здрави општества, граѓаните можат сами да одлучат кои кандидати, идеи и политички движења вреди да се изберат, без потреба од глобалистичка интервенција или елитна модерација“. Да наведеме некои земји каде што американските радари фатија ваков бриселски интервенционизам и задушување на демократските слободи: Молдавија секако, потоа Романија како најеклатантен пример, но и Германија, со притисоците кон АфД, и Франција, со судските процеси против Ле Пен, но и терор против десничарите. Дали на овие радари би можеле да ја фатат и Македонија? Секако да, затоа што еден американски амбасадор не многу одамна јавно кажа дека тие помогнале да се скрши раката по изборите на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, но владата мораше да ја прави СДСМ со Заев. Потоа текот на историјата ја уништи Македонија како суверена земја менувајќи ги насилно нејзиниот идентитет и историја. Доволно за суверенистичка акција.
Сепак, една од клучните поенти на овој иден трансатлантски сојуз, освен суверенизмот, како свој темелен постулат ги има христијанските вредности и тука со Европа тешко дека ќе се пронајдат во некоја блиска иднина. Очигледно е дека европскиот христијански брод е далеку отпловен на ширно море од своето вековно пристаниште. Денес стотици и стотици цркви и катедрали низ Европа зјаат празни, во нив наместо верници влегуваат туристи, но и ги закупуваат припадници на други конфесии.
Сорос против фондацијата „Херитиџ“
Да појасниме зошто „Америка против Америка“. Во конкретниот случај јасно е дека се води еден идеолошки конфликт меѓу едно општество со длабоки неолиберални корења во Европа, а е засадено од Џорџ Сорос. Иако сега се секнати парите што од мрежите на Сорос одеа до стотиците невладини организации за да ја шират идеологијата на отворените општества, но и неограничените слободи на поединци и маргинални групи, тие станаа и алатка за уривање влади преку револуции, а ние ја знаеме нашата „шарена“. Контратежата на Сорос, чија идеологија сега во Минхен ја продаваше неговиот син Алекс, е фондацијата „Херитиџ“, која е перјаница на американскиот проект МАГА.
Мисијата на младиот Сорос во Минхен беше да испрати сигнали до европските либерали дека тие не се заборавени и ќе имаат поддршка, но нивна поддршка ќе се бара за изборите во Америка по три години „за да може Трамп да се урне“ и да продолжат да функционираат врзаните неолиберални садови. Во моментов тоа изгледа како невозможна мисија, затоа што зад Трамп стои извонреден суверенистички тим што Америка ја измери по сите димензии и точно знае како треба да одат политиките понатаму.
Македонија мора да се позиционира во идната цивилизациска алијанса
Но што е со Европа, а со тоа и со Македонија, затоа што планот на Трамп ја има предвид цела Европа и таа им дава задачи за суверенистите. Трамп ќе стори сѐ, а сега и финансиите преку „Херитиџ“ ќе ги насочи низ Европа, суверенизмот да влезе во фаза на процут, а тоа не е само сигнал за Македонија туку и огромна шанса да застане сигурно и без страв на суверенистичкиот колосек. Нам треба да ни биде јасно дека Американците не го препознаваат европскиот суверенизам во лицето и политиките на Европската народна партија (ЕПП), предводена од Германецот Манфред Вебер, туку во многу подесни политички сили. Во Германија тоа е конкретно АфД и Трамп игра на таа карта.
За Македонија не е во прашање на прост избор дали сме за и со Европа, туку дали сме во тек со промените и дали сме подготвени да влеземе како суверена нација во идниот цивилизациски сојуз. Нашите политики треба прецизно да ги калибрираме токму за остварување на тие цели, а „Нова Македонија“ веќе подолго пишува за сите слоеви на суверенизмот во една држава каква што е Македонија со нејзините ресурси, специфики, предности и одредени слабости. Македонија го има својот најголем капитал токму во она што е темелот на МАГА – христијанството. Таа мора да се претстави како носител на европското христијанство, како земја што го негува и развива верскиот код веќе два милениума, и да се држи до тој темел, кој, за среќа, не може да се продава.
Европа го бара новиот идентитет, што значи дека е во криза
Европа сега е во фаза на барање на својот нов идентитет, а тоа значи криза. Според словачкиот премиер Роберт Фицо, „таа се соочува со најдлабоката криза во својата историја, со економски проблеми влошени од недостиг од лидерство и немање долгорочна визија во Брисел….со ризик да стане културен музеј на отворено“.
Словачка и Унгарија се најгласни кога станува збор за енергетската криза, но за тоа прстот сѐ почесто го насочуваат кон Украина. И колку и да се биде објективен, во моментов станува сѐ појасно дека Украина претставува сериозен ризик и европски проблем – енергетски блокира делови од Европа, но и воено дејствува како центрифуга врз целиот континент.
Од друга страна, Брисел сега е ставен во позиција дека мора да им даде нешто на Украинците, а тоа е брзо членство во ЕУ. ЕУ и тука е поделена, и работите нема да одат многу мазно. Веќе гледаме блоковски поделби, но најголема промена може да биде преместувањето на лостот на европската сила, кој сега е во франкогерманскиот сојуз. Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани неодамна во интервју за „Кориере дела сера“ на прашањето дали Италија поддржува брз прием на Украина, рече: „Ја поддржуваме интеграцијата на Украина, но Балканот е на прво место. Имаме обврска кон нив и тие се приоритет за нас. На 3 март ќе бидеме домаќини на состанокот на ’Пријателите на Балканот’ во Рим. На 1 април ќе бидеме во Белград со германскиот министер Вадефул за да испратиме сигнал за нашата загриженост до Србија. Ќе ја поддржиме Украина, која треба да постигне напредок“.
Секако дека овие позиции ја отсликуваат моменталната нејаснотија со бриселските планери околу брзото проширување на ЕУ, односно создавање европска втора лига. Практично, Македонија заедно со Црна Гора и Албанија, и евентуално Украина, Молдавија и Србија, би биле третата лига на земји, без право на глас или свои комесари, и прашање е каков ќе биде нивниот пристап до фондовите, додека првата лига на земји ќе бидат Германија, Франција, Италија, Холандија, Шпанија и Полска, а местото на другите ќе им биде во втората лига и ќе гледаат како главните ги решаваат сите важни прашања. Но ова во моментов се само идеи и планови. Зашто малкумина веруваат дека ЕУ како ваков проект ќе опстои доколку се укине гласањето со консензус.


































