Фото: „Нова Македонија“

Ако балансерот беше навистина „европски успешен рецепт“, зошто тогаш не се пренесе и во соседните земји како Бугарија, Грција, Албанија каде што македонската и некои други етнички заедници се истото она, ако не и повеќе, што е албанската во Македонија! За ова нашите соговорници дури иницираат и дебата со теза дека на меѓународната сцена излегува дека не само македонскиот устав е наводен проблем со меѓународна „тежина“ за ЕУ и меѓународната заедница, туку идентични се игнорираните проблеми што се скриени во уставите на Бугарија, Грција и на Албанија по основ на универзалните вредности на ООН и ОБСЕ, кои важат за сите држави!

Краток осврт на судбината на балансерот низ дискурсот на дипломатскиот кор во Македонија

Ноторен факт е дека членовите на дипломатскиот кор акредитиран во Македонија се исклучително активни, уште од осамостојувањето на Македонија. Тој феномен е присутен и до ден-денес, со некои мали падови како што е деновиве, но неговата кулминација беше во 2001 година, во воениот конфликт. Тогаш странските дипломатски мисии, главно амбасадите на САД, Велика Британија, Германија, Турција…, се подразбира и на сите соседни земји, крстосуваа низ Македонија многу интензивно, се разбира и со причина -Македонија тогаш беше отворено безбедносно жариште.
Во наредните години, како по инерција, таквата тенденција продолжи, при што во клучни моменти сепак и јавноста препознаваше и посилни дипломатски замешателства, дури и кога се работеше за чисто внатрешни работи на Македонија.
Во последно време, пак, наши соговорници ни обрнуваат внимание дека „се појавил еден невообичаен феномен, поврзан со алатката балансер, кога дипломатите од некоја причина не покажаа специјална заинтересираност за неговата судбина, иако сите референци на Охридскиот договор (како што е балансерот) отсекогаш биле во дипломатскиот зенит на заинтересираност“. Што е причината за тоа?
Имено, кога се отвори динамична расправа за судбината на балансерот, а со тоа и за Охридскиот рамковен договор како негова генерална рамка со легитимитет, странските амбасадори небаре целосно ги снема од јавноста.
Аналитичарите педантно ја препознаа оваа појава и се обидоа да постават своја политичка дијагноза. Консултирајќи се со нив за ова, на прашањето зошто дипломатите стивнаа во врска со балансерот, од соговорниците добивме интересни одговори.

Уставот со години предмет на отворен дипломатски отстрел

Балансерот и неговите референци беа едни од основните причини од уставноправната материја, кои со години беа предмет на опсервации од страна на поголемиот дел од дипломатите на големите држави во Македонија. И тоа не само на дипломатите од големите влијателни земји туку вклучувајќи и на Бугарија, Грција, Албанија и не толку често Србија… Балансерот и референците од Охридскиот договор беа предмет на анализи, отворени забелешки, добронамерни совети, па дури и на агресивни сугестии, насочено специјално кон наметнување и усвојување потреба за дополнителни законодавноправни измени на позитивното право (закони и подзаконски акти), односно нешто слично како што тоа се случи со „безбројните амандмани“ на највисокиот правно-политички акт на Македонија, кој го претворивме во „швајцарско сирење“.
Патем, споменат парадокс во овој контекст е тоа што за влегување во ЕУ, измена на македонскиот Устав (за Бугарите во Македонија) бараа и држави како Велика Британија, која пак излезе од ЕУ?!
Но, битното за издвојување сепак дојде од американската амбасада, особено откако за амбасадорка дојде Анџела Прајс Агелер, која во јавноста излегуваше со цврст принципиелен став дека „за состојбите во државата треба да одлучуваат македонските граѓани“, а дипломатските мисии се тука да поддржуваат и набљудуваат на дистанца!
Се разбира дека некои од дипломатите и тоа како „тарашкаа во македонските државни работи“, навидум со протоколарни посети, но и со лично присуство на настани со одреден актуелен домашен државен врв. Но на сите тие тука им останува обврската како „професионалци на дипломатијата“, во случајот балансерот – како дел од Охридскиот договор, а и по него (на пример со Законот за правична застапеност), да го проследат како започнат процес за да се доведе во ред и на вистинското место и по форма и по содржина, сообразено со Уставот и другите закони.

Балансерот, доколку бил ефективен, можел да се префрли и во други
држави?

Според нашите соговорници, професори, дипломати, аналитичари и новинари „во целата ситуација една друга позиција се наметнува како причина за молкот на најголемиот дел од дипломатите, дури и оние што директно учествуваа во донесувањето на Охридскиот договор и воспоставувањето на балансерот“.
– Како што на Македонија ѝ беше наметнат внатредржавно балансирачкиот метод по математички, иако со нереални бројки, на формирање и функционирање на државниот апарат, бидејќи и по 30 години самостојна држава не е утврдено ниту колку население има, ниту неговата структура, „балансирачката методологија“ лесно можеше да се префрли како „успешна“ опција и во други држави, пред сѐ во соседните Бугарија, Грција, Албанија, како и во некои други европски држави – истакнуваат нашите соговорници.
Хипотетички, ја поставуваат тезата во вид на прашање зошто методот на досегашното македонско „балансирање“, ако беше „европски успешен рецепт“, не се пренесе и во соседните земји како Бугарија, Грција и на Албанија каде што македонската и некои други етнички заедници се истото она, ако не и повеќе, што е албанската во Македонија! Тогаш, издвојуваат соговорниците како теза за дебата, е дека на меѓународната сцена излегува дека не само македонскиот устав е наводен проблем со меѓународна „тежина“ за ЕУ и меѓународната заедница, туку идентични се игнорираните проблеми што се скриени во уставите на Бугарија, Грција, и на Албанија по основ на универзалните вредности на ООН и ОБСЕ, кои важат за сите држави!?
Во колкава мера и со какви ставови во јавната расправа, која е во тек, за Законот за рамноправна застапеност и дали воопшто ќе се вклучат експертите од странските амбасади во Македонија или својот молк ќе го покријат со експертизата на Венецијанската комисија, која не мора да биде обврзувачка за Македонија, допрва треба да се види, во една провокативно дебатирачка теза, истакнуваат нашите соговорници, аналитичари и високи интелектуалци. Р.Н.М.