Албанскиот етнички предизвик версус идеите за унитарна, стабилна и просперитетна македонска држава

Погледи

ЕВРОПЕИЗАЦИЈА НА БАЛКАНОТ

На Балканскиот Полуостров дваесеттиот век, уморен од својата последна деценија, беше запишан со крвави букви во поновата историја на балканските народи. Раздори, војни, преселување на население и етнички чистења, делби и прогони. Човечките трауми и општествено-економскиот колапс на балканските држави беа логична последица од неприродниот чин на меѓусебно напливната идеолошка, верска и етничка омраза. Конечно, по сите неразбирливи националшовинистички манифестации, преовлада потребата да се живее заедно на балканскиот простор!
Последните триесетина години бевме свидетели на многубројни мировни договори, но и на договори за пријателства и соработка помеѓу балканските држави. Сите балкански држави, освен Србија, го признаа Косово како независна држава, но остана како нерешено прашање членството на Косово во меѓународните организации (поради противењето на Србија и повикувањето на меѓународното право).
Преспанскиот договор за промена на името на македонската држава беше своевиден пример за двојните стандарди на меѓународната заедница. Пример како во сомнителната хиерархија на човечко достоинство во современиот европски правен систем, една држава си зема за право да ѝ го смени името на друга држава?!
Меѓутоа, имаше и многу други неформални медијации (успешни и помалку успешни) од претставници на големите светски сили и меѓународни асоцијации, со амбиција да се „европеизира“ нашиот полуостров. Во заднината на сите тие мирољубиви обиди за пријателска помош и медијација од меѓународната заедница, секогаш се оцртуваше нова картографија на балканскиот простор, кој е мост помеѓу два брега – Европа и Азија. Колку повеќе се оддалечуваат двата брега еден од друг, толку понестабилно е да се живее на Балканот. И тука не станува збор само за географската сеизмичка тектонска активност, туку и за културните, етничките, историските, но и современите политичко-економски консидерации во светлината на новата динамична и противречна светска геополитика.

ДАЛИ ИМА ЕВРОПСКИ ДУХ ВО НЕОДАМНЕШНАТА „ПРИВАТНА ПОСЕТА“
НА ПРЕМИЕРОТ НА КОСОВO НА ОПШТИНИТЕ ЧАИР ВО СКОПЈЕ И ТЕТОВО

Непримерното однесување на албанските политички лидери од Албанија и Косово кон македонската држава е зачестена појава по потпишувањето на рамковниот договор во Охрид во 2001 година.
Не верувам во „ненамерните грешки“ во говорот на г. Сали Бериша или во говорите на косовските политички лидери кога тие гостуваа во Македонија и со своите домаќини го чествуваа Денот на албанското знаме. Ниту, пак, г. Еди Рама случајно, без намера да провоцира (?!), изјавуваше неколкупати во последните неколку години дека „без Албанци нема да ја има Р Македонија“?! Така што, навиката да бидеме слепи и глуви за сѐ што се случува кога станува збор за индивидуалните права и граѓански слободи на Албанците во Р Македонија се претвори во наша неуспешна државна доктрина и лоша политичка практика.
Оттука, сосема е логична храброста на актуелните градоначалници на Чаир и на Тетово да го поканат на гости премиерот на Косово, г. Курти, без да го почитуваат македонскиот државен протокол, кој прецизно наведува како се пречекува премиер на друга држава кога е во посета на Р Македонија. Нека е и приватна посетата. Ама не е приватен просторот во центарот на Чаир и Тетово. Тој простор е дел од територијалниот интегритет и државниот суверенитет на македонската држава. Не е приватно полициското обезбедување за време на посетата на премиерот на Косово. Чаир и Тетово се македонски општини. На плоштадите на тие две општини мора да се вее македонското државно знаме, заедно со знамето на албанската етничка заедница! Да не говориме за тоа дека истакнувањето знаме со границите на голема Албанија и пречекот на косовскиот премиер со песната „Добре дојдовте во Албанија“ веќе не е само прашање на пристојност туку и на одговорност пред македонскиот устав и законите во државата! Пред почетокот на секоја манифестација спонзорирана со државни пари задолжителна е употребата на државната химна. Така треба ако сте држава во вистинската смисла на зборот и ако ве водат државници што си ја сакаат државата и го почитуваат македонскиот народ. Се разбира дека треба да се почитуваат и правата на националните малцинства! Ама и правата на националните малцинства се дел од државниот суверенитет на Р Македонија!
Албанското малцинство или „делот од албанскиот народ што живее во македонската држава“ претставува 24,6 отсто (попис во 2021 година – домицилно население) од македонското граѓанство. Што се случува со правата на другите 75,4 отсто македонски граѓани што не се Албанци?!
Секое право е стекната награда. Секоја награда е обврска да возвратите со почитување на правото на другите! Не треба никогаш да се заборави дека конститутивен народ на македонската држава е македонскиот народ. Исто како што е албанскиот народ во Албанија, српскиот во Србија или турскиот во Турција! Впрочем, максимата „Македонија на Македонците“ била основниот супстрат на македонската антифашистичка борба за слободна држава.
Во Народноослободителната борба учествувале и припадници на националните малцинства што живеат на просторот на денешна Р Македонија. Меѓутоа, главната сила на македонските слободарски сили биле Македонците. Тркалото на историјата никогаш не може да се врати наназад. Ниту пак колективната меморија да се избрише.
Впрочем, пописот на населението во 1948 година ја одразува структурата на автономното населението во Народна Федеративна Република Македонија. Вкупното население според тој попис изнесува 1.152.986 жители. Од тоа како Македонци се изјасниле 789.648 или 68,4 отсто, како Албанци 197.389 или 17,1 отсто, како Турци се изјасниле 95.940 или 8,3 отсто, како Срби се изјасниле 29.721 или 2,5 отсто, како Роми 19.500 или 1,6 отсто и како Власи се изјасниле 9.511 или 0,8 отсто. Сите други етнички групи изнесуваат 1,3 отсто (Хрвати, Словенци, Црногорци, Муслимани, Руси, Бугари, Германци, Чеси, Унгарци, Романци, Италијанци и Словаци). Од пописот јасно се воочува дека Македонците и другите етнички заедници учествуваат со 82,9 отсто во севкупното население во НФР Македонија, а Албанците се помалку од една петтина во севкупното македонско население.

ВОЕНИОТ КОНФЛИКТ ВО 2001 ГОДИНА, РАМКОВНИОТ ДОГОВОР ОД ОХРИД И ПОСЛЕДИЦИТЕ ШТО ПРОИЗЛЕГОА ЗА СИТЕ МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ

Воениот конфликт во 2001 година во Р Македонија беше и сѐ уште е неразгатната енигма зошто, како и кој го осмисли тој конфликт. Да се потсетиме малку на состојбите во Р Македонија пред конфликтот. Во периодот 1999/2000 година се одвиваше еден огромен инклузивен циклус на интеграција на етничките заедници во Р Македонија и нивен значителен придонес во изградбата на новиот концепт на граѓанската димензија на македонското општество. Тој концепт е последица на вековно напластените мултиетнички, мултиконфесионални и мултикултурни влијанија, но и процеси на цивилизациско-културни интеграции помеѓу македонскиот народ и деловите од други народи што живеат на македонскиот државен простор. Се преземаа вистински реформски зафати, кои сами по себе водеа кон политички, економски и културен исчекор напред. Почнаа преговори за воведување на албанскиот јазик во високото образование и отворање универзитет во Тетово. Вработувањата во државните институции беа реализирани во согласност со принципот на рамномерна застапеност на етничките заедници во државата. Во подготовка беше закон за употребата на националното знаме на албанската етничка заедница и на другите етнички заедници во општините каде што е уставно застапена одделна етничка заедница.
Останува нејасно зошто тогаш се случи стационирање на „нелегитимни вооружени формации“ во граничните македонски села со Косово – Малино Маало, Брест и Танушевци во есента 2000 година. Што е уште пострашно, тие „нелигитмно вооружени единици“ влегуваа на македонската државна територија од Косово, територија што во тој момент беше меѓународен протекторат на ООН. Причинско-последично се случија подоцнежните воени дејства со жртви на припадниците на македонската армија и вооружените сили на ОНА. Започнаа крвопролевања, се оштетуваа станбени објекти по селата и градовите, се уништуваше родот по нивите, исчезнуваше сточниот фонд, се вршеше терор врз невиното цивилно население. Институциите на Р Македонија ја повикаа меѓународната заедница да интервенира, со цел да се прекине воениот конфликт.
Во актуелните состојби на македонската држава сите молчат како занемени, како сите да имаат амнезија и никој ништо не се сеќава?! Има уште живи свидетели како се одвиваа преговорите во Охрид. Охридскиот рамковен договор беше изнудено решение за престанок на воениот конфликт во Р Македонија. Сите негови клучни одредби се преточени во Уставот на Р Македонија, со 18 амандмани што ги дефинираат правата за употребана јазикот, писмото и симболите на етничките заедници во Р Македонија, таму каде што тие етнички заедници на локално ниво се застапени над 20 отсто во однос на севкупната популација во одделни општини. Суштински е да се знае дека локалната самоуправа не е дел од државниот суверенитет и е целосно подредена под централната државна власт, во согласност со Уставот. Од особено значење за ставање „ад акта“ на сите понатамошни обиди за некакви нови, дополнителни барања на албанската етничка заедница во Р Македонија е овозможување на употребата на албанскиот говор во Собранието и употребата на албанскиот алфабет во личните идентификациски документи.

ЗАКЛУЧОК

Со имплементација во Уставот на Р Македонија, рамковниот договор е само еден архивски документ и тој нема никакво значење за унапредување на односите помеѓу македонскиот народ и деловите од други народи што живеат на територијата на Р Македонија. Пледирањето на која било од етничките заедници да се издигне над македонскиот национален супстрат е политичка фатаморгана, која води до исчезнување на македонската држава. Особено се опасни барањата за нова државна химна, ново државно знаме и претворање на делот на албанскиот народ што живее на македонската државна територија во конститутивен државен супстрат?! Таквите барања се образложуваат со потребата од инклузивност и чувството на еднаквост на граѓаните Македонци со албанска етничка припадност со граѓаните Македонци припадници на македонскиот национален супстрат. Меѓутоа, тоа експлицитно значи систематско и континуирано уривање на унитарноста на македонската држава.
Независно од нашата етничка припадност, Р Македонија ќе опстане како држава само тогаш кога ќе се гордееме со тоа дека сме државјани на Р Македонија и кога ќе разбереме дека тоа е наша заедничка татковина! Кој е лозунгот за опстанок на македонската држава?! Етницитетот само како култура на живеење, емоција, традиција и разбирање за другите што живеат во Р Македонија. Затоа што само културната вредност е единствената верба и чувство за она што е важно, корисно и посакувано за идентитетот и благосостојбата на сите граѓани. „Каменот си тежи на местото“ и ретко кој припадник на албанската етничка заедница ќе се реализира повеќе како човек и како професија доколку се обиде повеќе да постигне заведен од илузијата за обединета албанска држава на Балканот! Во таа смисла, приватните посети на политички лидери од друга држава не можат да ги решат нашите домашни проблеми. Никој не е среќен кога во неговиот дом, братот, комшијата или некој близок пријател (колку и да му е мил) му ги „суредува“ животот, семејството и иднината?!
Навидум изгледа како голема победа на етничкиот концепт да се разгради, обезличи и подели македонската држава, ама дури тогаш кога ќе ја урнисаме, сите ќе разбереме што сме изгубиле!