Фото: Фејсбук/Еди Рама

Албанија е заложник на спорот меѓу нашиот сосед Македонија и Бугарија, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама во обраќањето на Конференцијата на претседателите на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ), што се одржува во Тирана.

Рама рече дека нема друго решение освен трпение на овој пат и изрази загриженост за многуте проблеми со процесот на евроинтеграции.

– Процесот кон ЕУ е невротичен процес. Албанија е заложник на ќорсокакот меѓу нашиот сосед, Северна Македонија и Бугарија. Тоа е една од оние ситуации што ЕУ може да ги создаде. Нема книга и искуство, ниту какво било објаснување како може да се третира. Како можеш да останеш заложник на споровите меѓу двете земји. Но, еве тоа е – како што велеше Доналд Трамп. Не смееме да го изгубиме трпението и желбата за Европа – рече меѓу другото Рама во своето обраќање.

Истакна дека Европа е во секој план на Албанија и е првиот слободен избор на неговата земја, бидејќи „досега сме биле под власта на различни империи против нашата волја“.

– Целта на Албанија е да ја промовира соработката и мирот во Европа. Во нашите планови нема друга алтернатива освен Европа имаме многу да му дадеме на регионот бидејќи проблемите можат само да создадат поделби – порача Рама.

На Конференцијата учествува и претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери.


Балканските народи треба да пораснат и да го остават минатото зад себе

Премиерот на Албанија Еди Рама денеска оцени дека балканските земји треба „да пораснат и да заборават на збрките од минатото“.

Рама на 18. Конференција на Јадранско-јонската иницијатива во Тирана истакна дека „не треба да заборавиме колку профитираа другите на наша сметка, на неволјите што самите си ги направивме“, пренесува „Коха“.

– Тука сме за да останеме. Србија нема да оди никаде, како ни Хрватите и Црногорците. Сите ќе бидеме тука. Мораме да пораснеме и да ги заборавиме сите неволји кои си ги создадовме еден на друг. Имаме уште долг пат да одиме, но денес сме на подобро место во споредба со тоа каде што бевме – рече премиерот на Албанија.

Тој ја нарече ситуацијата во Украина „исклучителна лекција“, додавајќи дека таа треба да се продолжи по патот на мирот.

– Денешната реалност покажува што може да се постигне со мир и соработка и каква загуба е да се инвестира во омраза, поделеност, вознемиреност – рече Рама.