Посветувајќи им редовно простор на пензионерските здруженија, особено на нивните напори за обезбедување квалитетни содржини за разните видови организирање, овој пат обележуваме еден дел од тие активности. Станува збор за Здружението на пензионери од МВР, кои имаа можност да ги угостат своите колеги од Србија
Пензионерски игри во Охрид
Пензионерите од Македонија активно се организираат за квалитетен пензионерски живот. Во тие рамки дури се организираат и прекугранични средби со пензионери од соседните земји. Еден таков пример е забележан изминатиов викенд, кога Здружението на пензионерите од МВР во Одморалиштето на МВР во Охрид ги пречека своите колеги од Србија, пензионерите од Сојузниот секретаријат за внатрешни работи.
Три дена дружба, прошетки, спортски натпревари и забава поминаа како да беше еден ден, велат домаќините.
– На пат за Охрид сакавме да им ги покажеме убавините на нашата Македонија.
Ги пречекавме на влезот пред Скопје и по топлото добредојде се упативме кон Гостивар. Нашите гости беа восхитени од градот Гостивар, особено од убавата храна. Патот нѐ носеше кон манастирот „Свети Јован Бигорски“. Манастирот воодушеви со својата убавина и топлиот дочек на монасите. Мораше да се види и Струга да се застане на мостот на Дрим за да се види и доживее како реката Дрим истекува од Охридско Езеро и се упатува по нејзиниот тек.
Другиот ден во саботата на спортското игралиште покрај Охридско Езеро ги одржавме и спортските натпревари. Три екипи во три дисциплини од двете здруженија ги покажаа своите спортски вештини. Резултатите воопшто не беа важни, најважно е убавото дружење, кое продолжи во манастирскиот комплекс „Свети Наум“. Попладнето не изостана ниту прошетката низ Охрид. Во неделата ги посетивме Билјанините Извори и се упативме кон Скопје, каде што следуваше кратка прошетка. Задоволни од пречекот гостите си заминаа за Белград и, секако, нѐ поканија да им ја возвратиме посетата. Беше тоа прекрасно дружење со многу убава енергија – ни изјавија организаторите на оваа интересна средба. П.Р.